ЕУРОСТАТ ќе и’ држи лекции на Владата за пописот
12 октомври 2011На барање на македонската Влада, ЕУРОСТАТ бил вклучен во оценување на состојбата со пописот, а целта била да се види дали пописот ќе биде спроведен во согласност со меѓународните препораки за пописи, вклучувајќи го концептот на вообичаено место на престој, информираат од ЕУРОСТАТ за Дојче веле.
Тимот за оценка, составен од меѓународни експерти за попис, направил ревизија на подготовките за пописот преку пет мисии во земјата.
„Врз основа на нивните извештаи, ставот на ЕУРОСТАТ беше дека Државната пописна комисија ќе биде во можност технички да спроведе веродостоен попис. Како и да е, политичката комплексност беше воочена како висок ризик за соодветна имплементација на пописот. Пораки за овој ризик повеќе пати беа доставувани до Владата и Државната пописна комисија“, стои во писмениот допис од ЕУРОСТАТ до македонската редакција на Дојче веле.
Од оваа институција информираат и дека „тимот за оценка од ЕУРОСТАТ ќе подготви извештај за спроведувањето на пописот и за лекциите што треба да се научат, кои ќе бидат доставени до Владата“.
„Пописот на населението е многу значаен дел од статистичката инфраструктура, која што е потребна за креаторите на одлуки да донесат јасно засновани економски и социјални одлуки“, заклучуваат од ЕУРОСТАТ.
Автор: Александар Методијев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска