Казна од 570 милиони евра за Мастеркард
22 јануари 2019Официјален Брисел во јули 2015 година упати жалба до американската компанија, која според Еврокомисијата го има вториот по големина систем за плаќање со картички во европскиот економски простор, кој покрај земјите од ЕУ, ги вклучува и Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Жалбата се однесуваше на тоа што според прописите на Мастеркард, банката на продавачот каде картичката била употребена, имала обврска да наплати провизија во земјата седиште на продавачот со што се попречувало барање на подобри услови за плаќање со картичка во банките ширум Европа.
Пред 9 декември 2015 година, кога во сила стапија европските прописи со кои е воведен горен лимит за провизиите, тие значителоно се разликуваа од една до друга земја.
Истрагата на Европската комисија утврдила дека поради прописите на Мастеркард продавачите плаќале поскапи банкарски услуги отколку што би ги плаќале доколку слободно можеле да изберат поевтини банкарски услуги ширум Европа.
На тој начин се зголемувале цените како за продавачите, така и за купувачите, била ограничена прекуграничната конкуренција и вештачки бил поделен единствениот европски пазар, наведе денеска Еврокомисијата.
Еврокомесарката за пазарна конкуренција Маргрете Вестагер изјави дека прописите на Мастеркард вештачки ги зголемувале трошоците на плаќање со картичка што им нанесувало штета како на потрошувачите, така и на продавачите во ЕУ.
Казната инаку е намалена за 10 проценти поради соработката на компанијата со иследниците на Европската комисија. Американската групација соопшти дека веќе ги има изменето сопствените прописи, за да се усогласат со регулативите на ЕУ од декември 2015 година и оти не е потребно сега да ја коригира својата трговска пракса.