Заев задоволен од предлогот на Силва и Вархеји
21 мај 2021Македонскиот премиер Зоран Заев вели дека постои „добра основа“ за надминување на бугарската блокада во ЕУ која оневозможува да започнат пристапните преговори на Северна Македонија. Неколку часа претходно, бугарскиот технички премиер Стефан Јанев и министерот за надворешни работи Светлан Стоев јавно порачаа дека „не може да се очекува промена во националната позиција“ на нивната земја.
По обидот на португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји преку блиц-посети на Скопје и Софија да посредуваат во спорот и да ја отстранат блокадата со неколку старо-нови предлози, останува нејасно дали има некакво помрднување на позициите и какви се шансите за напредок во следните недели до јунската одлука на ЕУ.
„Имаме добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со ЕУ со решение кое не задира во македонските идентитетски прашања и за кое сме убедени дека е прифатливо и за круцијалните позиции на Бугарија“, рече Заев по средбата со европските дипломати.
Силва потврди дека за неговата земја, како актуелен претседавач со ЕУ, еден од приоритетите е отворање на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија.
„...Еден од најважните процеси којшто е приоритетен за нас, секако е проширувањето. Тоа е навистина битно прашање за нас и во моментов имаме два тековни процеси и сме во очекување да ги одржиме првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија“, рече Силва.
Ваквиот оптимизам засега не го делат водечките политичари во Софија. Оттаму, уште претпладнето стигна „студен туш“ откако, најпрво бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев порача дека „не може да се очекува промена во националната позиција“ на неговата земја, а истото подоцна го потврди и техничкиот премиер Стефан Јанев. Повеќе бугарските медиуми тврдат дека официјална Софија веќе го отфрлила компромисниот предлог на португалскиот министер.
Стоев притоа повикува на дијалог, додека претседателот Румен Радев соопшти дека Бугарија „не бара декларации, туку јасни гаранции за нашата национална безбедност и за нашите национални интереси“.